На отворањето на фестивалот, во сабота (21-ви мај) ќе се
претстават поетите финалисти избрани од жири комисијата на чело со
претседателот Бранко Цветкоски. Наградите ќе бидат доделени во недела (22-ри
мај) на свечена манифестација.
Четиринаесетте финалисти беа избрани во конкуренција на
125 поети од земјава и повеќе балкански земји. Тоа се поетите: Исток Улчар,
Наташа Василевска Трајчевска, Митре Мангоски Радождански, Невриј Адеми, Надица
Тренчева, Слаѓана Ставрева, Константин Карев, Ивана Китаноска, Валентина
Трајкоска, Маријана Давиткова, Митко Гогов сите од Македонија како и Вања
Савова, Катја Вангелова, Пламен Димитров Парнарев од Бугарија.
„Годинашната поетска жетва, најригорозниот, би рекол
златниот одбир на гостиварскиот и меѓународен фестивал „Литературни Искри“ се
одликува со суптилна тематска архитектоника, со разнородна но високо мотивирана
стилска изведба, со бројни микропоетички градации на темите на современата
личност загледана и упатена кон големите очекувања, пресвртите и жестокостите
на животот, со уверлива експонажа на внатрешната устројба на песните“, пишува
во својот осврт претседалот на жири комисијата, поет, критичар и есеист Бранко
Цветкоски.
Поетскиот фестивал „Литературни искри“ го организира
Центарот за култура АСНОМ од Гостивар во чест на 24 мај-Денот на сесловенските просветители.
Настанот е поддржан од Министерството за култура. Дел од
поетите кои учествуваа на конкурсот по избор на жирито ќе бидат застапени во
заеднички алманах, кој ќе се промовира на манифестацијата.
No comments:
Post a Comment