Sunday, April 14, 2019

Мирисај!




Цветовите за мирисот липов ги прашав.
Ми рекоа: Да цветаме и да мирисаме
е дарбата наша.

Листовите за мирисот липов ги прашав.
Рекоа: Да блескаме и да засенчуваме
е дарбата наша.,

Гранките за мирисот липов ги прашав.
Рекоа: Да ги крепиме лисјето и цветовите,
e дарбата наша.

Стеблото рече:
Јас да ја носам крошната,  сум створено,
за мирисот на цветот липов
прашај го коренот.

Коренот ми рече:
Зародишот на мирисот спие во семето,
а ќе се јави тоа
кога на од дрвото врвовите,
ќе прекапат цветовите.

И уште,
рече коренот:
По  патеката на мирисот не трагај,
додека липите цветаат,
мирисај, мирисај!

Филип Димкоски

Се спасивме




На тревникот во паркот, пред зградата
никна пролет, што свежо издишува
со безброј бели ради
на тревата нов живот се испишува.

Посакав бели ради да скинам,
букет да направам,
пролет и дома да однесам,
во вазна да ги ставам.

Мисла ми прекори.
Да им ги скратам соковите –
грев е тоа да се стори.

Сепак скинав,
направив страк,
паркот го одминав.

Го слушнав звукот на косилките,
цветовите што рацеве ги скинаа
ножевите на машините ги одминаа.

Ја искосија тревата
сосе цветовите,
на тага замирисаа парковите.

Цветовите од мене набрани
останаа несотрени, а расцветани,
на неколку дена барем
ја победија судбината,
сѐ уште пиеја сонце и вода
и ја даруваа убавината.

Филип Димкоски






Повик




И ако под земjи пропаднеш,
има еден ритам
што ја разорува тишината
и те крева до вишнината.

Од тој ритам на срцето
во градите му е тесно,
станува врело, пламено и бесно.

Распослано е тоа тогаш,
од долини до планини,
вришти и чука
во седум осмини.

Во грлото кога
песната од чукундедо ја слушаш,
илјада кавали свират,
тропаат в душа,
дајриња и тапани
ги будат сетилата заспани.

Слушаш ќемане – срце да ти застане,
тарабука и тамбура – во тебе  бура,
глас на зурла – возбудено урлаш,
па двојанката, па удот, па шупелката
па украсот – на гајдата писокот,
а од тебе на постоењето врисокот.



Во гласот на пејачот,
во чие грло сто славеи пеат,
го сеќаваш духот на минатото,
со предците разговараш,
умираш и пак се раѓаш.

Пулсираат низ тебе
и саклетите и касметите,
и благословите и клетвите,
и виденијата и сочиненијата.

Кандила ти се палат во очите,
снагата ти се наежува,
морници од ритамот те лазат,
ти дожежува.

Немоќен си да доискажеш
што ти се случува,
од тој ритам  што те возбудува
и ти намнисува
дека:
Само она што в срце го носиш,
само тоа си ти,
тоа сум и јас,
и од мене, и од тебе дел  е
тој исконски глас.

Филип Димкоски

Божјиот глас




Лисјето од ветер поддувнати шумолат,
гранките се виткаат – крцкаат,
дождот удира врз лисјето тие плускаат,
штурците се огласуваат – свират,
секоја тревка знае кога да шушне
секоја птица знае кога да пее,
а кога другата птица да ја слушне.

Звуците слеани
во олимпска симфонија
печат се семоќен
на космичката хармонија.

И сите тие милиони звуци,
и сите тие творци на звукот,
знаат во кој миг да здивнат,
сосема да се угасат,  да стивнат,
да ја остават во немост дивината,
да ја слушнат најмоќната – тишината.


Се знае:
кога тишина, кога звук.
Потоа тие се испреплетуваат
и двата сојузника
создаваат музика.

Научувам:
Колку треба да молчам
пред уста да отворам,
колку треба да слушам,
пред да пејам и проговорам.

Ќе научам:
Да фатам ритам со природата,
да сум созвучје со акордите на одата,
да знам кога сум гласче,
кога – глас, кога – гласиште
во праизворната полифонија,
јас само да ја надополнам
божествената мелодија.



 Филип Димкоски


Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...