Во осумдесетгодишното постоење на првиот македонски дневен весник Нова Македонија испечатени се безброј страници посветени на афирмацијата на македонските млади уметници. За голем дел од нив, нашиот весник, натаму станал верен следач на нивниот раст и нивните домашни и меѓународни успеси...И Нова Македонија, продолжува во тој правец отворајќи нови страници за нови уметнички имиња. Денес разговараме со Давид Павиќ, млад пијанист од Скопје.
Голема е храброста да се тргне професионално во светот на уметноста и духовноста, во толку материјално општество. Од каде мотивот и храброста професионало да се занимаваш со музика и колку е важна поддршката на вака избраниот пат?
Сè започнува со љубовта кон инструментот, која ми се вроди на седум годишна возраст. Мојот постар брат одеше на часови по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луj’. Во кабинетите каде се одржува настава, имав прилика и чест да му пријдам на инструментот и така се одлучив тоа да биде мојот животен пат. Мотивот и храброста за да се посветам на музиката дојде од мојата љубов кон инструментот, но и од желбата за интерпретација која би допрела до луѓето. Музиката за мене е еден вид на духовна поврзаност со себе , композиторот и публиката , истовремено изразување на емоции кои тешко се опишуваат со зборови. Поддршката од семејството, но и од професорите , колегите и публиката е исклучително важна за продолжување кон овој пат. Таа е потик за истрајност и надминување на сите предизвици, кои се неизбежни во музичката кариера но најважна е сопствената упорност и посветеност.
Не само што вложуваш особен труд во вежбањето, туку се трудиш на најдбар можен начин тоа да и го претставиш на публиката. Па, кои се најдрагите и најважните твои досегашни настапи?
Морам да кажам дека секој насатап е подеднакво исклучително важен и мора сопствената интерпретација да го задржи нивото. Но, кога би издвоил тоа би биле моите солистички точки во малата сала на Филхармонијата, во средно училиште, на пролетните концерти и новогодишните концерти во Музеј на македонската борба во организација на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, рецитал во Театро Марчело во Рим , во организација на Полихимнија, каде настапив како солист , дел од трио и како пијано соработник. Освен солистичките настапи се пронаоѓам и во камерното музицирање и правам обид во аранжирње и оркестрација на познати дела, меѓутоа се обидувам и во сопствени композиции. Освен солистички настапи ,посебно ми се драги соработките и музицирањето со моите сакани и драги колеги. Го издвојувам настапот во Будимпешта колегите Филип Велковски , Јана Јовиќ и Магдалена Дрмач, како еден од моите најомилени настапи како квартет, бидејќи нашето пријателство го прикажавме преку музиката и публиката го забележа тоа.
Твоите настапи вклучуваат и дела на македонските композитори како Имери, Завков и други. Дали сметаш дека македонските композитори се доволно вклучени во концертните програми на македонските инстументалисти, која е твојата омилена македонска композиција и кој ти е омилен македонски композитор?
Желбата кај моите врсници, колеги пијанисти, можам да кажам дека за жал 3 многу мала, но пополека започнува да се јавува одредена заинтересираност. Интересно е да се спомне за мојот настап во Рим каде нотите од Ревиско оро oд Милан Завков ги побарав од проф. Дино Имери . Тоа се случи пет дена пред да летам за Рим. Имав многу голема желба да го научам орото и да го изведам пред странската публика. За нив тоа беше изненадување и беше многу позитивно прифатено. Продолжив да го изведувам делото и во Белград , Нашице, Вараждин и Будимпешта. Јас ќе продолжам да го изведувам ова и уште многу други дела од нашите автори. Омилена македонска композиција ми е Рапсодија за Скопје од Александар Џамбазов. Кога би требало да издвојам омилен македонски композитор, не би можел да издвојам. Меѓу омилените би ги спомнал Драган Шуплевски , Ристо Аврамовски , Томислав Зографски и Панде Шахов.
А светска композиција и композитор...?
Мојот омилен композитор е Рахманинов а омилено дело ми е неговата втора симфонија, посебно третиот став. Неуспехот на првата симфонија го турнала Рахманинов во депресија со тоа што неколку години не компонирал. Ова дело е значително важно бидејќи тој се издигнал над депресијата и емоционалната криза, најпрвин со компонирање на вториот клавирски концерт а потоа и со оваа симфонија.Втората симфонија не само што ни ја прикажува неговата емоционална зрелост, таа ни го прикажува и неговото закрепнување како човек и уметник.
Добитник си на повеќе награди, а си посетил и повеќе мастер класови во земјава и во странство, си настапувал и во меѓународни рамки...Колку се важни тие меѓународни културни размени и какви се твоите искуства?
Навастина ми е драго да кажам дека сум имал можност да посетувам мастеркласови кај прекрасни професори, како Александар Седрар, Туту Ајдиноглу, Давиде Месачи , Марко Албрицио, Милица Шкариќ а исто така сум имал и прекрасни искуства во меѓународни проекти. Еве ,би го издвоил нашиот престој во Рим преку Полихимнија , како едно прекрасно искуство кое ми овозможи да имам мастеркласови по пијано со еминентни професори и исто така да учествувам во тие мастеркласови, како пијано соработник. Мојот престој во Вараждин во рамки на проект помеѓу училиштата ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј “ и Музичкото училиште во Вараждин, ни овозможи една исклучително важна размена на искуства и знаење и работа со прекрасни професори. Овие меѓународни размени и искуства се повеќе од важни, бидејќи се клучни за понатамошен успех и не завршуваат само со знаење и искуство, туку и со бројни пријателства кои траат.
На почетокот си на твојата музичка кариера, се уште си студент, но што ти недостасува во Македонија или што ти е неопходно за непречено и успешно да се развива твојот музички талент?
Во Македонија би кажал општо дека недостасува една подобра промоција на класичната музика. Кога би се промовирала повеќе класичната музика низ образовните институции, по автоматизам би привлекле поголема публика, која би била и сегашна и идна. Развојот на секој музички талент се состои од работа и вежбање, но успехот доаѓа само со израз на својата индивидуалност како уметник и човек.За мене, тоа е и клучниот момент. Секој може да се посвети, да го совлада материјалот и меморизира даденото дело, но умешноста е во тоа, да им се даде живот на нотите.
Каква музика сака да слуша Давид, за своја душа, кога не вежба и не настапува?
Кога не вежбам и не настапувам, сакам да се одморам и најмногу слушам џез , посебно Бил Еванс кој ми е омилен поради стилот и индивидуалноста која ја поседува. Неговата емоционална длабочина , хармонија и софистицираност го прават уникатен и безвременски. Освен Бил Еванс го слушам и Оскар Питерсон, Паул Десмонд и многу други. Слушам музика што говори и раскажува.
Разговорот го водеше: Филип Димкоски
Објавено во Нова Македонија