Wednesday, September 21, 2016

Поетско-музичка вечер со Филип Димкоски и Џина Папас Џокси

По Прилеп, Скопје, Битола, Струмица, Кочани, Нови Сад, Ниш, Пехчево и Свети Николе, следи десеттото претставување на „Божилак на исконот“ од Филип Димкоски.

Книгата ќе биде претставена во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ -Скопје (Дом на градежниците) на 29.9.2016 (четврток) од 19.00 часот.

Промотор е проф. д-р. сц. Васил Тоциновски.

Ова ќе биде осмо претставување на книгата во Македонија, а десетто ако се сметаат и двете претставувања во Србија, заедно со изданието на српски јазик.

Дваесет и девеети  септември е Светски ден на срцето, и ќе се потрудиме да ви ги разнежниме срцата, да ги наполниме со убави зборови и звуци.

За ова десетто претставување, достапни ќе бидат последните десет од вкупно 520 примерока од првото издание на „Божилак на исконот“.

Дали ќе има второ издание, дали се спремаат нови препеви, кои се следните настапи..За сето тоа ќе дознаете на настанот. Повелете.




















Sunday, September 18, 2016

КОНКУРС

Дом на просветните работници
                                                                                           Детски литературен фестивал „Ракатки“
ул.„Ангел Димовски“ бр.4 -Скопје
тел.и факс 02 2460 582


Фестивалскиот одбор на Детскиот литературен фестивал „Ракатки“-Скопје
 распишува


К О Н К У Р С

за најдобри литературни творби за Детскиот литературен фестивал „Ракатки“2017

1.Темата е слободна – во поезија или  куса проза.
2.Творбата да биде напишана на македонски литературен јазик.
   Учесниците од другите националности, кои живеат во Македонија, можат творбата да ја
   достават и на својот мајчин јазик, покрај преводот на македонски литературен јазик.
3. Право на учество на Фестивалот имаат сите ученици од Македонија на возраст од 8 до 15
    години.          
4. Секое училиште може да учествува само со една литературна творба оценета и  избрана    
    како најдобра исклучиво од својата литературна секција, со записник оверен од Директорот   
    на училиштето. За да им се даде можност на повеќе ученици и ментори да учествуваат на оваа    
    манифестација, литературната секција да не ги повторува учесниците од претходните 
    фестивали.
5.Творбата се доставува отчукана на компјутер  во еден примерок со име и презиме на  авторот,   
   одделение и училиште, како и име и презиме на менторот, негов  мобилен телефон и e-mail на
   адреса:
Славка Арсова
ул. „Јуриј Гагарин“ бр. 25 / 9
1000 Скопје,
тел. 02/ 3080 – 699; 070/541-144

6. Конкурсот е отворен до 30. 11. 2016 година.
    Творбите кои не ги исполнуваат пропишаните критериуми и кои ќе пристигнат по
     определениот рок нема да се земат предвид за разгледување и оценување.
7. Од сите пристигнати творби според овој Конкурс, жири комисијата на Фестивалот (составена    
    од писатели за деца и млади) ќе избере 30 најдобри творби рангирани во три наградни  
    категории: прва награда 10 творби; втора награда 10  творби и трета награда 10 творби со кои  
    авторите ќе настапат на  Фестивалот.
8. Одлуката на Жири комисијата ќе биде објавена на 15. 12. 2016 година.
9. XIII Републички детски литературен фестивал  „Ракатки“-2017  ќе се одржи во април
    2017 година.


Фестивалски одбор
                                                                                                                                    Претседател

                                                                                                                            Славка Арсова                                                                      

Saturday, September 17, 2016

Есента со поезија ќе ја славиме


  • 29.9.2016-Поетско музичка вечер со  Филип Димкоски и Џина Папас Џокси со претсавување на „Божилак на исконот“ од Филип Димкоски за која ќе говори проф. д-р Васил Тоциновски (Дом на културата „Кочо Рацин“-Скопје, 19.00 часот)

  • 8.10.2016-Промоција на поетските книги „Ода за Орфеј“ и „Ораница“ од српската поетеса Снежана Алексиќ-Станојловиќ. Промотор и водител: Филип Димкоски  (ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп, 19.00 часот). 


  • 23-30.10.2016 - „Дуга искона“ -српско издание на „Божилак на исконот“ ќе биде претставена на Меѓународниот саем на книгата во Белград на штандот на Пром Продукција.

  • 28 и 29.10.2016-Претсавување на зборникот „Сите ние сме деца господови“ во издание на Култура снова од Загреб и Пром продукција од Обреновац каде Филип Димкоски е  застапен со поезија на хрватски и ромски јазик. Поетско читање,  доделување на награди и пофалници, во рамките на Меѓународниот саем на книгата во Белград.

  • 28.10.2016-Промоција на „Дуга искона“ во библиотеката „Милутин Бојиќ“ во Белград. во 19.00 часот. Промотор: Снежана Алексиќ-Станојловиќ.

  • Ноември-промоции на бугарското издание на „Божилак на исконот“ во Стара Загора, Казанлак и Софија. Книгата е во издание на ИК „Палмира“ од  Стара Загора.

Видео: Неделна приказна за животот



Ја знаете ли Добрила Чабриќ? Поголемиот дел од вас, знам дека не. А голем дел ја слушнале можеби само како име.
Така ние им велиме „благодарам“ на уметниците што одбележале  години, децении и векови во државава и надвор од неа, што со своите вонвременски способности, квалитети и карактеристики ја претставиле нашата култура, и над се што ни овозможиле да научиме многу за страста кон љубовта и страста кон животот.

Ама за среќа, на вистински духовно големите луѓе што знаат како на вистински начин да го живеат животот, и не им е толку битно дали некој ги памети, дали им се оддаваат признанија, дали се славни или богати.

Свој свет граделе со години и се она што го направиле со благодарност, страст, љубов и верба кон животот, ако никој друг, Универзумот ќе го запамти.
Ќе го запамти како благост, како добра мисла и позитивна енергија.

Во вторава саботна приказна за животот, ви ја преставувам Добрила Ивановска Чабриќ.
Родена е во 1925 година. Гевглеичанка која го сврти светот со песна и глума и потоа, стави точка на уметничкото патување и се врати на крајбрежјето од Дојранското езеро.
И денес живее таму. И вежба и пее,  вози со својот автомобил до Гевгелија, се дружи со пријателите, телефонски контактира со пријатели и колеги од светот.

Кога имаше 85 години на Фестивалот на монодрамата во Битола, ја изведе монодрамата „Методот на Мис Маргарида“ во режија на  Виолета Џорлева. Во монодрамата актерката се обраќа на јазиците што ги говори,

Исклучокот е во тоа што госпоѓа Добрила Чабриќ со театарската публиката очи в очи застана по пет (и повеќе) децении. И тоа во театар во кој како млада, многу млада (на 16-17 години) почнала да го совладува актертскиот занает: во 1945 година станала членка на тукушто основаниот Македонски народен театар во Скопје, одиграла ликови, го напуштила во 1957 година како искалена актерка, заминала во Театарот на Таразије во Белград во кој била следните седум години, некако и "легнала комедијата" и направила нов пресврт - станала естраден уметник. И тоа ниту било кој и ниту било каков. Нејзин свет станала песната со која како членка на "Дуото Нанос" речиси го обиколила светот. Пеела, се забавувала, танцувала, учела јазици (денес говои дури седум)... Таа и животот со неа се поигрувале. И во 1980 година ставила точка и на естрадната кариера: се населила во Дојран за кој и денес тврди дека е нејзин благодет. (Лилјана Мазова-„Енергијата на Добрила Чабриќ е лекција по живот“, Глобус, 2012)

Јас ја имам огроманата среќа и чест да ја познавам оваа госпоѓа, понекогаш да се дружам со неа. На ланската промоција на „Божилак на исконот“ во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, Добрила Чабриќ беше водителка, пееше, рецитираше. Имам многу што да кажам и напишам, но еве ова видео ќе ви покаже за каква воодушевувачка животна енергија станува збор. Да не заборавиме, Добрила, на видеово има 91 година.




Saturday, September 10, 2016

Видео: Саботна приказна за животот



Flory Jagoda е восанско-американска кантавторка и интерпретаторка на песни на ладино јазикот (јазикот на Сефардите, Евреите од Шпанија, кој е во изумирање). Родена е во Сараево во 1923 година. Детството го поминала во Власеница, а за време на војната живеела во Корчула. Потоа се преселила во САД и до ден денеска живее. И не само што се уште е витална, туку се уште пее и настапува.

Таа својот живот го посвети на музичката и лирската драдиција на босанските Евреи. Дел од своите песни ги научила од својата баба, а пеее и детски успивалки, песни за прстите на рацете, романси за напуштениот дом во Шпанија, песни во чест на праѕникот Ханука, песни ѕа опсадата на Ерусалим...
Флори е култна фигура на американската етно музика. Има снимено многубројни албуми со сефардски народни песни а снимила и свои авторки композиции.

Нејзиниот глас е млад и убав, а нејзиното пеење е невозможно да се научи. Тоа е најоригинален начин на пеење на шпанските мелодии споен со ориенталните и препознатливите балкански ритми.

Мене од се, најмногу ме воодушеви истрајноста, енергијата иако има 93 години. Слушајќи ја патував со ритмите, и ја осетив душата на Сефардите. Во продолжение просследете една нумера. И кога некој по се преживеано, може се уште да пее, замислете се над бессмисленоста на нашето кукање и незадоволство од животот. Флори покажува и докажува дека животот е убав. Пријатни мигови.








Sunday, July 10, 2016

Каде е поезијата, таму е виното, каде е виното таму е љубовта...

По седумнаесетти пат на 2 и 3 јули 2016 година во градот Мелник се одржа Меѓународниот поетски фестивал Мелнички вечери на поезијата.



Отидоа поетите од Бугарија  Македонија, Србија и Република Српска во средиштето на градот, меѓу песокливите ридови, начичканите куќи, камените улички, столетните јавори и неузреаните лозја, за низ нив  да го протнат зборот, ако има место. И имаше.

Мелник ги собира оние чие оружје е зборот, но честопати токму нив знае тотално да ги разоружа со својата посебност, природност...



Организаторите по седумнаесетти пат прават поетско чевстување каде сакаат да го кренат на пиедестал поетот, да му дадат значење на уметникот, на создавачот, на пишувачот и како главна цел да ги сплотат славјанските народи и нивниот поетски и воопшто литературен збор.

Прва уметничка програма беше литературното кафе во хотелот „Деспот Слав“ во Мелник, каде беше преставен  поетско-прозниот зборник на учеснички на Мелничките вечери на поезија насловен „Нежност на жена“ во издание на ИК „Мелник“.

Таму се сретнаа поетите и поетесите, младите и возрасните, новите и редовните автори...Се уживаше во изговорениот и прочитаниот збор.

Имаше и дегустација на вина. Значи првпат се сретнаа поетот, виното и зборот.



Гостите имаа малку време по литературното кафе, да одморат, да прошетаат или во сопствена режија да го искористат времето до почнување на главниот официјален настан на фестивалот.

Во 20.45 во хотелот „Мелник“ започна фестивалската вечер. Се послужи аперитивот и возбудата почна да расте. Се успори дишењето и се забрза ритамот на срцето. Следуваше доделувањето на наградите.

Организаторката Катја Ерменкова заедно со Иван Топалски создадоа атмосвера на исчекување, да биде интересно, да биде возбудливо, никој претходно да не знае дали е награден или не е..Со тоа  секој да потврди пред себе си и пред другите дека дошол да чита и слуша поезија, да се дружи и да ужива, а не дека дошол само и само за награда.




Жирито во состав: Зорица Органџиева од Бугарија,  Денко Ранглелов од Србија и Никола Сарајлија од Македонија одлучи да ги награди учесниците доц. д-р Улиана Паскалева од Благоевград со прва награда, потоа втора награда добија Живадинка Весељиновиќ од Србија и  Тања Станиќ од Хрватска, а третонаграден е Филип Димкоски од Македонија.

Одликувања добија Емануела Колева од Бугарија и Јелена Ранчев од Србија. Наградата за најдобра песна за Мелник ја доби проф. д-р Иван Цветановиќ од Србија,а наградата за најдобра песна за виното и припадна на Милјана Игнатовиќ Кнежевиќ исто така од Србија.

Специјални награди од ИК „Мелник“ добија Дарка Хербез од Република Српска и Наташа Василевска Трајковска од Македонија.

Наградени беа и хаику песните од претходно распишаниот конкурс. Првонаградена е Милена Дрпа од Република Српска, втора награда за Драган Ј. Ристиќ од Србија и третонаграден е Душан Мијаиловиќ Адски од Србија.

Наградатата за животно дело ја доби Недељко Терзиќ од Србија.

Следеше доделување на наградите и читање на наградените песни, проследено со внимателно слушање од многубројната публика, со аплаузи, со коментари...Милина.


Потоа следеше песна. Со песни на повеќе јазици не почести украинската пејачка Галина Тимофеева и бугарската пејачка Христина Маркова.

По душевната храна и богатство од музиката и стиховите следеше вечера. Атмосферата веќе беше свечена, опуштена, весела...Уживање.

По веселбата, здравиците, честитките за наградените, стапи полноќ. Во друг простор на хотелот започна „Слободен микорфон“. Веќе во сосема поинаква и поинтимна атмосфера се прочита поезија, се разговараше, се дебатираше, се споделуваа впечатоците од она што поминало.  Некаде пред да стапи зората, од кога поетите сфатија дека не успеаја со збор да ги подлажат ѕвездите да се симнат, тие  од умор заспаа.

Следниот ден по појадокот и посетата на Музејот на град Мелник, следеше рецитал на неколку учесници поети. Рециталот се одржа во Кордопуловата куќа каде традиционално имаше и дегустација на мелнички вина.  Претставување на творештвото имаше македонскиот поет Никола Сарајлија а за неговото творештво зборуваше Иван Котев. Беше претсавена и книгата „Акварел“ од Андон Шавулев.



За време на ручекот беше претсавена книгата „Горноџумајски рецепти“ од Христина Маркова. Своето претставување авторката го направи сама читајќи  многу емотивен расказ со кој започнува книгата.

Во толку многу време се случија толку многу настани, толку многу средби. Јас тоа го нарекувам набиена емоција. И таман мислиш срцето нема веќе сила да дава и зема, пак се отвора и ја прима радоста и убавината на животот. 
 
Нека и догодина одѕвонува поетското ехо  создадено од  гласот кој се одбива од песокливите ридови на Мелник.

Благодарам за љубовта и убавината.

Автор: Филип Димкоски
Фотографии: Мелнички вечери на поезијата 





Saturday, June 25, 2016

Репортажа: Поезија, полни срца и мирис на липа

(Кон десеттата  меѓународна уметничка колонија Панонски бисери)

Секој пронаоѓа некаква врска со нешто или со некого. Тајни или откриени секогаш постојат тие врски. Во природата на човекот е да се поврзе. Не знам зошто...Можеби за да не падне длабоко или да не летне високо...па ете се врзува.

На 18 и 19 јуни Нови Сад ги поврза четириесетина творци кои ја негуваат врската со поезијата, љубовта, природата...Се собраа поетесите и поетите од Србија, Македонија, БиХ, Хрватска, Словенија,  но и од Германија,Австрија и други места.

Поводот е раѓање и смрт. Десетгодишнина од една смрт и десетгодишнина од едно раѓање. Десетгодишнина од смртта на големиот српски поет и новинар Душко Трифуновиќ и десетгодишнина од „раѓањето“ на Меѓународната уметничка колонија „Панонски бисери“.
Бисер по бисер, во два дена нанижавме еден ѓердан со стихови, музика, разговори, шеги па и по некоја расправија. Ама до секого допре и тоа  позитивното и негативното. Но, среќа е тоа.
Да. Значи се уште сме живи. Се уште умееме да чувстуваме, да примаме емоција, да враќаме емоција...Имаше живот и живост овие два дена.

Со многу богата програма, со динамична агенда СКОР на чело со претседателката проф. м-р Снежана Алексиќ Станојловиќ ги претстави организаторкските способности и од настан во настан, се забележуваше посветеноста при организирањето и желбата да се направи нешто поинакво, несекојдневно, интересно, ново...

И ако ги спомнеме промоцијата и поетско музичката вечер на сплав низ Дунав, читањето поезија за деца во дворот на  музејот посветен на Јован Јовановиќ-Змај на обилен дожд, поетското претставувавње во подземниот дел на Петроварадинската тврдина, веднаш имате дознаење дека желбата на организаторот  за инаквост и убавина е остварена.

Свеченото отворање на програмата се случи во саботата на 18 јуни во Културниот центар во Нови Сад. Потоа следеше поезија со говорот на срцето. Кажана на повеќе јазици, а разбрана на еден јазик-јазикот на љубовта. Со срце ги слушавме поетите кои рецитираа на српски, македонски, хрватски, босански, ромски, германски, унгарски...



Од тука  поетите се упатија кај поетот. На другата страна од брегот, на вечното почивалиште на големиот Душко Трифуновиќ.

Следеше песна од неговиот другар од Босна, која во негово име пред споменикот на Трифуновиќ, ја прочита поетесата Снежана Алексиќ Станојловиќ...А камбаната се огласи. Ништо не е случајност. Ѕвонеа камбаните и поетските гласови  од неколку земји во чест на поетот.



Илјадниците тули со кои е изградена Петроварадинската тврдина оживеа од поетскиот вознес со двете поетски читања насловени „Стихови од подземјето“ и „Панорамски стихови“.
 Прошетката низ темните тунелите  во тврдината, совршено испланирани и изградени, беше особено возбудливо искуство.

И потоа од подземјето“ кон светлината се упативме, за да направиме починка на тревата и со поглед вперен во светлоста на денот, под светлосиното небо да испееме дел од своите стихови.


Од висините и градбите, потековме надолу за да се слееме со водите на Дунав, и лулајќи се на сплавот пуштивме да протече речта од грлата на уметниците од Словенија  Здравко Коки Кокановиќ кој ја претстави својата книга „Десна обала узводно“ а пак Андреј Кокот имаше поетско музички перформанс, со своја поезија и музика која ја отсвири на својата гитара.
Пливаат мирните сончеви зраци во предзаоѓањето низ водите на големиот Дунав, а сонцето полека се спрема да се удави во реката....

 Водата не заплискува, зраците не милуваат...а песните како сапун не исчистуваат. Ги бришат трагите и валканиците што секојдневието ги нанесува или ние ги привлекуваме на нашите души, во нашите мисли, по кожата, на прстите...секаде.
Ноќта се спушта полека, поминуваме низ мостот, замислувајќи желба, ги фотографираме сликите што просторот сам ги слика.

Со тивка музика, домаќинот на сплавот не испраќа...Завршува денот.
А  не и се давам на ноќта в сон да ме повика. Се поревам. Уморен, полн впечатоци. Со чаша сангрија наздравувам и не заспивам, туку само пијам голтки од благото вино и зборувам, зборувам....Зборувам да повторам се, да ги оживувам и засилувам впечатоците од денот, да ги врежам, да ми останат. Сакам да ги зачувам.. Се плашам од заборав.
Дремнувам во мугрите и почнува следниот ден. Нови авантури, предизвици и доживувања чекаат да бидат зграбени.

Повторно во Културниот центар на Нови Сад. Се претставија повеќе литературни здруженија и клубови од различни градови и  држави. Зборуваа за нивното оформување, функционирање, идните планови. Се прочита и по некоја песна.

Потоа почна промоцијата на српското издание на мојата  книга, „Божилак на исконот“ односно „Дуга искона“. Всушност беа претставени двете книги во убавиот амбиент на трибината за млади при новосадскиот културен центар. Македонска музика, моја поезија и на спрски и на македонски, поетичната рецензија на проф. м-р Снежана Алексиќ –Станојловиќ, публиката што ја исполни салата, но не само физички, даде еден убав, пријатен и со емоција обвиен настан.


Следеше посета на Сремска Каменица. Го разгледавме таму Музејот на великиот Јован Јовановиќ Змај. Не поздравија лисјето на стогодишната круша што чичко Јова, ја засадил тука.
Згрме, заврна....се истури. Заврна. Времето не опомени дека не треба да забораваме. Кај Змај не се доаѓа на пет минути. Не можете да дојдете да разгледате и да отидете. Треба чест да му се оддаде на поетот.



Врнеше дожд, а поетите читаа, читаа...поезија за деца. Со тоа како што рече писателот Кулиќ, му запаливме свеќа на Змај.
Дождот беше убав и мирисен...Така го испративме претпоследниот ден на пролетта. Но, калливоста не спречи да ја направиме прошетката низ Фрушка гора и да посетиме некои места и етно-домаќинства.

По одмор, природен ладен чај, вкусни слатки  уште по нешто, и секако поезија посветена на мајката, жената учителката, го продолживме поетското чевствување во Месната заедница во Лединци.






Жителка на селото Лединци, не покани да ја посетме нејзе и нејзиното семејство. Отидовме. Сите членови на нивното семејство се поети. Тие пишуваат поезија, односно живеат поезија во парчето рај што сами си го создале. Тие преку уметнички слики, резби од дрво, цветно уреден простор и многу повеќе од ова ја создаваат убавината. Низ прозорот од нивната етно-куќа...повтор се слушна поетскиот глас од поетите дојдени од разни краеви на светот. 
Продолживме во ресторанот Милевиќ. Домаќински бевме пречекани со разни врсти ракија, привилегирани да ги погледнеме скоро завршените слики од уметниците на колонијата што тука заврши токму на денот на нашето доаѓање.

У том сомбору, Да није љубави, Македонско девојче, Циганка сам мала, Рјабинушка....со музика од светот не расположија тамбурашите.
И се играше и се запеа и се заврте и ужичко и македонско оро...


Подоцна се проткајаа романтични моменти, со музика што одговара на амбиентот или обратно, можеби.

И малку пред полноќ, се разбега поетската дружина од Германија, Австрија, Хрватска, Словенија, Македонија, Србија... Некако набрзина, одеднаш. Како со некој трепет да не се разблажи полниот впечаток, да не се наруши убоста ако продолжиме со седенката....Се испоздравиме, со ракување ги продолживме старите пријателства и ги завештавме новите. Си посакавме убавини и желба пак да се видиме.



А цело време каде и да одевме, што и да правевме тие два дена...не следеше мирисот на липа. Ќе запамти ли мирисот, ќе запамтат ли липите како што ние ги памтиме овие два дена и ноќи? Ќе запамти ли мирисот дека тука на тие места, беа еднаш едни љубители и создавачи на поезија од разни места, со добра мисла...Дали следиот јуни кога липите пак ќе замирисаат, низ мирисот ќе се осети и трепетот на поетските души...што два дни трепереа и ја располаја душата  низ рамната Војводина....


Автор: Филип Димкоски
Фотографиите се од поетите-учесници

РАЗГОВОР СО ДАВИД ПАВИЌ: УМЕШНОСТ Е ДА ИМ СЕ ДАДЕ ЖИВОТ НА НОТИТЕ

  Во осумдесетгодишното постоење на првиот македонски дневен весник Нова Македонија испечатени се безброј страници посветени на афирмацијата...