СРЦУЛКИ
Најголемата лубеница
од бостанот, дедо ќе ја донесеше, и на половина - во две тепсии ќе ја исечеше -
едната за децата, другата за возрасните, и ќе ни речеше - кркајте од срцето на
летото.
Среде бостанот, плашилото облечено во облеката на
прадедо стоеше. Баба ќе ги собереше семките на крајот и со нив џебовите на
прадедо Тодор ги полнеше, велејќи дека сите убави нешта доаѓаат од небото.
И денес се сеќавам на имињата што на семките им ги
даваше: црнилки како ирис, ѕвездочелки, оти си ги лепевме над веѓите - за да
гледаме и ноќе, ѕрнѕурки - да не бидеме сиромашни, злапки - за млечните заби да
ни ги заменат здрави заби, зјајки - да бидеме ко цвет отворен за сонцето, ил
жолто клунче од јавриите на ластовичките, ѕуници - за да бидеме црвени во
образите како шумски јаготки , чакарески - за да не се родиме со шарени очи и
срцулки - за да имаме срца со кои сите ќе не сакаат како семки начичкани околу
срцето на лубеницата .
Внимавајте, најубавите лубеници, пред изгрејсонце - од
млечното видело на зорнината, се откинуваат. Тогаш, од ноќта, со сите ѕвезди на
небото, се раѓа денот во кој за секого ќе има место околу трпезата на сонцето.
Еден ден и мене ќе ме подигнете над бостанот со сите семки со кои ќе се раѓате
и живеете - ни велеше дедо, вадејќи ги засушените семки од џебовите на
прадедо...
Борче Панов
No comments:
Post a Comment