Стихозбирките „Ода за Орфеј“ и „Ораница“ од српската писателка Снежана
Алексиќ-Станојловиќ ќе бидат промовирани в сабота на 10 октомври, со почеток од
19.00 часот, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.
„Ода за Орфеј“ е книга што доживеа дваесетина промоции во Србија,
Македонија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, а минатата година ја доби
високата награда „Стојан Христов“ што ја доделува Агенцијата за иселеништво во
рамките на Струшките вечери на поезијата. Издавач е ИК Феникс од Скопје, а
рецензенти на книгата се Перо Зубац, Васил Тоциновски, Станислава Бакиќ Јоканиќ
и Вера Андон. „Ода за Орфеј“ е двојазично издание на македонски и српски јазик.
Деновиве од печат излезе поетската книга „Ораница“ во издание на Банатскиот
културен центар и првпат ќе биде промовирана токму во Прилеп. Претствавува прво
издание каде рамноправно се застапени македонскиот, унгарскиот и српскиот
јазик. Рецензенти на книгата се Перо
Зубац, Васил Тоциновски и Станислава Бакиќ Јоканиќ и Мариа Хабрам.
Перо Зубац смета дека книгата заслужува читателско и критичарско внимание,
заради тоа што е јасна во пораките, со мек лирски набој и молитвеност. Мариа
Хабрам во освртот пишува дека „Ораница“ е легура на излиени чувства во која
авторката ги поврзува љубовта и чувствата во еден безграничен пејзаж.
Васил Тоциновски за „Ораница“ пишува дека таа претставува човечки тестамент
кој се пресоздал во поетски манифест.
Станислава Бакиќ-Јоканиќ, пак, во обраќањето кон поетесата, истакнува: Повикуваната моќ на приближување на
далечината именувана е со Вардар и Дунав и тоа се две поднебја, Македонија и
Војводина, поврзани во песната како во твојот живот. Книгата како што е специфична по форма, така е и специфична по изгледот и дизајнот на кориците што по замисла на авторката, ги реализираа уметниците Стојче и Еми Тоциновски.
На промоцијата авторката и книгите ќе ги претстави Филип Димкоски, поезија
ќе рецитираат Стефанија Стефаноска, Филип Димкоски и авторката, а во музичкиот
дел ќе настапат членовите на КУД „Пере Тошев“. Предвиден е и музички настап на
младиот гитарист Марко Цветаноски. Настанот е од отворен тип, а гостите ќе имаат
необична можност во една вечер да слушнат поезија на македонски, српски и
унгарски јазик.
No comments:
Post a Comment