Пјер Лави е поет, прозаист, фотограф, режисер, издавач и сопственик на издавачка куќа. Живее и работи во Ерусалим. Роден е во 1963 година во Техеран, Иран, и истата година се сели во Израел. Воениот рок го служи во Израелската армија како офицер, а дипломирал на Еврејскиот универзитет во Ерусалим.
Издавачката куќа на Пјер Лави објавува книги од областа на поезијата, прозата, книги со комична содржина, книги за деца, документарни изданија... Како издавач и автор Пјер Лави нуди помош, дистрибуција и услуги и на млади автори од Израел и од светот.
Книгата „Ткајачите на соништа од Техеран“ од Пјер Х. Лави е преведена на македонски и објавена од издавачката куќа „Топер“. Оваа книга е преведена и на англиски и на хрватски јазик, а врз основа на нејзината содржина се подготвува и филм. Исто така Пјер Лави е израелски автор за „Интернационалниот магазин ’Волстрит’“.
Својата прва книга за деца ја напиша заедно со својата осум и полгодишна ќерка и е насловена „Шира сака камен од Месечината“, а илустрирана е од битолскиот илустратор Александар Поповски.
Во издание на издавачката куќа на Пјер Лави е објавена и книгата за деца „Кога татко ми порасна“ од амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Оријан.
Како што вели Пјер, тие веруваат дека културните мостови се основа за сè и токму затоа работат и создаваат во таа насока.
- Културните мостови нѐ спојуваат и зближуваат, нѐ поттикнуваат повеќе да научиме едни за други - вели авторот.
Денеска на страниците на „Колибри“ ви претставуваме стихови од Пјер Х. Лави, од неговата книга „Приготвени песни“. Книгата е поделена на три дела, и тоа „Љубов кон храната“, „Љубов кон жената“ и „Љубов кон децата“, содржи песни, рецепти и фотографии, а авторот им ја посветува на своите деца.
Преку песните ќе можете да научите некои нови зборови и да ги проширите вашите знаења за еврејската култура и религија.
Овој прекрасен, зборлест, брз, динамичен, вреден, креативен и високопрофесионален издавач и уметник ни откри со што ќе се занимава во периодов.
- Моментално работам на многу проекти, а еден од нив е документарен филм,,Мојот клас“, кој го снимав додека патував со нашиот национален театар на турнеја низ Балканот, минатиот jули. Театарот ја изведуваше претставата „Нашиот клас“ - филм за холокаустот. Овој филм можеби ќе се прикажува и во Македонија наскоро -| ни рече Пјер Х. Лави.
Шабат во Ерусалим Шабат влегува во Ерусалим на прсти, тивко, за да не се наруши рамнотежата меѓу светото и безбожното. Кога ќе се засвири сирената затвораат продавниците, автомобилите не возат по улиците, дури и птиците одмораат на високите дрва. Малата моја ќеркичка ги отплетува локничките и си го става прстето над устето: „Немој да правиш врева“ - ми вели, „оти Шабат ќе биде тажен“. На клупа, татко и ќерка го чекаат поголемото братче за да може сите заедно да го слават Шабат. Кога не можеме да издржиме од студ и кога сите сме заедно си ги стоплуваме срцата од две запалени свеќи и хала-лепчето што чека да го изедеме. Тогаш му се заблагодарувам на Господа и со голема љубов си ги прегрнувам децата. Автор: Пјер Х. Лави Препев од англиски на македонски: Елена Пренџова Шабат е еврејски верски празник што значи Света сабота. Празнувањето започнува во петок навечер, пред зајдисонце, и трае до сабота вечер, кога ќе се појават трите ѕвезди на небото. На Шабат не се работи воопшто: не се готви, не се вози, продавниците и училиштата не работат, само се одмора и се посветува целиот ден на молитва. На Шабат сите се облечени во бело. Хала е вид слатко лепче со сусам, но не е благо, слично на нашиот милиброд или на погача, бидејќи има форма на плетенка. Се приготвува и се јаде за Шабат, односно за Света сабота. | |
|
No comments:
Post a Comment