Thursday, June 14, 2018

Извадок од рецензијата на проф. Ина Креjн, професор по бугарски јазик и литература, писател и книжевен критичар од Бугарија




Новата поетска книга на талентираниот македонски поет Филип Димкоски, „Во градината има само љубов“, ги поставува универзалните општочовечки прашања за вечните вредности – Љубовта, Душата и Природата – на еден особено  возбудлив начин, кој се граничи со параболичното и библиското од една страна, но и со философското, мудрото, суштественото и секојдневното, од друга. Поезијата се претвора во вербален помост меѓу вечното, со корени во Библијата, и современото, кое може да биде видено, осетено и допрено во градината на секој дом и Душа.
Уште од првата страница на книгата започнува топлиот дијалог на поетот со себеси, но и со читателот – низ реторични прашања и восклици, израз на силните емоции и возбуди што тој ги чувствува. Авторот нема ниту секунда колебање, апсолутно сигурен е во она што го чувствува и тој емотивен виор го предава на другите. (Штом има љубов, има сѐ!)
Природата градина е извор на светлина и благодат. Таа е противотров, лек и спас од уништувањето што го носи сивото секојдневје – во градината има бои, а не сивило, мириси, а не отровни гасови, опивање и наслада, нирвана на Душата, а не за телото, просветление за умот и чувствата.
Вистината е искажана едноставно, мудроста е длабока и зашеметувачка, а стиховите како лековита вода ги мијат мислата и чувствата на читателот. Какво мајсторство и каква сила на Духот треба да има поетот за да стигне до овие увиди, да ги вплете во зборови и да ги сподели со другите!
Во градината на љубовта и природата Душата се ослободува од земните и општествените ограничувања – чувствата се вистински, душата е слободна и подготвена да полета – да се извиши Духот како птица, како што Божјиот дух се извишува – високо во небото – над несовршенството, болката и грозотијата во земниот свет – како спасение.
Спомените за она што било и што ќе биде, е сврзано со емоцијата и чувствата, извишувајќи го Духот, давајќи му да ја види земната убавина, но со прочистена и возвишена Душа.
Реторичните прашањаа и восклици,  растечката градација, апосиопезата, контрастот, анафората, наративноста и параболата танцуваат во поетичните строфи за време на прошетката низ Градината и средбата со нејзините живи, мислечки и чувствувачки жители.
Силната метафоричност, невиноста, епитетите и алегориите јасно се појавуваат во стиховите, без да пречат или да го отежнуваат разбирањето на нивната смисла. Персонификацијата на сите жители на Градината создава разумно чувствување на магичен реализам.
Поетскиот јазик изобилува со многу јазични и контекстни синоними, белег за исклучително богат речник. Секој поетски продукт е слика, насликана од мајстор уметник на зборот со прецизност, талент и љубов.
Признанието во љубов кон природата е благодарност, клетва, завештание и посвета. Љубовта кон природата може да осмисли еден човечки живот, за го вдахнови со творештво, да му помогне да си ја најде душата и да ја спаси од гадотијата на сивото секојдневје со мирисот, убавината и светлината. Болката на поетот е поради тоа што современиот човек е толку блиску до живата вода на природните вистини, а доброволно останува жеден, толку блиску до мудроста и слободата, но сам избрал да биде славеј во кафез или петунија во саксија.

Интересно е подредувањето на песните – започнува со прогледувањето на детето, со изучувањето на светот околу него, потоа се појавува младичот со своите бурни копнежи, на крајот се истураат ураганите емоции и мудроста на пораснатиот заљубен маж. Но општото за сите човечки возрасти е неизмерната љубов кон Мајката Природа, спасението за човечката Душа и нејзиниот природен дом.
Новата стихозбирка на македонскиот поет Филип Димкоски е поетска Библија, полна со љубов и мудрост, светлина и убавина – пат на надежта за спасение на човечката Душа, која само треба да стане дел од Градината на Природата и својот пулс да го слее со нејзиниот.

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...