Човекот почнал да
пријателствува со растенијата пред околу десет илјади години. Всушност, велат
дека тоа била жената. Таа ги прибирала драгоцените семчиња околу своето
огниште, таа ги набљудувала растенијата како се кршат на ветерот учејќи што
сакаат, а на што се противат. Таа ги
цедела животните сокови од плодовите во жедните устиња на своите деца, ги учела
да живеат со градината и им ги предавала семчињата на таа љубов за следните
генерации.
За жал, по сите овие години, многумина од нас заборавиле
да љубат. Затворени во бетонските самувалишта, завртени грб со грб еден кон
друг, втренчени во трепкавата пластика пред себе, чиниш сме станале граѓани на
светот – полека ја убиваме љубовта во нас. Дури и онаа љубов што живее во
градината. Се залажуваме дека, како и сѐ друго, и неа можеме да ја купиме од
маркетите. На парче или на килограм.
Како мајка и како даскал, се обидувам да им ги приближам
на своите деца моќта на природата, тајната на креацијата, чудото на
создавањето, спокојот на градината. Неопходно ни е малку да подзапреме во овој
метеж и да се осврнеме на вистинските вредности. Да ги зачуваме и да ги
изнегуваме. За нас и за идните вљубеници во градината.
Филип Димкоски е мое дете. Не само што е вљубеник во
градината, во тој рај од скротена природа, Филип е и познавач на градината.
Уште повеќе, тој е препознавач на љубовта во неа. А во градината има и пот и
тага, копнежи и разочарувања, смеа и солзи, падови и станувања. Зар не е тоа
љубов?
Филип Димковски е поет. Иако никој не му покажал како да
ги ниже зборовите, иако не добил параф дека фатил ука за песната, таа самата му
се привива . И самиот ќе каже „...Како вода на извор што притиска камен, како
што се издига огнен пламен, доаѓа песната...“ Зар не е тоа љубов?
Неговите песни ги носат топлината на плодната почва под
босите нозе, радоста на првите ливчиња што ја уживаат сончевината, кревкоста на
младиот расад, мирисот на влакненцата по доматот, бојата на цветот на
калинката, блажениот вкус на белиот грозд, кадифениот допир на розата,
свежината на зелениката по дождот. Зар не е тоа љубов?
Зар нема само љубов во градината?
No comments:
Post a Comment