Monday, October 29, 2018

Рецензија за поетската книга „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски



           
Поетската збирка „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски со самиот наслов насочува на вистинскиот пат на растењето на децата под будното око на повозрасните и поискусните, но не само растење во смисла од помала кон поголема возраст, туку и во смисла на неопходниот негов придружен елемент -  развивањето, растење во спознајниот процес. Низ првиот циклус песни „Јас, семејството и другарчињата“ насочувајќи го детето читател на доживувањето на различни животни ситуации низ примамливи стихови, на начин лесно восприемлив за секое дете, поетот истовремено својот читател го насочува на развивање на мислата, говорот и  емоциите.
            Соодветното насочување е несомнено еден од најважните поучувачки активности за секое дете, како и за секоја млада личност, ставена пред предизвикот на животот да донесува одлуки. Одлуката како треба да се однесува некоја личност кон околината, што е тоа што треба да правите за да станете „чувари на природата“ е експлицитно посочена во истоимената песна. И навистина, ако прочитате и сами ќе поверувате дека „песни за деца нема“, ами има песни за сите, а во нив е збрана мудроста на возрасните и како што самиот автор во неа пишува:
 „ Песната е вистинска ако                                                                                                детето го бодри и го милува,
  му дава сила и го раскрилува,
   му носи ведрина и ука...“
   Песната е вистинска ако го почитува детското доживување на нештата,  како што поетот опева, и се труди да се искачи на нивото на детето, а не да се симне до него. Тоа е вешто искажана стиховна порака за возрасните, особено за оние кои сѐ уште не се уверени дека секое дете е засебна личност што заслужува внимание и почитување на неговите размислувања кои се соодветни на возраста и стекнатите детски искуства. И ако има нешто што е за нас возрасните неразбирливо, нејасно, треба да ги прашаме. Тие не секогаш имаат развиена јазична способност за да можат точно и соодветно да го искажат она што всушност го мислат и го чувствуваат.
            Но и за таа негова „мака“, поетот Филип Димкоски на секое дете му пружа рака.  Во песната „Кога зборовите зборуваат“ укажува дека секој збор си е подеднакво важен во јазикот, но треба да се внимава за последиците што ги предизвикуваат искажаните „добар и лош збор“ како ука и поука од дамнина за сите оставена, низ стихови и во оваа песна проткаена.
            Дека детето е секогаш среќно во кругот на најблиските, сeмејството и другарчињата, и дека за нив негува нејнежни чувства и спомени, пеат стиховите во песните „Баба“, „Тато - Дедо Мраз“, „Милица и Јанко“ и останатите од овој прв циклус. Тие го бодрат детето да биде сигурно во она што го сака и посакува, да го негува својот талент и да ужива во детството за кое сонуваат сите што веќе го поминале.
            Детството бргу минува, а во него се расте. Растењето ќе е здраво само ако правилно се храниме. Низ вториот циклус песни „Запознај ме, засакај ме и јади ме“, авторот мами да посакаме да пробаме од многуте зеленчукови и овошни плодови од нашето или од друго поднебје. Тој во песната „ Геревиз (целер), магдонос и пашканат“ укажува на еден од начините за нивно комбинирање во вкусни и испробани рецепти за готвење со цел да се јадат, а не да се избегнуваат. Зарем не е вистина дека кога нешто знаеме од каде е, што е, и какво е, го чувствуваме како блиско до нас? Токму таква е намерата на авторот во песните од овој циклус, да се научат интересни нешта за плодовите и нивната полезност за човечкото здравје.
            И како што насловот на оваа стихозбирка повикува на заедничко растење, така растат сите - заедно. Децата растат со возрасните, возрасните со младите и децата, а писателите со читателите. Верувам дека авторот Филип Димкоски ќе напише уште многу други дела со радост и со ваков голем ентузијазам коишто квалитетно ќе го надраснуваат секое негово претходно напишано и објавено дело.


                                                     Љиљана Атанасова
                                                                                           

Monday, September 3, 2018

Говорот на прстите



                         
                                На првата македонска поетеса Даница Ручигај

Моите прсти не ги допреа твоите прсти.
Мојата душа ги осети твоите прсти.
Нежни, топли, меки, а цврсти.

Како стиховите твои да ги изречам,
кога тебе не те познавам
Кажувам треперливо твои стихови, несигурен во себе
пеејќи осеќам дека низ стихот те запознавам тебе.

Некогаш така зборот,
затаен, задуман останува
чувствата во мисли се преслекуваат
духовите наши во стихот се спознаваат
и во заложништво ан ветрот векуваат.

Животот така одлучил
прстите да не се допрат
а да се чувствуваат
така две души да говорат
што од поетска страст боледуваат.

Филип Димкоски

Да растеме заедно низ песните од Филип Димкоски




      „Заедно да растеме“ од младиот поет Филип Димкоски е уште еден зрел и сочен плод во кошницата со плодови кои и припаѓаат на литературата за деца. Да се пишува за деца на момент изгледа како многу лесна работа, но во никој случај не е така, зашто да се пишува за деца значи да се разбуди детето во себе. Да се пишува за деца значи и тоа истото дете да се праша за што сонува, за што мечтае, што го мачи и што треба да научи.  Да твориш за деца значи и самиот ти да си дете и самиот ти да си сите деца во светот. Димкоски тоа многу вешто го прави. 

       Детето во Димкоски расте низ триесет и осум песнички чија должина во никој случај нема да ги измори младите читатели, тие ќе уживаат во римите кои се испреплетуваат како венче од планински цвеќиња низ песните. И она што е најбитно , со песните од Димкоски детето интелектуално расте и созрева, учи зошто треба да е среќно, како изгледа љубовта во секоја нејзина форма- онаа меѓучовечката и онаа која го означува односот човек-природа. 

        Во вториот дел од книгата  „ЗАПОЗНАЈ МЕ, ЗАСАКАЈ МЕ И ЈАДИ МЕ“ се дружиме со овошките, учиме како се одгледуваат и од каде потекнуваат, кој најмногу ги сака и колку тие се здрави. Читајќи ја „Заедно да растеме“ особено голем впечаток оставаат и илустрациите кои даваат шаренило  и игривост низ книгата. Децата ќе им се воодушевуваат, а нас повозрасните , ликовите нацртани низ книгата ќе не потсетат на нацртаните ликови на Зоки Поки и на малото девојче од „Касни-порасни“, па така во нашата фантазија ќе ги споиме за да другаруваат сите и за од  нив да научиме.  Вештината во составувањето на стиховите, опевањето на овошките, начинот на кој Димкоски го прави тоа , несомнено ќе не потсети на Андреевски и на „Касни-порасни“. И Димкоски и Адреевски не учат како да го сакаме овошјето и дека ако каснеме од секое по малце ние сите ќе пораснеме.

      Оваа поетска книга на Димкоски , како што кажав на самиот почеток е еден зрел и сочен плод во кошницата на литературата за деца од кој ќе се насладуваме уште долго , долго и заедно ќе растеме!
                                                                                     Елена Ѓорѓиовска,
                                     студентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје

Thursday, June 14, 2018

Наместо поговор СВЕТОТ НА ДЕТЕТО ВО ЧУДЕСИЈА ОД БОИ




1. Навреме да се влезе
во волшепството

            Да се нурне со одушевување и да се успее да се влезе во колоритниот простор на детето не е едноставно и бара тој бескраен свет умесно да се истражува. На крајот пак ќе ни остане дилемата дали задачата добро сме ја завршиле, зашто со тоа треба да се согласат и децата, а, сепак, да потврдат и возрасните дали трудот бил залуден или не. Зашто световите на детето само на прв поглед ни изгледаат едноставни и само  „детинска работа“, а не и чудесија од бои во кои нештата се доживуваат сосема поинаку отколку кај возрасните. Притоа треба да се биде трпелив и аналитичен од секој агол, за да се застане на онаа непречена височинка од каде ќе се може сѐ да се види и сѐ да се доживее во испреплетените волшепства и потреби што ги бара детето. А нив, како автор, ги истражува младиот Филип Димкоски (роден 199 ? во Прилеп), кој влегува во тој свет во својата рана младешка возраст кога и сеќавањата од детството сѐ уште му се свежи. И треба навреме да се отворат вратите, а не задоцнето кога се „подетинува“ преку внучиња или преку неуспехот во литературата, условно, за возрасни. Зашто, литературата не трпи разграничувања и поделби на „детска и возрасна“, туку на онаа што успева да го приопшти животот и да постави здрав темел преку детето или, пак, не успева во тоа и трудот е залуден. Врз тој постамент ќе градат и ќе надградуваат, се разбира, и возрасните, во прв ред, родителите и преостанатиот семеен круг кој го сочинуваат бабите и дедовците.
            Еве тоа е изворот од кој се напојува Филип Димкоски како автор кој сѐ уште е на својот убав почеток. Не само како поет и раскажувач, туку и како промотор и водител на настани, поетски работилници, а притоа извонредно комуницира со децата овде, кај нас и надовор од Македонија, во околината, по другите држави како што се Србија, Хрватска, Бугарија... Најпрво во соседството, а потоа, со добра мисла, уште подалеку. Така се стигнува во светот. Зашто, на негова среќа,  тој е млад, само на почетокот од своите студенстки години и има време да освојува нови простори.
            Во неговиот поход, по објавувањето на првата поетска книга за возрасни „Божилак на исконот“, еве ја и стихозбирката „Заедно да растеме“ со која го продолжува патешествието во раскошниот колорит, овојпат во чудесијата од виножита кои можат да се видат и да се откријат само пред погледот и во душата на детето. А Филип Димкоски веќе ја има формулата за тоа и умее со неа добро да смета и да пресметува, да патува и да освојува, да биде амбасадор на детето и во себе и на она пред кое ќе застане и преку кое успева да го прегрне сиот свет, оној, детскиот. Ќе биде и самокритичен што ќе им понуди, како ќе им се доближи, (тоа веќе го прави мошне одговорно!), зашто искрено е поздравен од нив. А така е затоа што умее во небото да погледне со очите на детето, сѐ да доживува во ѕвезден сјај, во спектар од бои и да ги потсети децата дека волшепствата не се измислени, да ги истихува нивните потреби.

2. Она што детето го говори во нас
- тоа треба да се каже

            Ќе ја поздрават читателите стихозбирката „Заедно да растеме“ во која младиот автор го споделува својот свет со нивниот, слевајќи го и со нивните духовни потреби, за да создаде заедничка целина која нема да биде само негова, ами многу повеќе и нивна. Таков е во своите триесет и осум пеења од кои секое, на свој начин, го допира детето, зашто и самиот ќе наведе дека „посакува да го напише она што детето во него сака да го каже.“ Тоа е столбот за успех кој, ако го поседуваме, ќе успееме да се искажеме. И уште во кусото обраќање ќе рече дека „детето во мене сака по нешто да им каже на сите: да им укаже на возрасните, да искаже љубов кон бабата, да ги повика на дружба другарчињата, да им посвети внимание на цвеќињата, да го сподели она што го научило за овошките и за зеленчуците...“ Тој тоа го има; си го носи и во себе и со себе.  
            Кога е така, еве го и поздравот: „Добредојде, добра книго“ во светот каде што ти е местото, кај читателите, најмладите. Но и кај наставниците за обработка на часовите, во наставата во која се открива и се гради животот на начин каков што го налага и педагошкиот приод кој ќе рече дека детето, во она што му се нуди како литература, најмногу и најдобро учи и осознава преду добри, а не преку лоши примери. Оваа карактеристика ја има во изобилие во песните на Филип Димкоски, но не преку нагласена дидактика, туку и преку играта, преку конатактите и со возрасните. Зашто држи и до фактот на својата возраст за да рече дека „не сум толку далеку од деновите кога бев дете, а работата со децата откако малку потпораснав ми овозможува да го чувам детето во себе и да уочувам колкави се важноста и потребата од тоа.“  Кога сѐ ќе се собере и ќе се проанализира, поетот е на вистинската релација дете - возрасен за да го изнедри од себе највозвишеното, најтоплото и најискреното токму во своите стихови сега, а и, сигурен сум, подоцна во она што ќе ни го понуди како свој извор. Но и да заклучи дека тоа што, како возрасни, „не секогаш одговараме на желбите и потребите на децата, ме поттикна да се обидам да направам мала промена.“
            Неговата авторска креација ни е на показ во „Заедно да растеме“, која, преку двата циклуса на различен начин им се обраќа на децата за да им го сврти вниманието. Притоа да им биде другар и пријател, да ги поттикне и да им ја распламти возбудата, да застане на нивна страна и кога се мирни, но и кога се палави. Таков е секаде каде што ќе се појави како модератор и забавувач, аналитичар и промотор, проникнувач и проследувач на разни збиднувања. А и како темперамент е отворен и податлив, омилен и кај детската и кај возрасната публика на јавните настапи, на приредбите и манифестациите, но, за среќа, и во творештвото што го создава.  

3. Да се расте и да се сонува,
да се биде возрасно дете


            Поетот Филип Димкоски сериозно ќе ја удостои, во прв ред, младата публика со стихозбирката „Заедно да растеме“, најавувајќи дека „песни за деца нема; песните се за возрасните“ и како што најавив, ќе ја подели на два рамноправни циклуса.
            Првиот озаглавен како „Јас, семејството и другарчињата“, а во него ќе се разигра, но и ќе сонува заедно со нив, а притоа ќе се почувствува и свежиот здив на неговото детство од кое, (колку и да не поминало долго време од изминот), сепак, заминало како и многу други. Притоа, во секоја од нив, ќе сподели порака која, правило е да ја има во поезијата за деца и млади, да се испорача својот став до оние што ќе ја читаат, да се допре и среќата, но и зборот, добар и лош, за да се испрати она што се сака да стигне до детето. Но да ги допре и возрасните преку нивната „побуна“ против она што се вика музика и музицурање, која некои ја доживуваат како вознемирување, а ќе се најде и некој кој ќе се одушеви.
            Како и да е, светот е поделен, а Филип Димкоски ќе застане зад детето како негов застапник и заштитник, за да се праша и сопствената „душичка што ѝ се сака“, ќе ја возвиши и големата улога на бабата со песната посветена на баба му Лилјана, но и на таткото во улогата на Дедо Мраз, на пролетта со цвеќињата како слика во која ќе заскита погледот. Нема да го занемари и шепотот на дрвјата, а ќе ја именува и љубовта меѓу дабот и брезата преку ликовите на Милица и Јанко. Ќе го растрепери и детството на Орхидеја и Даре, но и тоа дека само искрената прегратка е топла. Нема да ја занемари и грижата околу природата, потоа патот кој треба да го помине една новогодишна елка за да стигне во нечиј дом, но и каде треба да го заврши своето патешествие. Ќе побара Филип Димкоски и „глас за спас“, а ќе се обиде од детето да создаде и градинар.
            Ако за поезијата се вели дека не се прераскажува, туку се доживува, кај младиов поет тоа правило се побива и на секоја песна може да ѝ се пријде и од прераскажувачки и од раскажувачки агол, а и да се доживее. Тоа е таа негова богата панорама од стихување и римување, од врева и игра со што и го гради светот на современото дете, просторот на секојдневјето. Арно ама, никаде да не претера во советување, туку само поетски да бележи и да го пресоздава тој свет кој го има само детето, она кое останало во нас, но и она што е околу нас, во семејството, во околината, кај роднините, кај пријателите.
            Првиот циклус, бездруго, е носечки во стихозбирката „Заедно да растеме“, иако по ништо не е побезначаен и вториот кој ќе ни се понуди преку пораката „Запознај ме, засакај ме и јади ме“ и кој во најголем дел ја обработува природата. Но со едно сосема поинакво гледање, а меѓу другото и од кујнски агол препорачливо. Зашто, да не претеруваме, но „основниот проблем“ кај детето е неприфаќање на храната, а овде се опева здравата исхрана и тоа преку оние растенија што се употребуваат во кујната. Некои од нив можеби нагласено го скиселуваат детското лице за да се отфрлат, но Филип Димкоски преку пораките им го нуди на прифатлив начин. Тој покажува познавање на растенијата, (очигледно и преку студињето на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје), она што му е и професионален избор, но за кое си ветил да го пренесе и со поетски порив. Всушност, меѓу две корици тематски и две книги, но со истородна порака.
            Ете, тоа е беглото видувањето на книгата „Заедно да расатеме“ од Филип Димкоски кој има убав старт, а целта е пред него и постојано се граби кон неа за да се стигне, да се освои победата. Сигурен сум дека од неговата раскошна мисла допрва ќе очекуваме нови вредности со кои, без сомнение, ќе продолжи си го гради и да си надградува својот профил.
            Овојпат ќе ја поздравиме, но и ќе ја препорачаме да стигне до децата околу нас и во нас, во училиштето и семејството, со порака, ајде, „Заедно да растеме“ како што и посакува авторот во своето обраќање на нејзиниот почеток.


            март, 2018 г.                                             Горјан Петревски







Извадок од рецензијата на проф. д-р сц. Васил Тоциновски, критичар, книжевен историчар и преведувач



Новата стихозбирка Во градината има само љубов на младиот Филип Димкоски (1995,Прилеп) е радост за читателите и за книжевната критика од две причини. Првата ги потврдува тематските кругови како автохтоност на авторот што нѐ води и до второто поголемо и значајно задоволство од големиот исчекор и естетски резултат во новите стихови. А тие сами по себе претставуваат творечка легитимација за впишување во традицијата и континутетот на современата македонска книжевност.
Посебно внимание е посветено на структурата на книгата.
Одбрани стихови како болдирани целини навестуваат седум циклуси, чиј број, меѓу другото, и ги одредува чудесноста или поточно магијата на природата и поетоскта опсесија со нејзиниот свет. Поделеноста е условна. Таа создава одредена динамика  на сликите, состојбите и расположенијата и децидно го одредува предметот на восхитување.
Поетската четкичка на Димкоски со леснотија и во еден потег создава чудесни слики, пејзажи што одеднаш и неочекувано се овековечуваат со сите свои мириси, бои и вкусови. Токму низ една таква импресионистичка постапка создадени се антологиските песни Бакнежи од минливоста, Сонце на денот, Се спасивме. Во нив и ја гледаме иднината на нивниот автор.
Природата е Божји дар, затоа таа се раздава и се дарува, за среќа, и опоменува Филип Димкоски да ѝ возвратиме со иста мера, да ја сакаме и да ја чуваме, да ја браниме и да ја одбраниме од превртените и нарушени вредности на човекот и на животот.
За таков миг на среќа и на задоволство ја препорачуваме за прочит стихозбирката Во градината има само љубов.



Извадок од рецензијата на проф. м-р Снежана Алексиќ-Станојловиќ, писател и книжевен критичар од Србија




Поетската книга „Во градината има само љубов“ изградена е од мал број песни, но од голема љубов. Структурално нѐ уверува во старото спознание дека не треба да му се дава приоритет на квантитетот и дека суштината се наоѓа токму во сегментите. Секоја честичка од која сме создадени ние и целиот универзум околу нас заслужува почит затоа што во себе го носи битот на градацијата.
Необичната структура на оваа книга, секако, ја прави единствена. На секој циклус му претходи песна исткаена од најсилните стихови од песните во циклусот што следува. На самиот крај се наоѓа песна што може да се толкува и како поговор, но и како идејна суштина на книгата, еден вид ода, благодарница, заклучок, поука...
Авторот си дозволува себеси да биде она што е – на момент дете, на момент стар мудрец. Дозволува Природата да го води и да го учи. Ја нагласува чувствителноста како битна димензија на човековата личност...
За млад автор како што е Филип Димкоски, очекувано е да ја опее младешката љубов кон личност од спротивниот пол, но Филип Димкоски ширината на своето срце ја шири и подалеку од очекуваното. Неговото доживување на Љубовта е насочено кон целокупната жива и нежива природа и е реципрочно со размер од космичка димензија. Со восхит и воодушевување навлегува во секој цвет, ги впива мирисите на земните плодови, ги ослушнува капките дожд или пораката на брановите...
Не е лесно да бидеш различен, особено кога си млад. Посебноста секогаш има своја цена. Тој ја плаќа со насмевка, со благодарност што му е дадена можност да живее и да се радува на сѐ што е живо.
Магијата и чудовитоста на поетот во секој момент одново зачудуваат и тој веќе виденото секојпат го доживува од почеток, како да е првпат. На читателот директно му порачува дека во Природата сѐ е неповторливо, без разлика колку пати се повторува, дека сѐ е оригинално и совршено на свој (не)совршен начин. Истакнува дека секој, па и најмалиот дел од Природата, е богатство и приказна за себе.
Сѐ споменато укажува на фактот дека Филип Димкоски остава личен препознатлив поетски белег. Расцветува на свој начин во својата стиховна градина.



Рецензија на проф. д-р Гордана Попсимонова, универзитетски професор и колумнист



Човекот  почнал да пријателствува со растенијата пред околу десет илјади години. Всушност, велат дека тоа била жената. Таа ги прибирала драгоцените семчиња околу своето огниште, таа ги набљудувала растенијата како се кршат на ветерот учејќи што сакаат, а на што се противат.  Таа ги цедела животните сокови од плодовите во жедните устиња на своите деца, ги учела да живеат со градината и им ги предавала семчињата на таа љубов за следните генерации.
За жал, по сите овие години, многумина од нас заборавиле да љубат. Затворени во бетонските самувалишта, завртени грб со грб еден кон друг, втренчени во трепкавата пластика пред себе, чиниш сме станале граѓани на светот – полека ја убиваме љубовта во нас. Дури и онаа љубов што живее во градината. Се залажуваме дека, како и сѐ друго, и неа можеме да ја купиме од маркетите. На парче или на килограм.
Како мајка и како даскал, се обидувам да им ги приближам на своите деца моќта на природата, тајната на креацијата, чудото на создавањето, спокојот на градината. Неопходно ни е малку да подзапреме во овој метеж и да се осврнеме на вистинските вредности. Да ги зачуваме и да ги изнегуваме. За нас и за идните вљубеници во градината.
Филип Димкоски е мое дете. Не само што е вљубеник во градината, во тој рај од скротена природа, Филип е и познавач на градината. Уште повеќе, тој е препознавач на љубовта во неа. А во градината има и пот и тага, копнежи и разочарувања, смеа и солзи, падови и станувања. Зар не е тоа љубов?
Филип Димковски е поет. Иако никој не му покажал како да ги ниже зборовите, иако не добил параф дека фатил ука за песната, таа самата му се привива . И самиот ќе каже „...Како вода на извор што притиска камен, како што се издига огнен пламен, доаѓа песната...“ Зар не е тоа љубов?
Неговите песни ги носат топлината на плодната почва под босите нозе, радоста на првите ливчиња што ја уживаат сончевината, кревкоста на младиот расад, мирисот на влакненцата по доматот, бојата на цветот на калинката, блажениот вкус на белиот грозд, кадифениот допир на розата, свежината на зелениката по дождот. Зар не е тоа љубов?
Зар нема само љубов во градината?

РАЗГОВОР СО ДАВИД ПАВИЌ: УМЕШНОСТ Е ДА ИМ СЕ ДАДЕ ЖИВОТ НА НОТИТЕ

  Во осумдесетгодишното постоење на првиот македонски дневен весник Нова Македонија испечатени се безброј страници посветени на афирмацијата...