Friday, January 22, 2016

Преку раскази, младите амбасадори Македонија ја претставија во Израел

Леа  Лумбуровска,  Патрициа Ѓорѓиевска и Филип Димкоски се тројцата млади амбасадори на мирот и пријателството кои пет дена од јануари годинава, минаа во Израел претставувајќи ја Македонија таму.

Имено,  овие тројца млади автори во август минатата година беа  првонаградени во своите категории за продолжување на расказот ,,Еврејчето Шамиод еминентниот македонски писател Владимир Костов. На расказот конкурирале над  60 учесници, а по проценката на стручното жири од нив девет се избрани како најдобри во три старосни категории.
Расказите се објавени во електронска книга  http://www.shamithejewishboy.com/book/ на македонски, англиски и хебрејски јазик и достапни за широката читателска публика.
Конкурсот е по иницијатива на  г-ѓа Марија Герас Дочовска, а го организираше граѓанската организација Одлики од Битола. 

Амбасадорот на Израел во Македонија, г-дин Дан Оријан, одлучи првонаградените автори да ги награди со патување и престој во Израел.
Таму тие беа пречекани и примени од амбасадорот на Р. Македонија во Израел, г-дин Пајо Авировиќ, потоа се запознаа со културата, традицијата и начинот на живот на оваа држава, а имаа ексклузивна можност да се дружат со писатели и издавачи, академски професори, професори и ученици од средните училишта и членови на младински организации.
Ова е уште еден доказ дека уметноста може да го освојува секој дел од светот, да создава и да гради значајни и убави врски и да зближува, поучува и поттикнува.

Израелците се воодушевени од фактот дека толку млади луѓе се зафатиле да осознаваат и пишуваат за сериозна тема како што е Холокаустот,  која ним не им е блиска и имале доволно отворен ум и срце да разбираат и сочувствуваат.

Од друга страна пак, гостите од Македонија се импресионирани од прекрасниот прием и пречек на  Израелците, нивната непосредност, топлина и желба што повеќе и подобро да им ја презентираат својата држава.  Леа, Патрициа и Филип, велат дека ова за нив е големо искуство, престојот и пријателствата од таму им се од големо значење и ова е поттик за да творат и понатаму. Сега нивните раскази ги читаат граѓаните на Израел и тоа за нив е мотив повеќе.

Покрај  убавите пријателства, впечатливите дружења, размената на ускуства и мислења,  посетата на Ерусалим, Тел Авив, Зихрон Јаков, Бенјамина, Хаифа, Назарет, Галилеа  ова е добар начин за во иднина да се развијат соработки во повеќе области. Тоа пак ќе придонесе за уште поголем развој  на и досега убаво негуваните врски помеѓу Израел и Македонија

                                                                                                                                        

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...