Wednesday, September 18, 2019

БРАН ОД ЈАДРАН-Филип Димкоски




Должност, дарба и радост ми е
да ѝ давам љубов на природата,
на земјата, на каменот, на цветот, на тревата,
на дрвото, на мравката, на ветрот, на водата.

Средбата со секоја нова вода,
миг ми е на среќа, љубов и слобода.

Во секоја вода каде се искапувам,
осеќам дека отсекогаш
да дојдам тука сум посакувал.


Јас знам дека токму таа вода ме повикувала,
тоа море,
тој бран,
тој син поглед незауздан.

И пред да дојдам крај ова море
од него љубов сум добивал, знам
јас доаѓам сега за и јас љубов
низ игра да му дадам.
Пливам, пливам,
морето ме повикува.
Подалеку ќе пливам
до каде што гледам,
подлабоко ќе пливам,
до каде што можам,
водата нека ја влажни и осолува
сувата ми кожа.
Секој бран ќе го бакнам,
на секој бран со рака ќе плеснам,
ќе ја играм играта, на водата занесна.

Брановите како луди
струјат, фрчат,
накај мене трчаат,
секој од нив
ме носи,
ме прска,
секој сака да ме облее,
не може да им се одолее.
1.       
Кога излегувам од морето,
од морската игра да починам,
маѓепсан гледам и се прашувам
на што магичноста на морето почива?

Гледам:
Брегот бран повикува,
карпа бран дочекува,
карпа бран отфрла,
бран крај карпа пени, белее
и на пловидба нова заминува.

Плива бранот низ морската шир
да бара на друг брег мир,
да моли друг брег да го прифати,
да стигне до карпа што нема да го одврати,
па да одмори од талкањето,
да почини од патувањето.

Брегот е приказна,
бранот – песна,
брег бран да задржи
не е работа лесна,
затоа брегот
бранот скитник го одвраќа,
карпата го одбива
пак во ширта го праќа.


За бранот нема долги починки,
бранот е создаден за скитање,
еден бран друг дофаќа
вториот на трет се подава,
пенеат, жуборат,
тихуваат, беснеат,
шумолат, пеат,
пренесуваат школки, мириси и воздишки,
гранчиња, камчиња
и уште колку убавини имаат сторено
тие бранови – срце на морето.











Додека тие другаруваат, царуваат,
јато галеби морето го надлетуваат,
де слетуваат, де одлетуваат,
де ловат, де мируваат,
в море се бели бранови,
в небо се памук-облаци,
не знам кај се пораскошни,
кај се домаќини, кај се дошлаци.

Моиве зелени очи
со синило се полнат,
дури траат мојте
небесно-морски сеанси,
сино-зелено гледам
во илјада нијанси.

Горе – небо.
Синило и белило,
небоглед, недофат, недоглед,

Долу – море,
топоти, а мислам стои,
пред  мене ја отвора
палетата бои:
зелена,
темнозелена,
светлозелена,
сина,
темносина,
светлосина,
тиркизна,
смарагдна,
денски позлатено од сочевина,
ноќно посребрено од месечина,
побелено од бранови,
поцрнето од ветрови,
отсликани во него пејзажи.
Сите бои насобрани,
со очи уживани,
со душа осетени,
в срце сочувани.

Морето со боите ме мами,
јас ги сакам миговите кога сме сами,
тогаш му велам „фала“,
наспроти стоиме,
од Мајка Земја и јас и тоа се доиме,
се сакаме и знаеме зошто постоиме.

Се нурнувам во него,
го пијам го густирам,
со него пулсирам.

Немам страв од морето
оти му се предавам,
знам како со водата,
ми се дава, ѝ се давам,
ја слушам, ја гледам
ако згрешам – ќе се удавам.

Таа тогаш ќе се сожали,
милост кон мене ќе  ја понесе,
па бранот
на брег ќе ме донесе.
Jас
мирисам,
слушам,
впивам,
тонам,
лебдам,
пливам,
мирувам,
се бранувам,
сакам вода,
вода станувам.

Пливајќи се враќам во длабочината и далечината,
јас и морето осветлени сме од месечината,
кон плажата наближувам,
до песокот, до карпата, до тамарисот
се доближувам.

Стигнувам на брегот.
Морето неуморно лудува,
тамарисот стои,
удари од морски далги брои,          
гледајќи ја датоста на морето
за играње, за танцување
за бранови до небо дигнување
.
Во мене се раѓа осет дека
тамарисот и морето зборуваат,
и да е, и да не е така,
тие восхитуваат,
во крајморската слика
совршено се вклопуваат.
Плажата ноќе е посебен свет.
Топол песок,
мирис на лаванда,
борови иглички и шишарки
и понекој сронет цвет.

Низ коса
ветер ми провејува
Низ прсти
песок просејувам,
песната морска и мене ме распејува,
со месечината и јас огрејувам.

Дали в море
или крај него,
морето е моја средина,
дали ноќе
или дење,
за телово ми е будење,
за душава ведрина.

Цутам со бугенвилијата,
мирисам со олеандерот,
треперам со ветрот
шумам со морето.

Зреам со калинката,
впивам сонце со маслинката,
жуборам со изворот,
пенам со бранот.


Мирисам со рузмаринот,
вишнеам со чепресот,
боцкам со кактусот,
галам со каната.

Жолтеам со сончевината,
зеленеам со зеленилата,
синеам со морето,
бестелесен станувам,
се слевам со морето
и се бранувам.

Ајде...
Бранувај, море,
пени, море,
мирисај, море,
лудувај, море.

Оти знам јас, знам,
водата од раѓање ме љуби
со голтка, со роса, со капка,
од море, од река, од длапка,
ја љубам, ја љубам
и јас неа,
а водата памти,
чиниш студена,
а и таа е срце што пламти.

( од поетската книга „Во градината има само љубов“ од Филип Димкоски)

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...