Sunday, October 25, 2020

БРАНКА ВЕСЕЛИНОВИЌ: Сѐ уште имам што да му дадам на животот

 


БРАНКА ВЕСЕЛИНОВИЌ (100), НАЈСТАРА СРПСКА И БАЛКАНСКА ГЛУМИЦА

Зборувам македонски и многу го сакам вашиот јазик. Кога настапував во Скопје и во Прилеп, луѓето мислеа дека сум Македонка, затоа што зборувам со точен акцент. Имате убав и топол јазик и некои шармантни зборови, кои проследени со гестикулации даваат една посебност и срдечност, вели Бранка Веселиновиќ

Пред помалку од еден месец, пред сто и првиот роденден на Бранка Веселиновиќ, ја посетивме во нејзиниот дом на Славија, во Белград, Србија. Нѐ пречека со широка насмевка, оти, како што рече, за неа секоја посета е празник. Родена е на 16 септември 1918 во Стари Бечеј, во Војводина, во тогашна Австро-Унгарија, како шесто дете од мајка Јованка и татко Александар. Студирала глума во Србија и во Чешка, a дебитирала во претставата „Карловата тетка“ и играла во првата претстава на Југословенскиот драмски театар, „Кралот на Бетајнова“, во 1948 година. Со сто театарски и педесетина филмски и телевизиски улоги, со многу значајни награди, со сто години живот и осумдесет години кариера, Бранка Веселиновиќ е жива легенда на југословенскиот филм и театар и најстара жива глумица во Србија, а најверојатно и на Балканот.
Добитничка е на Орден за труд со златен венец, „Нушиќева награда“ за животно дело, две стериини награди, од кои едната ѝ е доделена од жири чиј член бил големиот писател Меша Селимовиќ.

Таа е и амбасадорка на УНИЦЕФ, со голем број хуманитарни настапи во болници, училишта, домови за деца без родители, пожарникарски станици, соработничка на Црвениот крст, основачка на фондацијата „Бранка и Млаѓа Веселиновиќ“, која ја доделува наградата за актери. Госпоѓа Веселиновиќ е вистински пример за човек и за човечкото во човекот и сѐ уште е посветена афирматорка на животот.

Играта е вашиот начин на живот, која низ сите години го чува детето во вас. Сте глумеле и рецитирале низ цела поранешна Југославија, а во САД, на англиски јазик, пет месеци сте ја играле „Мајка храброст“. Дали отсекогаш знаевте дека ќе бидете глумица?
– Едноставно мислам дека тоа дојде природно, затоа што потекнувам од семејство во кое се негуваа културата, книжевноста и уметноста. Прабаба ми била учителка, баба ми исто така, а мајка ми беше аматерска глумица. Во моето семејство се свиреше, се пееше, се пишуваа стихови… Имавме навика да разговараме меѓусебно во рима. Тоа се вика „гаѓање“ со стихови и јас до ден-денес го практикувам тоа, да зборувам во стихови и рими. Инаку, мајка ми има потекло од свештеничко семејство. Татко ми предаваше француски, работеше и како библиотекар во „Матица српска“. Моето семејно стебло се развивало во духот на христијанството, уметноста, љубовта и добродетелството… Сето тоа кај мене е наследно, значи со тоа што и јас пишувам, глумам, сликам, ја продолжувам семејната традиција. Глумата како моја професија произлезе спонтано и очекувано, со оглед на потеклото и семејната средина. Почнав со пеење народни песни во Радио Белград, потоа бев член на првиот белградски хор и така, со работа и со потрага по знаењето, станав глумица.

Вие сте симбол за ведрина. Од каде ја црпите таа позитивна енергија што ја вметнувавте во секој сегмент од вашиот живот?
– Додека човек се чувствува потребно и корисно, тоа му дава мотив за живот. Јас имам сто години, но се чувствувам како да сум триесет години помлада. Припадниците на мојата генерација веќе не се меѓу живите, па, ете, медиумите и луѓето имаат потреба од мене. А каква потреба? На младите им е потребно да дознаат за минатото, да дознаат за животот, за мојата кариера, да научат нешто, да извлечат некои поуки и, според тоа, да можат да ја живеат и осмислат нивната сегашност и иднина. Ведрината од животот ја внесував и на сцената. Повеќе од половина век настапував во „Весела вечер“, потоа одеше и серијал „Три минути со Бранка Веселиновиќ“, значи играв во многу комични драмски парчиња, внесувајќи ги хуморот, сарказмот и веселоста на сцената и споделувајќи ги со публиката. Сепак, омилена улога ми е Гина од „Ожалостено семејство“, со која ја добив една од двете стериини награди. Со таа претстава игравме низ цела Југославија, Русија, Германија и во Полска. Со глумата прошетав низ половина свет.

Кој е рецептот за вашата виталност, енергичност, физичка и ментална подготвеност и волја за живот?
– До пред неколку години редовно пливав и често одев на море. До ден-денес редовно вежбам, едноставни вежби за размрдување. Во однос на исхраната, избегнувам мрсно и не јадам многу, не дозволувајќи си да се здебелам. Не пијам алкохол, не пушам, а редовно пијам чај. Не го давам ова како рецепт за секого, туку само кажувам како правам јас. Мислам дека чајот многу ми помогна да го одржам гласот. Гласот е алатка за глумецот и мора да се чува. Еве, сигурно забележувате дека сега гласот ми е зарипнат. Тоа е така оти пред некој ден се напив ладен пијалак, а изведував програма на отворено. Но ќе направам инхалација и ќе помине тоа. Секој треба да се слуша себеси. Важно е да се биде едноставен. Да додадам дека не сум скептична, не проверувам, не се сомневам и затоа и не бев многу повредувана во животот. Јас постојано работам и се движам, неколку години немам улоги во театарот, но јас сѐ уште посетувам училишта, болници, домови за стари лица. На децата и луѓето во овие институции им приредувам програма и ги забавувам. Јас секој ден работам по нешто, или сликам или изведувам програма пред децата и пред пензионерите, порано свирев на клавир… Уште читам без очила и добро слушам. Позитивна и ведра низ сите овие мои години ме одржаа и децата пред кои рецитирав и глумев. Имав голема чест да бидам многу блиска пријателка со Десанка Максимовиќ. Со неа посетувавме многу училишта и на средбите јас рецитирав нејзина поезија. Многу позитивно гледам на животот и затоа живеам толку долго.

Освен што пишувате поезија и сте авторка на „Книга за добрината“ и „Бранка без престан со децата“, вие сте и полиглот и зборувате неколку јазици, меѓу кои и македонски.
– Потекнувам од Војводина и растејќи во таква мултијазична средина научив унгарски. Зборувам и француски, руски, германски и словенечки и англиски. На англиски, како на мајчин јазик, глумев во САД, заедно со мојот сопруг Млаѓа, кој, освен глумец, беше и преведувач од англиски на српски јазик. Зборувам и македонски и многу го сакам вашиот јазик. Кога настапував во Скопје и во Прилеп, луѓето мислеа дека сум Македонка, затоа што македонски зборувам со точен акцент. Имате убав и топол јазик и имате некои шармантни зборови, кои проследени со гестикулации даваат една посебност и срдечност. Кога гостував во Нови Сад, и кога ќе ми кажеа дека убаво имитирам војводински говор, им велев: „Сѐ друго морам да учам и да имитирам, а тоа барем не морам, оти тоа е мојот јазик“.

Имавте ли тешки моменти во животот и кaко се справувате со нив?
– Мојот живот е исполнет со многу убави моменти и случувања. Јас лошите нешта многу брзо ги заборавам и, откако ќе се случат, не сакам да зборувам за нив. Еве, во април ми се случи кражба. Но јас го преживеав тоа и го заборавив. Крадецот го врати украденото, а јас му простувам. Најтежок ден ми беше кога го изгубив мојот сопруг Млаѓа Веселиновиќ, во 2012 година. Имавме прекрасен брак, кој траеше шеесет и четири години. Тој замина од овој свет и од оваа куќа, но не и од моето срце. Исто така, пред неколку години, додека играв во една претстава, некој декоратер лошо ги наместил кулисите и јас паднав во дупка од три метри на сцената и го повредив колкот. Можеше да биде многу полошо. Но примав терапија, одев на бања и така колкот заздрави, но, еве, поради тоа користам бастун. Фала му на бога, сега сум добро.

Што е за вас животот?
– Живот е овој момент, еве, оваа наша средба. Ова што вие дојдовте и ми направивте чест, тоа што ние се дружевме и разговаравме, тоа е животот, како и сето ова што го гледате, овие слики, фотографии, книги… Животот е миг.

Се плашите ли од смртта?
– Нема од што да се плашам, затоа што воопшто не размислувам за неа. Уште сум му потребна на животот и имам што да кажам и што да му дадам.

Пишува: Филип Димкоски

Текстот е објавен на 29.8.2019 во Нова Македонија

МИРА БАЊАЦ:Научив да не ја расфрлам енергијата на сите страни

 МИРА БАЊАЦ (90), СРПСКА ТЕАТАРСКА И ФИЛМСКА ГЛУМИЦА

Можете да бидете популарни за една ноќ, а потоа да ве снема. Важно е траењето, вели Мира Бањац

Легендарната српска и југословенска глумица Мира Бањац на 4 ноември го прослави својот 90-ти роденден, но и понатаму работи под полна пареа. Во моментов во Сараево го снима филмот „Сконцентрирај се бабо“, а неодамна играше во две телевизиски серии. Таа вели дека токму работата е тајната на нејзината долговечност.
Родена е во селото Ердевик во Срем, Војводина, во далечната 1929 година. Ѝ припаѓа на првата генерација глумци од Актерската школа во Нови Сад. Кариерата ја започнува во театарот во Сремска Митровица, потоа краток период игра во Бања Лука за следните деветнаесет години од 1951 до 1970 да ги помине во Народниот театар во Нови Сад. Во 1971 станува членка на „Ателје 212“ во Белград, каде што игра до пензионирањето. Остварила многу филмски, театарски и телевизиски улоги, а за неа се објавени книгите „Мирјана Мира Бањац – една и единствена“ од Бојана Стефановиќ и „Не давај се“ од Татјана Њежиќ. Добитничка е на највисоките награди за филм и театар на просторите на бивша Југославија.

Повеќепати сте рекле дека актерството е вашиот живот. Но што сè ви даде вашата професија, а што ви одзеде?

– Мојата професија ми го даде сето она што ја опфаќа мојата долгогодишна кариера, а ми одзеде многу од мојот приватен живот. Морам да ви кажам дека во поглед на приватниот живот не сум меѓу најуспешните. Кога работев во „Ателје 212“ во Белград, додека со него раководеше Мира Траиловиќ, нашите турнеи траеја со месеци и игравме на пет континенти. Сега, се прашувам, можеби токму во моментите на моето отсуство сум му била најпотребна на мојот син. Тоа е една подвоеност, една растргнатост. Но од сето тоа заклучив нешто многу важно. Имено, мора да знаете да правите граници и да знаете што му припаѓа на вашиот живот, надвор од сцената. Научив да не ја расфрлам енергијата на сите страни. Мислам дека на денешните млади актери тоа им е основен проблем. Работат по три-четири проекти одеднаш и немаат време да се дружат, да водат љубов… Едноставно ја бркаат нивната кариера. А кариерата е крајно несигурно нешто или, како што вели Исидора Секулиќ, „кариерата е расиплива стока“. Можете да бидете популарни за една ноќ, а потоа да ве снема. Важно е траењето. А траењето е можно само со правење рамнотежа. Да видиш каде си најпотребен и токму таму да се сконцентрираш.

Кога би имале можност животот да го почнете од почеток, би менувале ли нешто?
– Не. Единствено никогаш не посакувам да се вратам во детството. Многумина со носталгија зборуваат за периодот на детството и младоста но не и јас. Јас впрочем не бев дете. Во периодот на мојата младост се случуваа војни. Секогаш сакав да се извлечам од тој мој период. Кога тргнав да се запишувам на Театарската школа во Нови Сад, јас долго и тешко патував од моето село Ердевик до Нови Сад, малку со воз, малку пешки, па по калишта… Реков: „Одам од Ердевик, и без разлика дали ќе бидам примена на приемниот испит, знам дека назад не се враќам“. Тоа остана како мое животно кредо „Знам, дека назад не се враќам“. Сега веќе во мојот живот, јас не работам ниту за пари ниту за слава. Не размислувам за никакви награди затоа што ги добив сите што можат да се добијат на овие простори. Наградите не се најважни, најважно е што ќе запаметат луѓето од она што сте го работеле вие, како ќе ве памтат и по што. Битно е колку од тоа што сте го пренеле останало во нив и дали тоа ќе го пренесат на идните генерации.

Можете ли да го издвоите најсреќниот период од вашиот живот?
– Да. Тоа се првите десет години поминати во „Ателје 212“. Мира Траиловиќ беше незаменлива управничка, која се трудеше од нашиот ансамбл да направи семејство. Ние бевме една голема и сериозна фамилија. Ако ги нема тие односи, почнуваат суетности, натпреварувања… Ние не се натпреварувавме. Ние се познававме. Јас не љубоморев кога Ружица Сокиќ ќе добиеше улога, затоа што знаев дека кога ќе треба ќе дојде и мојата шанса. Мојот професор на академија, Јуриј Ракитин, велеше дека кој не знае да го опслужи својот партнер на сцената, тој не е добар глумец. И навистина е така. Ако не знаете да ја одиграте најмалата улога, не знаете да ја играте ни големата. Потребна е хемија. И зад најдобрите и зад најлошите нешта, секогаш стои човек.

Како растевте на професионален план и каква беше вашата соработка со режисерите?
– Јас немав проблеми во мојата кариера. Почнав сосема мирно, не станав веднаш славна и успешна. Растев постепено. Имаше и падови, но постепено се развивав и многу сум горда на тоа. Тоа беше така, бидејќи додека работев со полна пареа во Српско народно позориште, имавме пет постојани режисери. Тоа значи дека постојано имате пет различни режисерски сензибилитети, кои знаат која улога и кога треба да ја играте. Тоа сега го нема. Сега, доаѓа режисерот, носи текст, избира неколку глумци, ја прави поделбата на улогите и бидејќи не ги познава, често се прават грешки бидејќи режисерот не знае дали глумецот што го одбрал е способен или не за да ја одигра улогата. Тоа што денес глумците ги има насекаде и во театар и во филм и на телевизија, од една страна е добро затоа што побрзо стекнуваат популарност, но се случува во некои проекти да бидат површни, а тоа не е добро. Но тоа не зависи само од глумецот, туку од целиот проект.

Која е вашата порака кон денешните млади глумци без разлика на тоа дали нивните ангажмани се театарски, филмски или телевизиски?
– На овие наши простори се јавуваат силни млади сили, млади глумци, кои се едноставно тука и нема што да се докажуваат. Тие, за среќа, се образовани, имаат дијапазон што можеби нам ни недостигаше. Образувани се за сите медиуми. Јас, да речеме многу рано почнав да снимам филмови. Порано се знаеше кои се филмски глумци и тешко беше театарски глумец да дојде до филмска улога. Им препорачувам на младите да го освестат делот во себе што ќе им каже што треба да прифатат, а што не, зад која улога можат да застанат, а зад која не. Сите овие модерни медиуми исто така од глумецот ги бараат талентот, способноста и посветеноста, само што техниките се поинакви. Со нивното доаѓање значи имаме нови компоненти во кариерата на еден актер, нови предизвици и ангажмани. Сепак, сметам дека во една актерска кариера театарот е суштината.

Која е Мира Бањац кога е дома, без публиката и без камери?
– Кога ќе застанам пред огледало секогаш заклучувам дека сум малечка и грда. За театарот секогаш ми недостигаа големи очи, големи раце, големи нозе… И за сите тие мои недостатоци, јас морав да работам, да се изнаработам. Кога Љуба Тадиќ ќе ја испружеше раката, ја зафаќаше половина сцена. А јас за сѐ морав да се докажувам многу повеќе за да дојдам до израз. Инаку, дома сум класична домаќинка. Редовно готвам и одам на пазар. Низ паркот се сретнувам со моите пензионери, кои сакам да ги видам, а и тие сакаат да ме видат мене. И секогаш кога сум дома, а кога немам работа, гледам да одморам и да соберам сила. Тоа е време само за мене. Тогаш читам, гледам телевизија или едноставно ништо не правам туку се опуштам и се одморам. Надвор од сцената, јас сум една сосема обична жена.

Пишува: Филип Димкоски

Интервјуто е  објавено на 13.11.2019 во „Нова Македонија“

Friday, June 5, 2020

Поезија и биографија од белоруската поетеса Марија Кобец




Марија Кобец (1974) поет, преведувач, новинар, заменик претседател на Регионалниот огранок на „Сојузот на писатели на Белорусија“ во Минск. Автор е на три збирки поезија, застапена е во повеќе меѓународни зборници, член е на Сојузот на писателите на Белорусија како и член на „Сојузот на писателската Унија“. Лауреат е на книжевната награда Владимир Колесник, како и златен добитник на „Меѓународната книжевна награда“ „Евроазиска награда“ во номинација на „Фицтион“ (Москва). Со избор на песни преведувана е на: азербејџански, албански, арапски, англиски, балкарски, башкирски, бенгалски, маџарски, вијетнамски, Каннада (Индија), киргиски, италјански, шпански, казашки, кинески, малајски, германски, холандски, полски, румунски, руски, српски, словенечки, таиванески, туркменски, турски, украински, урду, панџабски, хрватски, чеченски, чувашки јазик




ПИСМО ДО СПАСИТЕЛОТ

СПАСИТЕЛУ
Кога во далечината на хоризонтот
Твојот лик ќе се разлее
Моите очи дали ќе те познаат
СПАСИТЕЛУ
Кога во пустината
Твоите траги ги покриваат
Вжарените  ветришта на вековите
Дали ќе го видам твојот пат
СПАСИТЕЛУ
Кога сведоците на твојата тага
Ќе исчезнат со крвавите дамки
Од светиот плашт
Дали ќе се осети болката
Претрпена заради нас
ГОСПОДЕ
Изворот мој пресуши
Сандалите ми се износени
А рацете уморни од молитва
Плеќите едвај ја носат тежината на мојот крст
Телото едвај те следи
ГОСПОДЕ
Образите мои се румени
Пред знамињата на победите од моите крвници
Но...
Смилувај се над нив, Исусе!
Смилувај се над мене и моите синови!
Смилувај се над оние кои те повредуваат Тебе!
Лицето мое се осветлува низ солза покајна
Рацете очајно ја вртат Светата Бројаница
А усните шепотат:
„Господи помилуј!
Господи помилуј!
Господи помилуј“
... Исусе јас знам Ти ме слушаш.

38 –и стих, „Беседа на гората“, Евангелије според Матеј 5.38 – 42 – Не противречи на зла сила: „Сте чуле дека во Мојсиевиот закон пишува: „Око за око заб за заб“. А пак јас Ви велам: Не противете се на злото. Ве удрат ли по едниот образ свртете му го и другиот.“
Марија Кобец
Превод од српски: Јовица Илиќ


Thursday, April 23, 2020

КАЛДРМА ОД ТВОРЕШТВО ЗА ДЕЦА


Книгата е создадена по иницијатива на м-р Љупка Стојменова, професорка по македонски јазик и претседателка на здруженито „Стари поток“ која повикот за авторите го огласи на втори април-Светскиот ден на литературата за деца, па се до Светскиот ден на книгата истата се комплетираше и се објави токму на 23 април.
-          Предвечерие на 2 Април. Време во невреме. Затворени училишта, библиотеки, откажани културни манифестации... А требаше да се одржат многу. Па,
нели е 2 Април – Меѓународен ден на книгата за деца. Се откажаа средби со писатели, промоции на книги, се откажаа литературни читања... А во вакво (не)време не
смеат да се заборават децата, нивната желба за читање, желбата да се нурнат во стиховите, во зборовите испреплетени со необичност, магија, фантазија, кои Здружението за култура, наука и општествени дејности „Стари поток“ од Кочани, по повод Светскиот ден на книгата и авторските права ја објави електронската книга „Калдрма од творешто за деца“ со песни и раскази за деца.
Своите дела, односно свои камчиња во калдрмата вградија авторите Лила Арсова, Ленче Стојменова, Ленче Китанова, Славица Цветкова, Наташа Брезовска Богоевска, Љубинка Донева, Атанас Крлевски, Ружа Стојмилова, Јане Атанасов, Филип Димкоски, Снежана Паноска, Наде Ефремова, Славица Урумова Марковска, Гордана Угриновска, Мирјанка Р. Селчанец, Милица Паулус, Милка Накова, Анета Велковска, Благица Кузамновска, Ана Велјаноска, Вера Андон и Наум Попески од Македонија, Власта Н. Цениќ, Милоје Радовиќ и Жикица Димитриевиќ од Србија, Ана Багрјана од Украина, Димитар Никленов од Бугарија, Сретен Вујовиќ од Црна Гора и Сафета Осмичиќ од Холандија и Наде Ефремова од Германијаќе
ги понесат во светот на детските желби, мечти, соништа. Во вакви моменти магијата на зборот им е потребна не само на децата, туку и на возрасните-пишува Стојемова во предговорот кон оваа книга.

Електронската книга засега се распространува преку социјалните мрежи, а доколку се создадат услови се планира и нејзина печатена верзија.

ЕЛЕКТРОНСКА КНИГА




Thursday, April 2, 2020

ПЕСНА ЗА ДЕЦА ОД ДИМКОСКИ ВО КРЕАТИВНА ДОМАШНА РАБОТИЛНИЦА

2 Април - Светскиот ден на литературата за деца, Издавачката куќа Феникс го одбележа со својот нов портал Креативна домашна работилница, каде се објавени прилози од: Доналд Бисет, Велко Неделковски, Киро Донев, Кирил Темков, Мирко Томовски, Ана Петреска, Филип Димкоски, Христо Петрески и други автори.

https://feniks.net.mk/blog/rabotilnica/rabotilnica-006?fbclid=IwAR0GKu_r3edyOBo8Fq9jVppquD_SDer9Dh7MwMj-Gjt5ctXVnuNmhwmrs0s

СЕ СКРШИЛО, СЕ СКРШИЛО


КИРИЛ ГИ ОДРА КОЛЕНЦАТА ИГРАЈЌИ
СЕ ЗАТРЧА И НА БЕТОНОТ ТРАСНА,
Е АКО ДЕ , ПАДНАЛ ПАДНАЛ
СО  ПАЃАЊЕ  ДЕЦАТА РАСТАТ.

ЛИЛЕ ЈА СКРШИ СТАКЛЕНАТА ВАЗНА
СО ТОПКАТА ФРЛИ И ВАЗНАТА ПАДНА,
Е АКО ДЕ, СЕ СКРШИЛА, СЕ СКШРИЛА
НЕКА НИ Е ЗДРАВА, ЌЕРКАТА МИЛА.

АЛЕК ЈА ИЗВАЛКА ШАРЕНАТА  БЛУЗИЧКА
НАМЕСТО ТОЈ, БЛУЗАТА ХРАНАТА ЈА ЛАПНА
Е АКО ДЕ, НЕ Е ПОВАЖНА ОД ДЕТЕТО
ПА АКО САКА  НЕКА Е ДУРИ И ЗЛАТНА.

СЕ СЕ КУПУВА, СЕ ШИЕ, СЕ ПЕРЕ, СЕ ПРАВИ
САМО ДЕЦАТА НЕКА СЕ ВЕСЕЛИ И ЗДРАВИ!

ФИЛИП ДИМКОСКИ

Признание, објави и онлајн поетски настап на Филип Димкоски во Индија, Романија, Србија, Тунис, Хрватска и Италија.


         Поетот Филип Димкоски за време на вонедната состојба што речиси владее во целиот свет, својата публика ја изненади со онлајн поетски настап, отворајќи го првото онлајн читање на здружението „Три Дубровкиње“ во Дубровник, Хрватска, на кое на македонски јазик ја читаше песната „Остани“. Ова здружение каде членува Димкоски, најави дека по првото онлајн читање со учество на поети од БиХ, Хрватска и Македонија ќе продолжи и натаму со вакви и слични културни активности преку интернет.

Во Романија пак, списанието за култура, историја и литература Валахиа во градот  Ѓурѓево, ги објави песните „Доаѓа песната“ и фрагмент од песната „Божјиот глас“  од Димкоски на романски јазик, негова биографија и видување за неговата поезија од романската поетеса Дуња Паланџану. Поезијата и биографијата на романски јазик ги преведоа и препеаја поетесата Надежда Радева и поетот Адриан Василев.

Во меѓувреме India Universe Voice of Poetry од Индија го награди Филип Димкоски  со признание „за ширење на мирот преку поезијата“. Тој за ова призание беше предложен од други поети од регионот и од Индија.
Песните „Подарок за дарот“, „Повик“ и „Мирисај!“  од Димкоски објавени се и на интернет страницата http://thejasmincollors.com/ од Тунис, во препев на српски, на англиски и на француски јазик.

Во Србија, Димкоски е вклучен во конкурсот „Прегрни го животот“ од Здружението на балканските уметници од Суботица, а онлајн  зборуваше за литературата за деца по повод први април-Денот на шегата и втори април-Светскиот ден на литературата за деца, а се вклучи и во неколку онлајн изданија и електронски книги.
Во Италија со поезија на италијански и на македонски јазик е  дел е од мрежата  Contagiamoci Di Poesia.
За годинава предвидени се објави на неговата поезија во Русија и  во Црна Гора.


Thursday, March 26, 2020

ПОЕЗИЈА ОД ФИЛИП ДИМКОСКИ ОБЈАВЕНА НА СРПСКИ, АНГЛИСКИ И ФРАНЦУСКИ ЈАЗИК

Малку моја поезија на српски, на англиски јазик и на француски јазик на овој портал. Благодарност за објавата на пријателите Дијана Ухерек Стевановиќ од Србија и Абдалах Гашми од Тунис...Поезијата на српски ја препеаа Александар Димкоски и Снежана Алексиќ Станојловиќ, а на англиски и на француски Абдалах Гашми.
Пријатно читање!

http://thejasmincollors.com/?p=2162&fbclid=IwAR3Dtp0Psx57so3-T0s_9fTFUru1SFuzrppCPclYhpT2Y5XjKxlS81DdgX8

Saturday, March 21, 2020

LICENTIA POETCA со Зденка Валент Белиќ: ШТО ЗНАЕМЕ НИЕ ВООПШТО?

Почитувани читатели на рубриката Licentia poetica на порталот КулАрт.Мк,

Заради технички проблеми на порталот КулАрт.Мк, а додека истите не се надминат,
рубриката Licentia poetica ќе продолжи еднаш неделно да претставува по еден поет од Балканот на обој блог.Во меѓувреме и сите претходно објавени поети во рубриката ќе бидат објавени на блогот.

Ви го честитаме денешниот Светски ден на поезијата со стиховите  на поетесата Зденка Валент Белиќ од Нови Сад, Србија. За препевот и се заблагодаруваме на поетесата Снежана Алексиќ Станојловиќ.
Уредник на рубриката:Филип Димкоски





Зденка Валент Белиќ (1975) е поетеса и уредничка на списанието за книжевност и култура Нов живот (Nový život). Дипломирала словачки јазик и книжевност. Работела во Градската библиотека во Нови Сад, а од 2013 година работи во Покраинската влада. Активно се занимава со уметнички превод од словачки и од чешки јазик. За својата преведувачка дејност добитничка е на наградите  „Павел Орсаг Хвездослав“(2012), која ја доделува Асоцијацијата на здруженјата на писатели на Словачка и  „Превод на годината“ (2016) која ја доделува Друштвото на книжевници на Војводина. За поезија два пати ја добила наградата „Rozlety“ (1994 и 1997) а добитничка е и на прва награда на фестивалот „Gerbocova literarna Snina“(2017).  Авторка е на книгата „Имигранти во Вавилонската кула“ (Завод за култура, 2017) која е објавена и на словачки јазик во 2018. Членка е на Друштвото на книжевници на Војводина (Нови Сад), Клубот на независни писатели (Братислава), Здружението на уметнички преведувачи на Србија (Белград) и Друштвото на новосадски писатели (Нови Сад).Пишува поезија, есеи, проза и книжевна критика. Објавува во Србија и во Словачка.



НОЌТА  НА  ПОМПЕЈСКИОТ  ОГАН

Дали заспаните да се будат
или да се бдее над молчењето?
Штурците ги оставиjа гудалата и со мрсните
букви ги испишуваат сметките.
Тескоба се вовлекува меѓу камeњаta
и карпаta како острица на амен
o камен загребала.
Завива страв со писокот вијугав,
со немиот жар чадат серпентини.
Страста испарува...
Неиздржлива е смрдеата на изгорените желби.
На џагорот вратот му е  заклан,
a во огледалото – само плосната темница
заробена од кој знае кога
како илјадагодишниот пепел во помпејската печка.

Дал да дувнеш во тескобата на дланка?
Во раскошната глава на глуварчето?
Во сонот
со синото небо?
Дал да дувнеш или здивот да го сокриеш? 
И да бдееш над молчењето?

Само жарче што ги сотрува наивните инсекти
се слуша уште како цврчи.
Нашиот бешумен сон
наскоро ќе биде празен.
Стравот ни ја распарува надежта на денот 
и верата во синилото
под капаците на заробеното помпејско момче,
Недопреното.



РАЗДЕЛБА

Ме даруваш со разбирливото молчење.
Се накривиле деновите под неговото траење.                                          
градбата е накривена,
сега веќе знам дека ќе падне.
Не, онака величенствено, во оган како Нотр дам,
Туку како истрошена  колиба,                                                                  
чиј кров немо клекнува под сопствените темели.

Секогаш кога нешто ќе ти падне на прсти, тогаш боли,
подскокнуваш на другата нога и во себе пцуеш.
Секогаш кога нешто ќе ти падне
се фаќаш за градите и го запираш урликот.

Човек умее да зборува само на својот јазик
иако не е сосема сигурно дека и  него го разбира
и дека сосема знае што кажал.
Ние двајцата (како звучи свечено ова!)
долго веќе молчиме на мајчините јазици
згледани во подот.
Некогаш сме се гледале во очите.

Вавилонците околу нас ја артикулираат својата беда,
Капнува дреновина по патот.
Устите се отвораат и ја цедат љубезноста
во која нема да се удави
нивната злоба.
Kaко во немиот филм
гестакулираат и се разминуваат.                                                                 

Го впивам нашиот нем разговор,
затоа што  единствено него го разбирам.
Кажаното ќе ме препознае каде и да тргнам.


 AПОКРИФИ

ЖЕНАТА НА ЛОТ

Што знаеме ние
за чиј поглед се свртела таа
бегајќи од пламените јазици на Содома?
Oд чиј притисок oжеднела
возбудена како кога од високата карпа
со сета силина ќе скокнеш
во млако море
a тоа благодарно ги раскрилува рацете и
ја пушта жедна да се нурне во него.
Пења им шишти околу ушите,
Брановите ги фрлаат, ги вртат
Итаат во височините, a потоа оддеднаш понираат во солена утроба  
на битието.
Ќе ја растураше сласта наоколу како
искината ниска од бисери
од хукот на свилената вода,
што од устата лековито извира.
Затегнувањето на залепената коса обвиткана
околу вратот,
влакна во устата и вкус на крв
од касањето на распуканите усни.
Знаеме ли ние нешто за тоа гротло
кое како железен оков
гуши?
Koлку е тежок? Дали успева да го носи
забранувано тело, а од него да не се откине?
Би ја впивала во себе пијавицата на торнадото
која ги кине стеблата,
и ги корне од коренот,  
ја простира земјата од бусени по почвата,
како тегла со лешници
случајно во занес со рака превртена.  
Стакло пукнало, a плодовите се растркалале по дрвениот под
дури под окното на прозорецот.
Каде е сега тој прозорец на Гомора
низ кој со окото се враќаше?
Таму таа ги простре лешниците и бисерите,
или ја искина гривната,
обетките немарно ги спуштила под креветот,
случајно поминала преку фрлената бела кошула
по ритуалното принесување на жртвата од сопственото тело
на најмоќниот Бог.
Што знаел за нејзиниот пекол  
оној кој и наменил рај, а градот го запалил,  
од кој  сега во трчање како виновна ја изнесуваат
додека од себе ја тресе страста како неизбришани капки вода
Носејќи го своето последно зрно на солта под јазикот.
Што знаеме ние воопшто?

                                                              

Препев од српски на македонски јазик: Снежана Алексиќ Станојловиќ

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...