Wednesday, November 25, 2015

Љубов за живот човечна

Печал

(Кочо Рацин)

Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема,
љубов за живот човечна
у виа гради аргатски?

Нема ли срце, нема ли
срце - на срца срцето,
срце - ширини широко
срце - длабини длабоко -
цел свет да збере, па да е
за виа гради малечко?

Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите -
ден - с'лнце вишен високо
ден - море ширен широко,
с'лнце да запре, да стои
и времето зачудено:

срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвора
и шири ширно широко -
целиот свет да загрне!









На 25 ноември 1939 објавена е стихозбирката ,,Бели мугри" од Кочо Рацин. Овој поет во белите мугри ги изнедри песните што осветлија многу утра, а силината и топлината од тие стихови ги огрева утрата до ден денес.

Monday, November 23, 2015

Уште седум дена за испраќање творби за Детскиот литературен фестивал ,,Ракатки”-2016



Триесетти (30) ноември е крајниот рок за испраќање на литературни творби (поезија и куса проза) за Детскиот литературен фестивал ,,Ракатки”-2016.

Творбите треба да бидат напишани на македонски литературен јазик, а учесниците од другите националности што живеат во Македонија можат да ја достават творбата на својот мајчин јазик, со превод на македонски.

Право на учество на фестивалот имаат сите ученици од Македонија, на возраст од 8 до 15 години.
Секое училиште може да учествува само со една творба, оценета и избрана како најдобра исклучиво од својата литературна секција, со записник оверен од директорот на училиштето.

Се препорачува да не се повторуваат учесниците од претходните фестивали, за да им се овозможи на повеќе ученици и ментори да учествуваат на оваа манифестација.

Творбата се доставува отчукана на компјутер во еден примерок, со име и презиме на авторот, одделение и училиште, како и име и презиме на менторот, негов телефон, мобилен и е-адреса, на адресата: Славка Арсова, ул. Јуриј Гагарин, бр.25/9, 1000 Скопје. 

Од сите пристигнати творби жири-комисијата на фестивалот составена од писатели за деца и млади ќе избере 30 најдобри творби, рангирани во три наградени категории, со кои авторите ќе настапат на фестивалот.

Одлуката на жири-комисијата ќе биде објавена на 15 декември годинава во додатокот за деца и млади „Колибри“ во весникот „Нова Македонија“ и со писмо до директорот на училиштето на избраниот ученик.
Дванаесеттиот републички детски литературен фестивал „Ракатки 2016“ ќе се одржи во април следната година.

Славка Арсова, претседателка на фестивалскиот одбор

Поети од Египет утре ќе се претстават во Скопје

Утре, 24 ноември, во 20:00 часот, во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) ќе се реализира промоција на зборникот на „100 Илјади поети за промена“ во кое се застапени поети од Македонија кои учествуваа на петтото издание на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ во Македонија. Специјални гости на настанот се Мохамад Фарахат и Мохамад Магди, кои се претставници на интернационалното движење од Египет.


Sunday, November 22, 2015

Денови на македонската култура во Загреб

Од 25 до 28 ноември 2015 година, во Загреб ќе се одржат Деновите на македонската култура во организација на Здружението Спектрум.
Годинава во рамките на овие активности, здружението Спектрум ќе прослави 10 години од своето постоење.

Програмски измени има во однос на тоа дека досега се организираа трибини и предавања на истакнати професори од Загреб и од Скопје, проекции на филмови и литературни читања, а годинава преку распишаните конкурси и изборот на најдобри од истите, на млади уметници од Македонија, им се овозможи да ги претстават своите уметнички дела, надвор од границите на нивната татковина.

По свеченото отворање на 25 ноември, следи отворање на ликовната изложба од младиот уметник Кристијан Јованоски-Кетерник, студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Жанета Вангели.
На 26 ќе бидат претставени краткометражните филмови на Мартина Михајлова и Ана Миновска.

Во петок на 27 ќе се претстават авторките Радица Стојановска и Елена Остреска кои ќе ги презентрираат нивните литературни дела.
Со предавањето на проф. д-р с.ц. Владимир Мартиновски  и прослава по повод десетгодишнината на здружението Спектрум, ќе завршат Деновите на македонска култура во Загреб.

Сите дела ќе бидат презентирани и на македонски и на хрватски јазик, во превод на членовите на Здружението Спектрум.
Сите настани се од отворен тип и сите заинтересирани се добредојдени.



Saturday, November 21, 2015

Никогаш не е доцна

За ништо, никогаш не  е доцна. Се додека има живост и искра во човековото битисување, жив е животот. Никогаш не е доцна (Никад није касно) се вика музичката емисија што се  емитува на српската телевизија Прва, босанската телевизија OBN и македонската телевизија Канал 5.
Таа им дава можност на луѓето со талент за пеење, што имаат над 45 години.

Учесници се луѓе со врвни пејачки способности. Некои прв пат држат микрофон в рака, други пак, почнале пејачка кариера, но заради различни причини не продолжиле, трети пак се инстументалисти, што сакаат да го докажат и измерат својот потенцијал и во пеењето.

Во секој случај, забавна, поучна и инспиративна емисија што треба да се гледа.

Од Македонија во оваа емисија учество зедоа музичарот Благој Маротов и неговата сопруга, исто така музичарка, Јулијана Маротова.

На официјалната страница на емисијата Никогаш не е доцна, за настапот на Маротов, со песната Кога ќе ми дојдеш ти (Кад ми дођеш ти) од Оливер Драгоевиќ, напишано е:

,,На моменти, не бевме сигурни дали е Оливер Драгоевиќ или Благој Маротов, Уживајте во блескавата интерптретација на професорот по музика"

Слушнете како ,,разлева" Маротов, и како преубаво пее неговата сопруга Јулијана.




Friday, November 20, 2015

Filip Dimkoski: Парго за новата песна на Сара Мејс: Кукла од музич...

Filip Dimkoski: Парго за новата песна на Сара Мејс: Кукла од музич...: Креативно, исклучително уметнички, до перфекција прикажана елеганција и рафинираност, во изведба и во сценско однесување. Апстрактно, но во...

Парго за новата песна на Сара Мејс: Кукла од музичка кутија


Креативно, исклучително уметнички, до перфекција прикажана елеганција и рафинираност, во изведба и во сценско однесување. Апстрактно, но во исто време и магично. Како кукла од музичка кутија. Навистина голема уметничка висина и ниво. И експресија на сензибилитет и емоции токму онолку колку што е потребно, за да е фино. Неспоредливо! Одлично! Уметница на повидок! Во овој жанр може да се споредува (за почеток) со Калиопи, и толку!

Валентина Ѓорѓиевска-Парго
(естрадна новинарка)


Thursday, November 19, 2015

Една моја, љубовна

Заиграј танго со мене,
Љубов,
Љубов ти  гледам во очите.
Гушни ме,
со поглед  убиј ме,
гушни ме,
не давај ме,
љуби ме,
љуби ме.

Чекор по чекор,
поведи ме,
играј,
гледај ме,
заведи ме.

Бакни ме прва,
дека ме сакаш,
да ми е јасно,
па потоа ќе продолжам,
да те галам,
да те љубам страсно.

Те сакам колку и зборот,
Верувам во зборот колку во тебе.
Затоа дека ме сакаш кажи ми,
Покажи ми, покажи ми.

Оган,
Пламен,
Љубов насетувам,
Покажи дека ме љубиш,
Ќе те љубам силно,
Ветувам.



Дај две, љубовни

Денеска прв пат бев во Книжевниот центар ,,Антолог" што се наоѓа на улица ,,Ѓорѓи Пулевски" бр. 29. Пријатно катче за уживање во книгите. Посетете го. Од таму ја купив антологијата на љубовни песни насловена ,,Дај две, љубовни".

Се работи за избор поезија од домашни автори и автори од Европа, направени од преведувачи, писатели и соработници на Антолог. Книгата е вистинско поетско славје на љубовта. Прочитајте ја.

Во продолжение две песни од ,,Дај две, љубовни":

Љубовта кога се открива

Фернандо Песоа (Португалија)
Избор и препев: Наташа Сарџоска

Љубовта кога се открива,
не знае да се открие,
Умее добро да гледа во неа,
но не умее да и проговори.

Оној што ќе посака да искаже што чувствува,
не знае што треба да каже.
Говори: Се чини дека лаже,
Молчи: Се чини дека заборавил.

 Ах, но  кога таа барем би насетила,
кога би можела да слушне или да види,
и кога само еден поглед би и бил доволен,
за да знае дека ја љубите.

Но, оној што многу чувствува, молчи,
Оној што сака да каже колку чувствува,
останува без душа и без реч.
Останува сам, целосно!

Но кога барем би можел ова да и го раскажам,
она што не се осмелувам да и го кажам,
Тогаш не ќе треба повеќе да и зборувам,
Оти веќе и говорам...

Магија

Кшиштоф Камил Бачињски (Полска)
Избор: Милица Миркуловска
Препев: Инес Дамеска

Чадот проектира, сенки, ликови и коњи
над ралзеаниот огин, развевајќи си ја гривата.
Жолти пламења повикуваат: ,,Во ѕвездите зелени,
те преколнувам, демону, Ахарбалу-дојди!"
Тогаш во осамената рамка на сликата настапува,
дух огормен во сини искри,
и како во стапица фатен, стои.
Во облаци напрегнати и ја расфрла насекаде,
пареата што го исполнува
и тогаш тој во сивило,
низ вознемирувачка тишина и сенки што гушат
,,Ахарбалу-проколнува-низ оваа тешка пареа,
Ахарбалу-проколнува-
врати го сеќавањето за неа!"
Па во блесокот на сикрите се извиваат румените
контури на надуените гради, на разотоворените усни,
црните веѓи.
Тогаш од неговата,
наназад зафрлена глава, продираат очи
како да се солзи во кои се огледува една слика,
Се помалечка и плаче: ,,O, зла среќо!"
A таа веќе како камен одекнува во ноќта.

Wednesday, November 18, 2015

Така ми дојде

Толку многу нови книги, толку многу нови романи, нови стихозбирки, нови книжевни манифестации, промоции, фестивали, здруженија.

Едно е сигурно, дека луѓето од областа на книжевноста си ја работат својата работа, онака како што знаат и умеат.
Нема да зборуваме за квалитет, зашто секој има различна перцепција кон тоа, што е убаво, а што не.

Меѓутоа се радувам што литератите со секој свој збор градат браник од љубов, за да го заштитат човештвото од бездната кон која тргнало.
Во главите и срцата на писателите живее љубовта, надежта, мирот, радоста и визијата за поубава утрешнина.

Тие секојдневно преку писанијата и настапите ги праќаат своите критики, ги презентираат своите ставови, ги опишуваат своите согледби и ги испишуваат своите визии, низ зборови полни душа, низ живи импулси кои се пробиваат низ глобалното духовно мртвило.

Можеби очите ни се запрашени од чадливиот густеж или истечени од лакоми погледи кон парите, но фрлете грст вода на очи и видете дека околу вас има луѓе во кои се уште има човечност.

Поети, прозаисти, сликари, вајари, графичари, пејачи, кант-автори, инструменталисти, актери, режисери, танчари, танчарки, балерини,  фотографи, дизајнери...кои со својата уметност се борат против злото што сака да завладее и до некаде му успева.

Се случуваат толку многу музички фестивали, концерти, ликовни изложби.

Во салите каде се одржуваат лажни проповеди и партиски собири, уметниците организараат концерти, фестивали и играат театарски претстави, во парковите каде што има насилство и дрога се организираат поетски читања и музички случувања, интернет просторот преполн со морбидности, шпиунирања, говор на омраза, уметниците преку социјалните мрежи го полнат со стихови, слики, уметнички фотографии, известувања за културно-уметнички случувања, го претвораат во оаза на доброто.

Си рамизлувам за големите Шарл Азнавур, Тони Бенет, Тереза Кесовија, Габи Новак, Радојка Шверко, Добрила Чабриќ, Милица Стојанова, Љупка Џундева, Мите Грозданов... Тие луѓе со огромен животен и професионален багаж се уште активно (многу поактивно од многу помлади нивни колеги) настапуваат, објавуваат нови албуми, снимаат нови песни.

 Верувам дека нивните импулсивни души го сеќаваат злото кое се заканува и затоа  сакаат да не обвијат со убавина преку своите вонвременски и вонсериски уметнички творби. Шарл Азнавур на 90 години го објави својот 46 албум, Тереза на 78 години објави албум и се уште активно настапува и држи концерти, Милица и Љупка имаат по над 80 години и се активи на театарската и филмската сцена, Чабриќ на 85 играше монодрама, а на сегашните 87 се уште е активна, Мите Грозданов завчера  ја играше репризата од својата најнова монодрама....
Што ги тера ним,  покрај богатите кариери и својата зрела старост да го прават тоа?

Сакаат да не заштитат, да ни порачаат, до најситно делче да ни ги пренесат вистинските вредности, да не уверат и да не натераат да ја бараме и да ја создаваме љубовта, убавината и добрината.

Напред уметници од сите области, од сите возрасти, од сите вери, од сите националности. Вие сте жители на светот па и вашите дела и пораки се за сиот свет.

Уметноста е чиста и полна љубов и затоа уметниците се воини во нашето време, наши херои, наши воини на светлината.

СЕТА ЉУБОВ И ПОЧИТ КОН НИВ!

Та, што е поразот? Миг само! А идеалот – вечност.

На денешен ден во 1874 година во Постол, Егејска Македонија, е роден Крсте Петков Мисирков

 Тој е македонски филолог,  кодификатор на македонскиот литературен јазик   и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Тој е и автор на првата и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петерсбург ,Одеса и Софија, раководител на ТМОК и личност на македонскиот 20 век.
Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието ,,Вардар"  и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.

,,Jазикот iет средство, со коiе ниiе познааме, шчо мислит, шчо осек'ат и шчо сакат нашиiот собеседник. Во iазикот се имаат оддел'ни гласовни знакои или зборои за сите мисли, осек'аiн'а и сакаiн'а на iеден чоек, затоа iазикот на iеден народ iет негоо дуовно богатство и наследство, во коiе се закл'учуваат, отпечатениво гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осек'аiн'а и сакаiн'а, со коiи имат живено и живит iеден народ и коiи се предаваат, као нешчо свето от iедно поколеiн'е на друго. Да сочуат некоi своiот народен iазик и да го бранит као светиiн'а, значит, да останит он верен на дуот на своiите предедовци и да уважаат се, шчо имаат они напраено за своiето потомство Да се откажит чоек от своiо народен iазик значит, да се откажит он и од народниiот дух Со тоа само се обiаснуат сакаiн'ето и усилиiата на покорителите, да напраат покорените, да се откажат от своiот iазик и да изучат на негоо место нивниiот; исто така со тоа се обiаснуат упортството на покорените народи да сочуваат сето своiе духовно народно наследство, а особито iазикот.
Таква милост кон нашиiо народен iазик требит да имаме и ниiе, ако сакаме да останиме верни на дуот на нашите предедовци. Милоста кон народниiо iазик iет наш долг и наше прао. Ниiе сме должни да милуаме нашиiот iазик, зашчо тоi iет наш, исто така, као шчо ни iет наша таткоината ни. Првите гласои шчо и имаме чуено, сет гласоите на нашите татковци и маiки, гласоите и збороите на нивниiот народен iазик. "
(Извадок од ,,Неколку зборои за македонцкиот јазик" од ,,За македонцките работи"-Крсте. П. Мисирков

Крсте Мисирков по 1903-та

Знам, ќе ме ломат, и ќе ме сломат!
Силните секога се и прави и груби –
Туку најгрдото поглавје од мојот роман
ќе носи наслов: од свои убиен!

Ко сеништа ќе облетуваат крај мене,
ќе колват ко мршојади, кобно ќе грачат,
грижливо ќе ми сплетат трнов венец
и ковчег скапоцен приживе ќе ми порачаат!

Еј, век, испошаран со лути рани!
штом се судираат зборот и мечот нема дилеми –
Устата пепел наполни ја, камен стани,
јади го срцето полека и гледај вземи.

Ножот е нож, штом ти се готви нема шега,
функција тој е на доброто, но интимен со злото –
Ех, болка дива в срцето молска, стега,
кога на правдата се зарие до дното.

Сал еден потег доста е да е закана.
Галабу бел на моите македонски мисли, летни!
Железо ѕвецка, им светка метален сјај в рака
На неколкумина безочни и неприветни.

Оган ја вжарил мислата, таа е крик што јачи:
жив си $ нужен на татковината, гробови има доста!
Бидејќи за да значиш подолго треба да зрачиш
и трајна трага да оставиш!

И знај, до целта патишта има многу,
по еден или друг, до неа секако ќе втасаш,
затоа, со идеалите никога не се збогувај,
тие и поразените ги красат!

Та, што е поразот? Миг само! А идеалот – вечност.
Високо челото! Високо знамето на своите визии!
Вистината се провира низ противречности
за да се облагодари низ ризик!

Гане Тодоровски



Tuesday, November 17, 2015

Си било еднаш едно дрво (четврт-последен дел)

Битоа сега повторно си беше онаа старата убава Битола. Елегантна и накинџурена како битолските моми.

Битола ги пречека уплаканите лица на Шами и Мара. Нивните деца не можеа до крај а да ја почувствуваат емоцијата што ги врзува нивните родители за овој град, но и тие плачеа. Нивната тага и носталгичност, допре и до нив.
Секој камен скориваше емоции и елегии во душите на Мара и Шами.
Болка и љубов и во воздухот се шеташе, како воздишка од двајцата вешти и храбри паталци, од двајцата напатени патници низ животот, кои со полна верба го живееја и затоа Бог им подари и среќа и убавина.

Сега во Битола мирисаше слободата.  Минато е се.
Мара клекна, повторно се расплака и се сети на военото време и нејзината партизанска активност.

Сум се борела за овој град и сега конечно ја чувствувам убавината од борбата. Ја осеќам слободата.

Направи еден поглед толку страшен и толку решителен што сите се зачудија од невообичаеноста на нејзиниот израз.

Со одважност дури и дрскост рече: Јас овде останувам. Овде ми е душата. Доста ми се сите маки и страдања. После се, после сите маки, успеав и да спечалам и потомство да оставам кое е здраво, право и способно, па белким сум заслужила да поживеам овде мирно и кротко во мојата Битола.

Шами прво се чудеше, но потоа како и тој да се согласи со тоа.  Од децата немаше одговор.  Но иако Мара беше решителна  тоа не се случи.

Тоа лето во Битола престојуваа еден месец заедно со децата. Потоа се вратија во Канада.
Следната година Мара и Шами ја омажија Егдоминда. По една година се ожени и Костадин.
Гнездото се раскрили. Љубовта ги даде плодовите.

Ама и кај Шами и кај Мара желбата за назад беше голема и си тлееше од година во година.
Имаше мигови кога Шами се потсетуваше на се што му се случило, имаше желба тоа да го каже, да го сподели, да знаат луѓето, да знае светот. Не сакаше да се жали, туку да укаже како не треба, да укаже на нечовечноста на маките и страдањата што Холокаустот ги донесе и збриша еден народ од еден предел, уби една душа.

И Егдоминда и Костадин имаа убави сопружници и имаа по едно дете. Шами и Мара инсистираа за уште по едно, но сепак младите не мислеа така.
Животот си течеше, годините минуваа, а желбата за назад тлееше, некогаш и се разгоруваше.
По десетина години откако беа во Македонија, Мара и Шами одлучија дека повторно ќе одат, ама со цел таму да живеат додека им е векот, со молба до децата секое лето да доаѓаат во Битола, за да им се радуваат ним и на внучињата.

Така и беше.  Во Битола, Мара и Шами купија двоспратна куќа. Не работеа веќе, зашто солидно се живееше од канадските пензии. На првиот кат од куќата просторот му го изнајмуваа на еден занаетчија.

Во Битола, сега ретко кој ги познаваше. Ама тоа не им пречеше на двајцата. Си живееа мирно.  Шами почна многу да чита. Сакаше да научи што повеќе зборови.
По неколку години живеење во Битола, почна да пишува белешки од својот живот. Сакаше да напише се. Да останат трајни белешки за животот, соживотот, но и маките и страдањата на Евреите во Македонија, но и во светот, а пак да каже оти нема Евереи, Македонци, Германци, муслимани, католици, јудејци и христијани. Да каже оти има само луѓе и не луѓе. Пишуваше со години.

Уживаа со Мара, имаа неколку пријатели, одвреме навреме шеткаа низ градот. Некои Битолчани се сетија на нив, па многу саакаа да седнат на кафе со локум и да разговараат за минатото. Децата од Канада заедно со своите семејства секоја година доаѓаа во Битола.

Ајде Маро-пазарен ден е денеска. Ќе одиме на пазар. Шами милозливо ја будеше Мара.
Маро бе!-отиде до неа и кревко ја заниша за рамото. Мара не реагираше. Се растрча растевожен Шами. Свика по комшиите, викнаа итна помош. Но што? Џабе! Констатирана беше смрт, како последица на мозочен удар.

Шами со уште поголема тага живееше. Бидејќи градот разбра за смртта на Мара и разбра која е таа Мара, постхумно беше одликувана за народен херој со орден за заслуги како партизанка.
Децата од Канада, го поканија својот татко да се врати таму за да живее, но тој не се согласи. Остана да живее во Битола и уште повеќе да пишува а со тоа да ги оттргне тажните мисли по изгубената Мара.

Написите за неговите патешествија и за евреите почна да ги објавува во еден локален весник. На стари години, уредникот на весникот му предложи написите да ги соберат и да објават книга чиј автор ќе биде Шами. Се согласи Шами, ама со услов да има и превод на англиски за што повеќе луѓе да можат да прочитаат и да ја дознаат вистината за Евреите.

Така и беше. Шами до последните години од животот а живееше осумдесет и две  години, ја ширеше вистината за Евреите. Се снимаа и емисии во кои тој зборуваше, книгата се промовираше насекаде. Пет години пред смртта отиде во Канада, но и таму веќе  некои медиуми дознале за него, па повторно зборуваше и ја промовираше својата книга.
Се врати во Битола и живееше пристојно како и претходно со Мара. Иако тагуваше по Мара, сепак беше исполнет што децата се здрави и среќни, и што успеа преку книга да пренесе една вистина за светот.

По боледување од неколку дена, Шами почина. Мирно, скромно и достоинствено беше испратен до вечното почивалиште последниот Евреин од Битола, Шами.


 КРАЈ

 ---------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е награден на конкурс  здружението Одлики од Битола со прва награда. Повод за конкурсот е одбележување на 70 години од Холокаустот и 20 години од меѓународната соработка  на државите Македонија и Израел/Текстот ќе биде преведен на хебрејски јазик и објавен во специјално издание. на македонски и на хебрејски јазик. Авторот пак, со уште две првонаградени авторки ќе патува во Израел како амбасадор на пријателството и мирот. Сето тоа под покровителство на амбасадорот на Израел во Македонија, г-дин Дан Оријан.

Monday, November 16, 2015

Седми „Роднокрајни поетски средби“



Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ во соработка со интернационалното движење „100 Илјади поети за промена“ на 19 ноември 2015 година, четврток, со почеток во 20:00 часот во прекрасниот простор на „Сцена 112“ ве поканува на седмите по ред „Роднокрајни поетски средби“.

Имаме огромно задоволство и чест да ги најавиме нашите специјални гости на овие средби – Мохамад Фарахат и Мохамад Магди Абд Рабо од Каиро, Египет. Тие ќе бидат претставени на неколку настани во државата вклучувајќи ги градовите Струмица, Скопје, Гевгелија и Радовиш.

Мохамад Фарахат е роден 1988 година во Каиро, Египет. Пишува поезија и кратки раскази, избран е за еден од најдобрите 100 арапски автори. Еден од највлијателните претставници на модерната литература од Каро, Египет, организатор на 100 Илјади поети за промена во Египет. Пишува за неколку национални весници и списанија за литература. Креатор на бедаја работилниците за деца за креативно пишување, писател кој создава нов пристап во пишувањето на кратки раскази…

Мохамад Магди Абд Рабо е роден 1986 година во Каиро, Египет. Дипломирал на Филозофскиот Факултет, поет и автор на три книги поезија:
1. Blind who gives insight
2. We tell you stories
3. Reading in SAMERY’s book


Добитник е на неколку престижни награди во Египет, автор е на една драма. Неговиот последен неиздаден проект „THE Horn Blower“ е серија од шест дела кои говорат за постоењето на човештвото, крајот на земјата и креирањето на една нова земја без крвава акција, војна и тн. Основач е на културното движење „EL-BROVA“, работи на едукативни проекти поддржани од Министерство за култура на Египет.

Во една речиси нова, но проверена атмосфера, со желба да постане традиција, веќе седми пат по ред се организира овој настан кој е важен за сите оние кои се занимаваат со книжевност, а посебно со поезијата како специфичен и вечно актуелен жанр во литературата, кој суптилно навлегува во интимата и перцепирањето на животот, со сите негови мани и убавини, кај секој љубител на пишаниот збор, а воедно служи и за мапирање на нови автори кои имаат интерес да се претстават пред струмичката публика.

Со уште едно ново издание на „Роднокрајните поетски средби“, се докажува дека оваа манифестација има тенденција да стане препознатлив настан на кој ќе се промовираат автори од Струмица и пошироко, а доколку сакате да учествувате или бидете гости на овој наш заеднички настан чувствувајте се слободни да ни пишете и да не контактирате за повеќе детали.

Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да и понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, а ја имаат желбата тоа да го направат пред публиката која со будна уво и душа е спремна да го чуе секој нов стих напишан од оние кои се презентираат. Самата цел на настанот е доближување на творештво поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо. По успешно реализираните шест изданија на оваа манифестација, на сцената на роднокрајни поетски средби досега учество зедоа повеќе од педесет автори од Струмица, регионот и пошироко.

„Поезија и дружење, испразни ги деновите што тежат, наполни ја душата со стихови…“ Да прославите уште еден ДЕН НА ПОЕЗИЈАТА со РОДНОКРАЈНИТЕ ПОЕТСКИ СРЕДБИ!
На седмите „Роднокрајни поетски средби“ е планирано да настапат десетина поети со нивното поетско творештво, но доколку сте и вие заинтересирани, слободно можете да се пријавите преку e-mail на kontextsr@gmail.com, да ни пишете ОВДЕ или да дојдете директно во „Сцена 112“.


Си било еднаш едно дрво (трет дел)

Што зборуваш Маро? Нели уште кога бевме во Полска, рече оти татковина е онаму каде што има љубов? Јас го сакам Израел иако не сум го видел, ама тоа ниту мене ниту на моето дете не може да му биде татковина. Јас во Македонија сум роден, и еврејски не знам. Само македонски знам да зборувам и покрај сите страданија, пак парче душа таму ми остана.
И што? Во Македонија ли ќе се враќаме?-прашува Мара.

Не! Засега не. Сепак овдека лебот ни е обезбеден. Помина време и веќе не знам како е таму сега.
А детето овде ќе се роди, ама ќе си ги знае корените.
Таа ноќ беше светла. Месечината набрекнала како градите на Мара. Полна јадра и убава жена беше. Тие навистина водеа љубов. Не само размена на страсти за да си ги задоволат нагоните, ами водејќи љубов мислеа на плодот што ќе го зачнат.

Бременоста на Мара не и даваше да работи толку како претходно. Откажа да биде негувателка на детето кај комшиите, и остана само да ја чисти зградата. Во погорните месеци од бременоста и дадоа денови за породилно отсуство од работа.
Пораѓањето беше лесно. Канада уште тогаш имаше добри болници и професионални лекари. Се родија близнаци. Едното момче, другото девојче.
Се знеше како ќе се викаат. Костадин и Егдоминда.

Костадин и Егдоминда растеа, а Мара и Шами им се радуваа. За цркви, религии и држави не зборуваа. Си ја гледаа работата и си ја бранеа љубовта семејна.
Децата тргнаа во училиште, а Мара додека беа помали изучи за медицинска сестра и се вработи. Шами тешката работа во фабриката за пластика ја замени со работа во зградата како шеф на целосното одржување. Ја конторлираше работата на чистачките, водоинсталатерите, градинарите...


Им доделија поголем стан во истата зграда со неколку години рок за исплаќање.
Во Македонија не беа отишле воопшто откако се доселија во Канада. Преку писмо се допишуваа со нивниот кум Браун, кој еднаш ги посети со неговата сопруга и едното синче кое го имаа.

Како поминуваше време, децата растеа, а годините на Мара и на Шами им  одминуваа. Се повеќе ги копкаше желбата да отидат во Македонија. Никогаш не престанаа да си ја сакаат Македонија, и да си го зборуваат македонскиот јазик. Дури и децата иако во Канада родени одлично зборуваа македонски.

Кога дојде летен распуст, а Костадин и  Егдоминда веќе завршија средно училиште, Шами и Мара одлучија да шетаат малку низ светот. Имаа можности за тоа. Најпрво отидоа до Израел. Престојуваа неколку дена и Шами ја запозна формираната држава на Евреите. Поминаа убаво. Потоа отидоа во Полска и на нивните деца им го покажаа дрвото на кое е врежано името на нивното куче-херој со име Арпад.

Тука низ плач, насмевки и сеќавања, под дрвото во градината на Треблинка, Шами и Мара на своите деца им ја раскажаа целата нивна животна приказна. Од Полска по 20 години, конечно отпатуваа за Македонија. Стигнаа во Скопје, расшетаа малку забележувајќи ги промените кои му се случија на градот по земјотресот во 1963, и веднаш со автобус се упатија за нивната Битола.


последното продолжение ќе можете да го прочитате утре (вторник.17 ноември, 2015)

Sunday, November 15, 2015

Си било еднаш едно дрво (втор дел)

А каде е нашето назад? Каде е нашата дома? И кој е тој што нас ќе не пречека?-се прашува со очај и тага Шами.

Само  љубовта наша ни е домот Шами. Само треба да ја посееме некаде. Кај што ќе ја посееме нашата љубов, таму ќе биде нашиот дом-вели Мара со искра надеж во гласот.
И за да се посее љубовта, треба тло, драга моја-зборува Шами.
Се договорија да се вратат во Скопје, па потоа да размислат што ќе прават, каде ќе продолжат да живеат, да створат дом и семејство, она што никогаш го немале.
Се вратија во Скопје со воз. Стигнаа рано наутро.

Сакаа да заминат во Битола и таму да живеат. Битола беше нивниот град кој двајцата многу го сакаа а на кој Мара, многу му помогна. Но, после се преживеано некако и таму им беше тесно. Повеќе тешко. Сакаа нов свет, кој нема да ги потсетува на маките, страдањата и траумите што им се случија.

Имаа можност повторно да отидат и двајцата да се вработат кај нивниот кум Браун. Но, не сакаа. Од една страна размислуваа дека вработувањето на Евреин може да му го усложни животот на нивниот кум, зашто сепак  во многумина се уште беше  вгнездена пајажина на омразата која ги имаше 
заробено човечките души и не им дозволушваше човечки и со срце да мислат.
Од друга страна Мара и Шами, сакаа се одново да почнат. Сакаа нов живот, без траги од минатото.

Се отселија во Канада. Пристигнаа во Торонто со брод. Немаа ништо. Веднаш почнаа да бараат работа. Шами се вработи во фабрика за пластика, а Мара работеше на одржувањето на една зграда. За работата, Мара не добиваше плата, туку добија еден еднособен стан во зградата која ја одржуваше. Пргавата Мара, претпладне ја чистеше зградата, а попладне почна да чува едно дете од соседи во зградата. Така почнаа да заработуваат подобро. Шами работеше по дванаесет часа дневно. Исцрпувачки.

Работеа напорно, навистина, ама почнаа побогато да живеат. Мара купи алишта и нов англиски разговорник за подобро да го учи англискиот јазик, а од паричната награда  што ја  беше добил Шами како добар работник, си купија телевизор. Таму телевизорите веќе беа во мода.

Се разубавија и двајцата уште повеќе. Подобро се хранеа.
Во Канада, никој не те прашува ни од каде си, ни како си-еден ден рече Шами.
Секој својата работа си ја гледа-продолжи да зборува.
А што молчиш ти?-ја праша Мара која средуваше низ малечкиот стан.
Си размислувам Шами, оти нашата љубов е убава и голема.
Зар треба збор за тоа?-праша малку на повисок тон Шами.

Не-рече Мара, ама таа љубов треба да се круниса. Треба плод да се зачне. Детето е круна на љубовта. Тогаш само кога  човек ќе има дете, ќе знае зошто дошол на овој свет. Белки тоа наше дете не ќе ги мине маките што ние ги видовме. Не ќе расте разбркувано по железнички станици, вагони, перони, логори....

Секако дека е така Маро, само уште малку да поработиме, да спечалиме повеќе за поубаво да го изгледаме детето.
Да ама, зарем во оваа туѓа земја да си го гледам детето? Зарем овдека да го родам и да го  пораснам?Еве  Израел е веќе нова држава. Барем со право да може детето да рече дека растело во својата татковина.

продолжение ќе можете да прочитате утре (понеделник, 16 ноември 2015)


Saturday, November 14, 2015

Кад тамбурама Мангупи препрече пут

Вечерва се одржа концертот на најпопуларниот балкански кант-автор Ѓорѓе Балашевиќ во спортскиот центар  ,,Борис Трајковски"

На концертов, не беа потребни билети за седишта. Едноставно доволно е што имавме можност нашите души да бидат поблиску до една ГОЛЕМА душа. Да бидеме во близина на Ѓ О Р Ѓ Е  
Б А Л А Ш Е В И Ќ.

На едно место Балашевиќ собра луѓе, собра души, сплоти со уметност. Сите пеевме со него.
Толку многу народ. Кој не е натеран да дојде. А ако речеме дека е натеран да дојде, сигурно народот не е натеран да ги пее песните на Балашевиќ од почеток до крај, да аплаудира, да се смее.

Не пресели во друг свет, не хипнотизира со чиста емоција, со врвна музика, и најмногу од се со магијата на зборот која само тој знае да ја создаде и својето срце да го испее во збор.

Овој концерт се следеше стоечки, Возбуда во секој миг. Што ќе отпее Ѓорѓе, што ќе каже Ѓорѓе?

Пеејќи кажа сè.

Како секој стих, секој збор, секоја нота да беше посветена на секого посебно. 

,,Актуелниве случувања заслужуваат не едноминутен или еднодневен молк, туку заслужуваат повеќегодишно молчење. Но не ми паѓа на памет да молчам. Мораме злото да го победиме со добро"-рече Балашевиќ на вечерашниов концерт.

Михољско лето, Криви смо ми, Девојка са чардаш ногама, Боже, Боже, Берба 59, Рингишпил, Ацо брацо...Десетици испеани песни со полно љубов и од душа придружуван од врвни музичари, и уште многу неиспеани што ќе бидат причина  за повторно настапување на Балашевиќ во Скопје.

Ни кажа дека сме криви што ги пуштивме, дека треба да го чуваме Скопје од битанги, дека  штом кај него сме на концерт, сигурно сме опозиција, дека посакува една мала црнокоса,  ни испеа за една Мирка, за неговата Оливера, ни порача Само да нема војна и дека љубовта не победува, но затоа е непобедлива.

Се прашувам: Дали некогаш ќе се појави некој со толку голема душа, со толку чиста емоција, со толку богатство и талентираност што ќе може да биде барем приближен на Балашевиќ, а се радувам што секому што вечерва беше на концерт Балашевиќ му допре до срцето, му чепна во порите, во вените, му го разбуди човечкото, убавото, инспиратинвното и  ја поттикна потребата од правење и ширење на убавото.













Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...