Sunday, July 10, 2016

Каде е поезијата, таму е виното, каде е виното таму е љубовта...

По седумнаесетти пат на 2 и 3 јули 2016 година во градот Мелник се одржа Меѓународниот поетски фестивал Мелнички вечери на поезијата.



Отидоа поетите од Бугарија  Македонија, Србија и Република Српска во средиштето на градот, меѓу песокливите ридови, начичканите куќи, камените улички, столетните јавори и неузреаните лозја, за низ нив  да го протнат зборот, ако има место. И имаше.

Мелник ги собира оние чие оружје е зборот, но честопати токму нив знае тотално да ги разоружа со својата посебност, природност...



Организаторите по седумнаесетти пат прават поетско чевстување каде сакаат да го кренат на пиедестал поетот, да му дадат значење на уметникот, на создавачот, на пишувачот и како главна цел да ги сплотат славјанските народи и нивниот поетски и воопшто литературен збор.

Прва уметничка програма беше литературното кафе во хотелот „Деспот Слав“ во Мелник, каде беше преставен  поетско-прозниот зборник на учеснички на Мелничките вечери на поезија насловен „Нежност на жена“ во издание на ИК „Мелник“.

Таму се сретнаа поетите и поетесите, младите и возрасните, новите и редовните автори...Се уживаше во изговорениот и прочитаниот збор.

Имаше и дегустација на вина. Значи првпат се сретнаа поетот, виното и зборот.



Гостите имаа малку време по литературното кафе, да одморат, да прошетаат или во сопствена режија да го искористат времето до почнување на главниот официјален настан на фестивалот.

Во 20.45 во хотелот „Мелник“ започна фестивалската вечер. Се послужи аперитивот и возбудата почна да расте. Се успори дишењето и се забрза ритамот на срцето. Следуваше доделувањето на наградите.

Организаторката Катја Ерменкова заедно со Иван Топалски создадоа атмосвера на исчекување, да биде интересно, да биде возбудливо, никој претходно да не знае дали е награден или не е..Со тоа  секој да потврди пред себе си и пред другите дека дошол да чита и слуша поезија, да се дружи и да ужива, а не дека дошол само и само за награда.




Жирито во состав: Зорица Органџиева од Бугарија,  Денко Ранглелов од Србија и Никола Сарајлија од Македонија одлучи да ги награди учесниците доц. д-р Улиана Паскалева од Благоевград со прва награда, потоа втора награда добија Живадинка Весељиновиќ од Србија и  Тања Станиќ од Хрватска, а третонаграден е Филип Димкоски од Македонија.

Одликувања добија Емануела Колева од Бугарија и Јелена Ранчев од Србија. Наградата за најдобра песна за Мелник ја доби проф. д-р Иван Цветановиќ од Србија,а наградата за најдобра песна за виното и припадна на Милјана Игнатовиќ Кнежевиќ исто така од Србија.

Специјални награди од ИК „Мелник“ добија Дарка Хербез од Република Српска и Наташа Василевска Трајковска од Македонија.

Наградени беа и хаику песните од претходно распишаниот конкурс. Првонаградена е Милена Дрпа од Република Српска, втора награда за Драган Ј. Ристиќ од Србија и третонаграден е Душан Мијаиловиќ Адски од Србија.

Наградатата за животно дело ја доби Недељко Терзиќ од Србија.

Следеше доделување на наградите и читање на наградените песни, проследено со внимателно слушање од многубројната публика, со аплаузи, со коментари...Милина.


Потоа следеше песна. Со песни на повеќе јазици не почести украинската пејачка Галина Тимофеева и бугарската пејачка Христина Маркова.

По душевната храна и богатство од музиката и стиховите следеше вечера. Атмосферата веќе беше свечена, опуштена, весела...Уживање.

По веселбата, здравиците, честитките за наградените, стапи полноќ. Во друг простор на хотелот започна „Слободен микорфон“. Веќе во сосема поинаква и поинтимна атмосфера се прочита поезија, се разговараше, се дебатираше, се споделуваа впечатоците од она што поминало.  Некаде пред да стапи зората, од кога поетите сфатија дека не успеаја со збор да ги подлажат ѕвездите да се симнат, тие  од умор заспаа.

Следниот ден по појадокот и посетата на Музејот на град Мелник, следеше рецитал на неколку учесници поети. Рециталот се одржа во Кордопуловата куќа каде традиционално имаше и дегустација на мелнички вина.  Претставување на творештвото имаше македонскиот поет Никола Сарајлија а за неговото творештво зборуваше Иван Котев. Беше претсавена и книгата „Акварел“ од Андон Шавулев.



За време на ручекот беше претсавена книгата „Горноџумајски рецепти“ од Христина Маркова. Своето претставување авторката го направи сама читајќи  многу емотивен расказ со кој започнува книгата.

Во толку многу време се случија толку многу настани, толку многу средби. Јас тоа го нарекувам набиена емоција. И таман мислиш срцето нема веќе сила да дава и зема, пак се отвора и ја прима радоста и убавината на животот. 
 
Нека и догодина одѕвонува поетското ехо  создадено од  гласот кој се одбива од песокливите ридови на Мелник.

Благодарам за љубовта и убавината.

Автор: Филип Димкоски
Фотографии: Мелнички вечери на поезијата 





Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...