Monday, March 14, 2016

Сунѓерот Боб, Сара Кеј и Симпсонови од камен

ПРИЈАТЕЛИ НА ДЕЦАТА: Снежана Димова, ликовен уметник
Снежана е единствениот уметник во земјава што се занимава со сликање на камен
Газиме на каменчињата на плажа, подседнуваме на оние поголемите, ги гледаме белутраците во реките... Каменот, за многумина е предмет што ја збогатува сликата на најмоќниот сликар - природата.
И Снежана Димова каменот го гледа со други очи. Таа ги облагородува, ги осликува и со своите мали камени ликовни дела ги радува децата, кои со задоволство си играат со овие уникатни ракотворби. Но кога првпат таа го почувствува овој магичен допир со природата?

Пред повеќе од година и пол, Лука, синчето на Снежана шутнало камче на улицата. Таа го зела в раце и му ветила дека ќе му направи украс од него.

- Уште кога го видов, знаев дека на тој камен ќе нацртам нилски коњ. Штом отидов дома, го насликав, а мојот Лука беше пресреќен. Тогаш сфатив дека сликајќи ги на камен мотивите од цртаните филмови и ликовите од сликовниците, можам да усреќам и други деца - се присети Снежана на почетоците од оваа нејзина креативна дејност.

Инаку, таа претходно декорирала, правела и украсувала торти, но сликањето на камен најдолго го задржало нејзиното внимание. Според досегашните сознанија таа е единствен уметник во Македонија што се занимава со сликање на камен.

Во светот, овој вид уметност е многу популарен, ценета и добро платена креативна работа. Во Малезија дури постојат и специјални часови за сликање на камен. Снежана, пак, се едуцирала читајќи.
Камењата ги собира покрај речните корита, и ни откри дека најмногу примероци има од Матка, а има и пријатели што ја снабдуваат со разновидни камења.

- Некогаш уште кога ќе го видам каменот, знам што ќе сликам на него, а некогаш не е така. Се случува паралелно да работам на неколку парчиња, а некогаш се насочувам само на едно - вели Снежана.
Таа дополни дека не работи секој ден и оти сѐ зависи од инспирацијата и од желбата за работа.
Користи акрилни бои што ги нанесува со четка, но низ смеа се потсети дека некогаш кога немала соодветна четка работела дури и со чепкалка за уши.

Во иднина Снежана има желба да слика и на поголеми површини од камен како и на други материјали, а дотогаш во нејзиниот креативен свет можете да се нурнете преку фотографиите на страницата на Фејсбук (Snezana artston) или да го посетите нејзиниот штанд на некој од базарите за ракотворби низ Скопје и низ државава. На 11, 12 и 13 март живописните камења ќе бидат изложени во трговскиот центар „Рамстор“, а потоа и на Меѓународниот саем на книгата во Скопје.

Уште малку, уште малку 

Дедомразовци, ликовите на актуелните цртани филмови, од приказните на Андерсен, Браќата Грим, Симпсонови, Сара Кеј... Сите нив ќе ги најдете живописно насликани на камен, со вдахната душа, сработени под диктат на креативноста и силната инспирација на Снежана. 
- Каменот се мие, се бруси, се премачкува со боја, потоа се слика на него, се чека да се исуши, се лакира и дури потоа е подготвен за љубопитните погледи од децата, но и од возрасните. Нема поголемо исполнување за мене од она кога детските искрени погледи со воодушевување се вперени кон камењата што со многу љубов сум ги сликала“ - со восхит и радост зборува Снежана.
Таа слика и мотиви за повозрасните инспирирана од книгите што ги чита, од различните култури и од природата.
- Бескрајно се радувам во оној миг кога родителите им велат на децата да се тргнат од мојот штанд каде што ги изложувам украсните камења, а децата извикуваат ,,уште малку, уште малку“ без да го тргнат погледот од џуџињата, Сара Кеј, сунѓерот Боб, мачињата, врапчињата, пеперутките... - вели Снежана Димова.

Автор: Филип Димкоски; објавено во Колибри-Нова Македонија-8.3.2016

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...