Sunday, April 30, 2017

Во слава на цветовите вишнови


Во современите општества, кои се капиталиситчки или се стремат да бидат такви, се живее брзо,  брзо се претрчува низ животот. Незапирливо се трча кон профитот, кон парите, кон земањето пари и давањето пари. Се гледа мегаломански кон сѐ. Та кој има толку време да го троши на ситни и беззначајни нешта?  Или се нема време или погледот не е толку далекусежен? Времето си е тоа истото од секогаш, но денес исполнето со други „важни“ (лажни) нешта,  а погледот се заматил.

И таман многупати помислувате дека сѐ отишло во бестрага, дека нема веќе среќни моменти и дека нема луѓе, места и нешта што ќе ве напарават среќни и со надеж, секогаш се појавува нешто или некој токму таков.

Во централна Бугарија, се наоѓа Долината на ружите, а во неа градот Казанлак.
Градот е сместен во подножјето на Стара Планина, а името Казанлак го добил по тоа што во минатото, се произведувале и многу се користеле казани за производство на маслото од ружи. Има податоци дека името датира уште од периодот на Османлиското владеење и името Акче Казанлак означува бели девојки.

Освен по маслото од ружи, Казанлак е познат по фабриката „Арсенал“ каде што се произведуваат автоматските пушки „Калашников“ и по фабриката „Кремона“ за производство на музички жичени  инструменти.

Во  градот Казаналк, годинава по десетти  пат се случи еден светол собир за слава на животот, цветот, раѓањето и љубовта. Замислете, не се одржа концерт на некоја бугарска или српска фолк-ѕвезда, не беше политички митинг, не беше голем спортски натпревар...
Тоа беше еден собир на луѓе кои се уште се малку „луди“ и живеејќи  гледаат некои „ситници“. И не само што ги гледаат туку од сѐ срце им се восхитуваат, им се радуваат.
Значи, од 19 до 22 април, 2017 се одржаа Празниците на расцветаните вишни. 


И од тука почнува мојата фасцинација, восхитеност, егзалтација.
Некој цели десет години,  со поезија, ликовна уметност и музика го слави вишновиот цвет. Цветот кој ќе стане плод, а плодот наслада.

 Така и ние се сладевме од поленот на вишновите цветови и поленот што ја рашири поезијата од  Романија, Македонија, Србија и Бугарија на Меѓународниот поетски  фестивал „Белоцветните вишни“.

Април беше. Беше ладно. Но топло. Некогаш и жешко од емоции.
Претсавници од Македонија, на поетскиот фестивал бевме јас (Филип Димкоски) и кант-авторот Џина Папас Џокси. Два дена бевме дел од Празниците на расцветаните вишни. Настапивме  на официјалното отворање на Меѓународниот поетски фестивал „Белоцветните вишни“ на кој годинава се пријавиле вкупно 217 автори со свои песни. Чест е да се биде меѓу педесетината најдобри и десетината наградени. Радосен момент е што ова е првпат нашето перформативно изведување на поезија во комбинација со музика  го изведуваме  надвор од Македонија.


На ова десетто, јубилејно издание, фестивалот доби своја химна напишана од бугарската поетеса Павлина Стаменова, а музиката, аранжманот и изведбата се од бугарскиот музичар и кант-автор Евгени Бенов. Химната звучи...Слушнете ја.


На фестивалот збор зеде и градоначалничката на градот Казанлак, г-ѓа Галина Стојанова која како и минатата година имаше вдахновени зборови за поетите и фестивалот. Збор зеде и човекот кој е „душа и крв“ на овој фестивал,  истакнатиот писател Димитар Никленов.
Романија исто така се претстави со поетско-музички перформанс од поетесата Дуња Паланџеану и музичарката Михаела Стојка.





Србија ја претстави писателката Милијана Игњатовиќ-Кнежевиќ од Ниш, која како македонските претставници освен учество на официјалната фестивалска вечер одржа и средба со ученици.



Но, ние (Филип и Џокси) имавме дури три настапи во тие два дена. Бевме специјални гости на промоцијата на една исклучителна книга од писателот и режисер Румен Сомов, со налов „Моите главоболки“.

И во сите  официјални и меѓу сите величествени, професионално органзирани настани имаше многу силни емоции, убави познантства, средби со пријатели, разговори за тие „ситни“ нешта и потврда дека се многу значајни. Имаше воздух со арома на вишнови цветови, воздух во кој слободно се дише, простор  каде човекот е човек, а уметникот има право да се чувствува како уметник.

Организаторите дале се од себе за да и оддадат почит на поезијата и на оние што ја создаваат.
Фестивалот ги имаше и оние мигови зад сцената, каде уморот е присутен, но душата не се дава. Сака уште наслада. Па копнежот и страста ги задоволува со тивко пеење, со музицирање, со рецитирање поезија, со чаша вино...

Кога отидов првпат токму по повод „Белоцветните вишни“ минатата година, се напив од Лавовската чешма во Казанлак. Велат, ако од неа се напиеш, ќе се вратиш пак во Казанлак. А јас веќе три пати отидов таму. Не знам можеби многу вода сум испил минатиот пат, но знам дека се уште сум жеден да отидам на дружба со Димитар, Палмира, Екатерина, Станислав...
Многу нешта видов во Казанлак, но има уште многу што да се види. Во Казанлак е Музејот на ружата, куќата-музеј „Чудимир“, Историскиот музеј „Искра“...



И не знаеш кога е поубав Казанлак, дали во април кога цветаат вишните, во јуни-кога мирисаат ружите или во ноември кога се е заспано а само градската река жуборливо си го врви патот.
Во сите градови во светот има згради, музеи, паркови и реки, има фестивали, концерти и луѓе. Но некои градови ги сакате заради некои луѓе. Топли, срдечни, со добрина, длабока човечност и знаење за животот и за уметноста.  Заради тие и таквите луѓе пак ќе одам во Казанлак.


„Белоцветните вишни“ го слават цветот на вишната, од вишната се раѓа плод, плодот се јаде. Семката паѓа на земја и од семката никнува нова фиданка. Раѓање. Восхитениот човек, од виденото, чини низа од зборови. Се раѓа песна. Пак, раѓање. Од песните се раѓа секое ново фестивалско издание, а на него се раѓаат безброј светли моменти, безброј прегратки со старите пријатели, безброј искрени погледи, насмевки и солзи и многу нови пријателства.

Нека живее овој фестивал. На десетката и посакувам барем уште една нула до неа.


Филип Димкоски
Фото: Иван Бонев

Friday, April 21, 2017

Меѓународна награда во Бугарија за поетот Филип Димкоски



Младиот македонски поет Филип Димкоски заедно со кант-авторот Џина Папас Џокси настапија на десеттото-јубилејно издание на Меѓународниот литературен фестивал „Белоцветните вишни“ во Казанлак, Бугарија.

Прво претставување имаа  на официјалната фестивалска вечер каде настапија гости од Бугарија, Србија и Романија. На Димкоски свечено му беше врачена и меѓународната награда од страна на средното  училиште за применета уметност „Академик Дечко Узунов“ од Казанлак.

Во тоа училиште, по повод наградата Димкоски и Џокси одржаа поетско музичка средба со ученците и вработените. Поетот и кант-авторот  беа и специјални гости на промоцијата на книгата „Јас и моите главоболки“  од бугарскиот писател и режисер Румен Сомов која се спроведе во рамките на фестивалот, каде исто така, се претставија со поетско-музички перформанс.

На фестивалот пристигнале вкупно 217 песни од неколку земји во регионов и светов. Организиран е од здружението „Вишнов цвет“, Општината Казанлак и библиотеката „Искра“, а поддржан е од повеќе фирми и институции меѓу кои е и Сојузот на бугарските писатели.  Ова е второ признанине на Димкоски од овој фестивал, а четврто во Бугарија.

Главен организатор е истакнатиот бугарски писател и издавач  Димитар Никленов, чие издателство минатата година ја публикуваше на бугарски јазик поетската книга на Филип Димкоски, „Божилак на исконот“.Книгата имаше шест претставувања во Казанлак, Стара Загора и Софија 

Од Македонија, признание за достојно претставување доби и Ленче Китанова, наставничка и авторка од Штип која не беше во можност да присуствува на фестивалот.


Има најави и покани за нови гостувања на Димкоски и Џокси во Бугарија, но и  во други земји од регионов. До крајот на јуни Филип Димкоски ќе земе учество на меѓународен фестивал во Хрватска, а ја најави и својата нова книга која од печат треба да излезе наесен.

Thursday, April 13, 2017

Првиот пролетен ден

На првиот пролетен ден се сеќавам по снегот што слегуваше од дрвјата, топејќи це во чашките на цветовите.
Водата во потокот имаше тенок сјај на сребро.
Сокот на озеленетите врби се разлеа во моите жили.
Песните на птиците извираа од моето грло.
Ѕвончињата на стадата ѕвонеа во моето срце.
А јас бев занемен од таа сеопшта среќа.

О, детство, вечна пролет на нашиот живот!

И ти си како првиот пролетен ден. Си заминуваш неповратно, но се што дошло во допир со тебе, позлатено е со сјајот на твојата априлска ведрина.

И те носиме во себе како кревко цвеќе, грижливо чувајќи ги твоите весели бои за освежување на сивите денови во староста.

Да се прошушти да се доживее првиот пролетен ден и детството-тоа значи да се помине низ животот без радост и без светлина.

Видое Подгорец
од книгата „Шарени бродови“

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...