Wednesday, December 19, 2018

Биобиблиографски податоци за Филип Димкоски




Филип Димкоски е поет, роден  во Прилеп каде го завршува основното и средното образование, а сега е апсолвент на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје.
Пишува за возрасни и за деца. Во литературата е активен од најрана возраст како талентиран творец и рецитатор добитник на општински, државни и меѓународни награди.  Во 2010 година како ученик во основното образование, ја објавува првата самостојна стихозбирка „Најхранливи зборови од детска душа дарови“ наградена со печатење и објавена од Дата Песнопој-Битола.

Се што извира од имагинарните поетски пазуви и станува звук и ритам, слика и облик, ја донесува убавината на поезијата во втората по ред стихозбирка ,,Божилак на исконот” со која веќе младиот поет забразди во поимпулсивните поетски свери.

  Стихозбирката „Божилак на исконот“објавена е во 2014 годинa  кога Димкоски е кон  крајот на своeто гимназиско образование. За овој поет предизвик е космосот, човекот во средиштето на тој космос како главен чинител-земјата-почвата по која чекори и непресушниот извор на неговата поетска инспирација-Природата. Неговата поезија ја потврдува девизата дека природата и човекот се наоѓаат и мора да се наоѓаат во взаемен дослух. Човековата љубов е магичната формула што цврсто ги поврзува и обединува.Тоа е пораката што ја испраќа поетот низ стиховите на Божилакот.

 Истата книга во 2016 година препеана е и објавена како посебно издание на српски јазик и како посебно издание на бугарски јазик. Таа книга беше претставена повеќе од 20 пати во речиси сите градови на Македонија, но и во Србија, Бугарија, Хрватска, Русија.  
Тој продолжува по избраниот пат. Неговите поетски изблици добиваат порефлексивни димензии.

Додека се пишуваа новите песни за стихозбирките кои беа објавени во 2018  година, Филип својата поезија ја претстави во петнаесетина држави од Светот, меѓу кои Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, БиХ, Русија, Чиле, Израел. Поезијата му е препеана на англиски, грчки, словенечки, хебрејски, полски, чешки, руски, хрватски, српски, бугарски и на други јазици а застапен е во повеќе од 30 зборници, списанија и антологии на национално и интернационално ниво, меѓу кои е и антологијата со песни посветени на првата македонска поетеса Даница Ручигај, насловена „Недореченост, о, проклета да си“ како и антологијата „Арте стих 2“ каде покрај значајните имиња од современата балканска литература се наоѓа и поезијата од Филип Димкоски.

Учесник е на неколку значајни фестивали за поезија како што се Струшките вечери (2010) на поезијата и престижниот фестивал Сараевска зима (2013), како единствен претставник на Македонија меѓу 40 земји и околу 2000 учесници.
Добитник е на меѓународните награди за поезија „Млада Струга“, „Јанош Сивери“, „Станислав Препрек“, „Мелнички вечери на поезијата“ (награда за најтаелнтиран млад учесник и трета награда за поезија).

Од студиите, од посетите на многу земји и на многу природни убавини, од настапите и случувањата се роди голема инспираација кај авторот што резултираше со дури три објави во 2018 година. Ја објави поетската книга за возрасни „Во градината има само љубов“ (самостојно издание) која некои од критичарите ја нарекуваат и „поетска Библија“, потоа следеше објавата на, стихозбирката за деца „Заедно да растеме“ (автор на илустрациите: Александра Ацеска) и третата објава е сликовницата „Еко-дете-чувари на природата“(автор на илустрациите: Јасмина Главинче)

„Заедно да растеме“ е прогласена за најдобра меѓународна книга за деца од Хрватското книжевно друштво во рамките на 11 издание на меѓународната манифестација Денови на пријатели на книгата-Риека (16 ноември, 2018)
Универзитетската библиотека „Св. Климен Охридски“ од Битола „Заедно да растеме“ ја објави и како аудиовизулено издание наменето за децата со oштетен слух и вид..
Неговата посебност е во оригиналниот  пристап кон поезијата, наизуст кажани сопствените напишани стихови, говорот, изразниот говор. со исклучителна интонација и дикција познавајќи ги речиси до совршенство вештините на рецитирањето тој допира до слушателот и со сите свои емоции го внесува во својот поетски свет.

Нераскинивата врска со децата нивниот свет Димкоски ја зацврснува преку многубројни активности во континуитет. Од 2009 , Филип беше редовен водител на Државниот детски литературен фестивал „Ракатки“ и член на фестивалскиот одбор. Беше водител на рубриката Млади литерати на локалната телевизија Визија, уредник на рубриката Петка во прилепскиот неделник Зенит, водеше тримесечна работилница за поезија во ДАСТА академија во Скопје, учесник е на безброј литературни манифестации за деца како Рацинови средби, Литературниот камп „Да бидам, да бидам писател“, се јавува како промотор и рецензент на книги за деца, а веќе десет години е редовен соработник со единствениот додаток за деца во дневниот печат во Македонија, „Колибри“, во првиот македонски дневен весник Нова Македонија. Покрај другите прилози, автор е на рубриката „Еко катче со Вики и Влатче“ што излегува еднап месечно во „Колибри“ со илустрации на ликовниот уметник Кристијан Јованоски. Преку приллозите ги афирмира успешните уеченици, наставници и вработени во училиштата, како и самите училишта, ја промовира здравата храна и екологијата, детското творештво и младите таленти. Беше уредник соработник во издавачката куќа за деца Едука Мак.

Пишува сценарија за  ТВ емисии за деца.
Автор е на стручните текстови „Овде и сега од реалноста не треба да се бега“ посветен на тековните состојби во македонската литература за деца, а со трудот „Влијанието на литературата врз развојот на комуникацијата кај децата“ учествувал на трибина на истата тема.
Младите од целиот регион се радуваат на неговите посети и работилници кои ги одржува во Македонија, Србија, Бугарија и Хрватска, и тоа средби во градинките, основните и средните училишта па и предавања на универзитетите во Загреб и Љубљана. Прв автор од Македонија кој го посетил училиштето „Гоце Делчев“ во Јабука кај Панчево, Р. Србија каде седум години се учи македонски јазик. Неколку годни соработува со ОУ „Велко Влаховиќ“ во Нови Сад.

Одржува еколошки работилници, еколошко-литеаратурни, еколошко-ликовно- литературни, работилници за овошје, зеленчук и здрава храна, а се јавува како член на жири комисиите на фестивалите за детско литературно творештво во Србија и Бугарија. Се јавува како рецензент и промотор на книги , водител, модератор и организатор на промоции и други културни настани.
Сегашноста ја исполнува со пишување на  нови песни за деца, инспирирани од многубројните средби со младата читателска публика, но и песни за возрасни што ќе се најдат во неговите нови поетски книги, работи на преводи и препеви од српски на маедонси јазик и од бугарски на македонски јазик. 

Наскоро од печат ќе излезе првото поголемо прозно дело од Филип Димкоски, насловено „Која е Добрила Ивановска Чабриќ“

                                                                                            проф. Сузана Николоска


Monday, October 29, 2018

Рецензија за поетската книга „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски



           
Поетската збирка „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски со самиот наслов насочува на вистинскиот пат на растењето на децата под будното око на повозрасните и поискусните, но не само растење во смисла од помала кон поголема возраст, туку и во смисла на неопходниот негов придружен елемент -  развивањето, растење во спознајниот процес. Низ првиот циклус песни „Јас, семејството и другарчињата“ насочувајќи го детето читател на доживувањето на различни животни ситуации низ примамливи стихови, на начин лесно восприемлив за секое дете, поетот истовремено својот читател го насочува на развивање на мислата, говорот и  емоциите.
            Соодветното насочување е несомнено еден од најважните поучувачки активности за секое дете, како и за секоја млада личност, ставена пред предизвикот на животот да донесува одлуки. Одлуката како треба да се однесува некоја личност кон околината, што е тоа што треба да правите за да станете „чувари на природата“ е експлицитно посочена во истоимената песна. И навистина, ако прочитате и сами ќе поверувате дека „песни за деца нема“, ами има песни за сите, а во нив е збрана мудроста на возрасните и како што самиот автор во неа пишува:
 „ Песната е вистинска ако                                                                                                детето го бодри и го милува,
  му дава сила и го раскрилува,
   му носи ведрина и ука...“
   Песната е вистинска ако го почитува детското доживување на нештата,  како што поетот опева, и се труди да се искачи на нивото на детето, а не да се симне до него. Тоа е вешто искажана стиховна порака за возрасните, особено за оние кои сѐ уште не се уверени дека секое дете е засебна личност што заслужува внимание и почитување на неговите размислувања кои се соодветни на возраста и стекнатите детски искуства. И ако има нешто што е за нас возрасните неразбирливо, нејасно, треба да ги прашаме. Тие не секогаш имаат развиена јазична способност за да можат точно и соодветно да го искажат она што всушност го мислат и го чувствуваат.
            Но и за таа негова „мака“, поетот Филип Димкоски на секое дете му пружа рака.  Во песната „Кога зборовите зборуваатукажува дека секој збор си е подеднакво важен во јазикот, но треба да се внимава за последиците што ги предизвикуваат искажаните „добар и лош збор“ како ука и поука од дамнина за сите оставена, низ стихови и во оваа песна проткаена.
            Дека детето е секогаш среќно во кругот на најблиските, сeмејството и другарчињата, и дека за нив негува нејнежни чувства и спомени, пеат стиховите во песните „Баба“, „Тато - Дедо Мраз“, „Милица и Јанко“ и останатите од овој прв циклус. Тие го бодрат детето да биде сигурно во она што го сака и посакува, да го негува својот талент и да ужива во детството за кое сонуваат сите што веќе го поминале.
            Детството бргу минува, а во него се расте. Растењето ќе е здраво само ако правилно се храниме. Низ вториот циклус песни „Запознај ме, засакај ме и јади ме“, авторот мами да посакаме да пробаме од многуте зеленчукови и овошни плодови од нашето или од друго поднебје. Тој во песната „ Геревиз (целер), магдонос и пашканат“ укажува на еден од начините за нивно комбинирање во вкусни и испробани рецепти за готвење со цел да се јадат, а не да се избегнуваат. Зарем не е вистина дека кога нешто знаеме од каде е, што е, и какво е, го чувствуваме како блиско до нас? Токму таква е намерата на авторот во песните од овој циклус, да се научат интересни нешта за плодовите и нивната полезност за човечкото здравје.
            И како што насловот на оваа стихозбирка повикува на заедничко растење, така растат сите - заедно. Децата растат со возрасните, возрасните со младите и децата, а писателите со читателите. Верувам дека авторот Филип Димкоски ќе напише уште многу други дела со радост и со ваков голем ентузијазам коишто квалитетно ќе го надраснуваат секое негово претходно напишано и објавено дело.


                                                     Љиљана Атанасова
                                                                                           

Monday, September 3, 2018

Говорот на прстите



                         
                                На првата македонска поетеса Даница Ручигај

Моите прсти не ги допреа твоите прсти.
Мојата душа ги осети твоите прсти.
Нежни, топли, меки, а цврсти.

Како стиховите твои да ги изречам,
кога тебе не те познавам
Кажувам треперливо твои стихови, несигурен во себе
пеејќи осеќам дека низ стихот те запознавам тебе.

Некогаш така зборот,
затаен, задуман останува
чувствата во мисли се преслекуваат
духовите наши во стихот се спознаваат
и во заложништво ан ветрот векуваат.

Животот така одлучил
прстите да не се допрат
а да се чувствуваат
така две души да говорат
што од поетска страст боледуваат.

Филип Димкоски

Да растеме заедно низ песните од Филип Димкоски




      „Заедно да растеме“ од младиот поет Филип Димкоски е уште еден зрел и сочен плод во кошницата со плодови кои и припаѓаат на литературата за деца. Да се пишува за деца на момент изгледа како многу лесна работа, но во никој случај не е така, зашто да се пишува за деца значи да се разбуди детето во себе. Да се пишува за деца значи и тоа истото дете да се праша за што сонува, за што мечтае, што го мачи и што треба да научи.  Да твориш за деца значи и самиот ти да си дете и самиот ти да си сите деца во светот. Димкоски тоа многу вешто го прави. 

       Детето во Димкоски расте низ триесет и осум песнички чија должина во никој случај нема да ги измори младите читатели, тие ќе уживаат во римите кои се испреплетуваат како венче од планински цвеќиња низ песните. И она што е најбитно , со песните од Димкоски детето интелектуално расте и созрева, учи зошто треба да е среќно, како изгледа љубовта во секоја нејзина форма- онаа меѓучовечката и онаа која го означува односот човек-природа. 

        Во вториот дел од книгата  „ЗАПОЗНАЈ МЕ, ЗАСАКАЈ МЕ И ЈАДИ МЕ“ се дружиме со овошките, учиме како се одгледуваат и од каде потекнуваат, кој најмногу ги сака и колку тие се здрави. Читајќи ја „Заедно да растеме“ особено голем впечаток оставаат и илустрациите кои даваат шаренило  и игривост низ книгата. Децата ќе им се воодушевуваат, а нас повозрасните , ликовите нацртани низ книгата ќе не потсетат на нацртаните ликови на Зоки Поки и на малото девојче од „Касни-порасни“, па така во нашата фантазија ќе ги споиме за да другаруваат сите и за од  нив да научиме.  Вештината во составувањето на стиховите, опевањето на овошките, начинот на кој Димкоски го прави тоа , несомнено ќе не потсети на Андреевски и на „Касни-порасни“. И Димкоски и Адреевски не учат како да го сакаме овошјето и дека ако каснеме од секое по малце ние сите ќе пораснеме.

      Оваа поетска книга на Димкоски , како што кажав на самиот почеток е еден зрел и сочен плод во кошницата на литературата за деца од кој ќе се насладуваме уште долго , долго и заедно ќе растеме!
                                                                                     Елена Ѓорѓиовска,
                                     студентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје

Thursday, June 14, 2018

Наместо поговор СВЕТОТ НА ДЕТЕТО ВО ЧУДЕСИЈА ОД БОИ




1. Навреме да се влезе
во волшепството

            Да се нурне со одушевување и да се успее да се влезе во колоритниот простор на детето не е едноставно и бара тој бескраен свет умесно да се истражува. На крајот пак ќе ни остане дилемата дали задачата добро сме ја завршиле, зашто со тоа треба да се согласат и децата, а, сепак, да потврдат и возрасните дали трудот бил залуден или не. Зашто световите на детето само на прв поглед ни изгледаат едноставни и само  „детинска работа“, а не и чудесија од бои во кои нештата се доживуваат сосема поинаку отколку кај возрасните. Притоа треба да се биде трпелив и аналитичен од секој агол, за да се застане на онаа непречена височинка од каде ќе се може сѐ да се види и сѐ да се доживее во испреплетените волшепства и потреби што ги бара детето. А нив, како автор, ги истражува младиот Филип Димкоски (роден 199 ? во Прилеп), кој влегува во тој свет во својата рана младешка возраст кога и сеќавањата од детството сѐ уште му се свежи. И треба навреме да се отворат вратите, а не задоцнето кога се „подетинува“ преку внучиња или преку неуспехот во литературата, условно, за возрасни. Зашто, литературата не трпи разграничувања и поделби на „детска и возрасна“, туку на онаа што успева да го приопшти животот и да постави здрав темел преку детето или, пак, не успева во тоа и трудот е залуден. Врз тој постамент ќе градат и ќе надградуваат, се разбира, и возрасните, во прв ред, родителите и преостанатиот семеен круг кој го сочинуваат бабите и дедовците.
            Еве тоа е изворот од кој се напојува Филип Димкоски како автор кој сѐ уште е на својот убав почеток. Не само како поет и раскажувач, туку и како промотор и водител на настани, поетски работилници, а притоа извонредно комуницира со децата овде, кај нас и надовор од Македонија, во околината, по другите држави како што се Србија, Хрватска, Бугарија... Најпрво во соседството, а потоа, со добра мисла, уште подалеку. Така се стигнува во светот. Зашто, на негова среќа,  тој е млад, само на почетокот од своите студенстки години и има време да освојува нови простори.
            Во неговиот поход, по објавувањето на првата поетска книга за возрасни „Божилак на исконот“, еве ја и стихозбирката „Заедно да растеме“ со која го продолжува патешествието во раскошниот колорит, овојпат во чудесијата од виножита кои можат да се видат и да се откријат само пред погледот и во душата на детето. А Филип Димкоски веќе ја има формулата за тоа и умее со неа добро да смета и да пресметува, да патува и да освојува, да биде амбасадор на детето и во себе и на она пред кое ќе застане и преку кое успева да го прегрне сиот свет, оној, детскиот. Ќе биде и самокритичен што ќе им понуди, како ќе им се доближи, (тоа веќе го прави мошне одговорно!), зашто искрено е поздравен од нив. А така е затоа што умее во небото да погледне со очите на детето, сѐ да доживува во ѕвезден сјај, во спектар од бои и да ги потсети децата дека волшепствата не се измислени, да ги истихува нивните потреби.

2. Она што детето го говори во нас
- тоа треба да се каже

            Ќе ја поздрават читателите стихозбирката „Заедно да растеме“ во која младиот автор го споделува својот свет со нивниот, слевајќи го и со нивните духовни потреби, за да создаде заедничка целина која нема да биде само негова, ами многу повеќе и нивна. Таков е во своите триесет и осум пеења од кои секое, на свој начин, го допира детето, зашто и самиот ќе наведе дека „посакува да го напише она што детето во него сака да го каже.“ Тоа е столбот за успех кој, ако го поседуваме, ќе успееме да се искажеме. И уште во кусото обраќање ќе рече дека „детето во мене сака по нешто да им каже на сите: да им укаже на возрасните, да искаже љубов кон бабата, да ги повика на дружба другарчињата, да им посвети внимание на цвеќињата, да го сподели она што го научило за овошките и за зеленчуците...“ Тој тоа го има; си го носи и во себе и со себе.  
            Кога е така, еве го и поздравот: „Добредојде, добра книго“ во светот каде што ти е местото, кај читателите, најмладите. Но и кај наставниците за обработка на часовите, во наставата во која се открива и се гради животот на начин каков што го налага и педагошкиот приод кој ќе рече дека детето, во она што му се нуди како литература, најмногу и најдобро учи и осознава преду добри, а не преку лоши примери. Оваа карактеристика ја има во изобилие во песните на Филип Димкоски, но не преку нагласена дидактика, туку и преку играта, преку конатактите и со возрасните. Зашто држи и до фактот на својата возраст за да рече дека „не сум толку далеку од деновите кога бев дете, а работата со децата откако малку потпораснав ми овозможува да го чувам детето во себе и да уочувам колкави се важноста и потребата од тоа.“  Кога сѐ ќе се собере и ќе се проанализира, поетот е на вистинската релација дете - возрасен за да го изнедри од себе највозвишеното, најтоплото и најискреното токму во своите стихови сега, а и, сигурен сум, подоцна во она што ќе ни го понуди како свој извор. Но и да заклучи дека тоа што, како возрасни, „не секогаш одговараме на желбите и потребите на децата, ме поттикна да се обидам да направам мала промена.“
            Неговата авторска креација ни е на показ во „Заедно да растеме“, која, преку двата циклуса на различен начин им се обраќа на децата за да им го сврти вниманието. Притоа да им биде другар и пријател, да ги поттикне и да им ја распламти возбудата, да застане на нивна страна и кога се мирни, но и кога се палави. Таков е секаде каде што ќе се појави како модератор и забавувач, аналитичар и промотор, проникнувач и проследувач на разни збиднувања. А и како темперамент е отворен и податлив, омилен и кај детската и кај возрасната публика на јавните настапи, на приредбите и манифестациите, но, за среќа, и во творештвото што го создава.  

3. Да се расте и да се сонува,
да се биде возрасно дете


            Поетот Филип Димкоски сериозно ќе ја удостои, во прв ред, младата публика со стихозбирката „Заедно да растеме“, најавувајќи дека „песни за деца нема; песните се за возрасните“ и како што најавив, ќе ја подели на два рамноправни циклуса.
            Првиот озаглавен како „Јас, семејството и другарчињата“, а во него ќе се разигра, но и ќе сонува заедно со нив, а притоа ќе се почувствува и свежиот здив на неговото детство од кое, (колку и да не поминало долго време од изминот), сепак, заминало како и многу други. Притоа, во секоја од нив, ќе сподели порака која, правило е да ја има во поезијата за деца и млади, да се испорача својот став до оние што ќе ја читаат, да се допре и среќата, но и зборот, добар и лош, за да се испрати она што се сака да стигне до детето. Но да ги допре и возрасните преку нивната „побуна“ против она што се вика музика и музицурање, која некои ја доживуваат како вознемирување, а ќе се најде и некој кој ќе се одушеви.
            Како и да е, светот е поделен, а Филип Димкоски ќе застане зад детето како негов застапник и заштитник, за да се праша и сопствената „душичка што ѝ се сака“, ќе ја возвиши и големата улога на бабата со песната посветена на баба му Лилјана, но и на таткото во улогата на Дедо Мраз, на пролетта со цвеќињата како слика во која ќе заскита погледот. Нема да го занемари и шепотот на дрвјата, а ќе ја именува и љубовта меѓу дабот и брезата преку ликовите на Милица и Јанко. Ќе го растрепери и детството на Орхидеја и Даре, но и тоа дека само искрената прегратка е топла. Нема да ја занемари и грижата околу природата, потоа патот кој треба да го помине една новогодишна елка за да стигне во нечиј дом, но и каде треба да го заврши своето патешествие. Ќе побара Филип Димкоски и „глас за спас“, а ќе се обиде од детето да создаде и градинар.
            Ако за поезијата се вели дека не се прераскажува, туку се доживува, кај младиов поет тоа правило се побива и на секоја песна може да ѝ се пријде и од прераскажувачки и од раскажувачки агол, а и да се доживее. Тоа е таа негова богата панорама од стихување и римување, од врева и игра со што и го гради светот на современото дете, просторот на секојдневјето. Арно ама, никаде да не претера во советување, туку само поетски да бележи и да го пресоздава тој свет кој го има само детето, она кое останало во нас, но и она што е околу нас, во семејството, во околината, кај роднините, кај пријателите.
            Првиот циклус, бездруго, е носечки во стихозбирката „Заедно да растеме“, иако по ништо не е побезначаен и вториот кој ќе ни се понуди преку пораката „Запознај ме, засакај ме и јади ме“ и кој во најголем дел ја обработува природата. Но со едно сосема поинакво гледање, а меѓу другото и од кујнски агол препорачливо. Зашто, да не претеруваме, но „основниот проблем“ кај детето е неприфаќање на храната, а овде се опева здравата исхрана и тоа преку оние растенија што се употребуваат во кујната. Некои од нив можеби нагласено го скиселуваат детското лице за да се отфрлат, но Филип Димкоски преку пораките им го нуди на прифатлив начин. Тој покажува познавање на растенијата, (очигледно и преку студињето на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје), она што му е и професионален избор, но за кое си ветил да го пренесе и со поетски порив. Всушност, меѓу две корици тематски и две книги, но со истородна порака.
            Ете, тоа е беглото видувањето на книгата „Заедно да расатеме“ од Филип Димкоски кој има убав старт, а целта е пред него и постојано се граби кон неа за да се стигне, да се освои победата. Сигурен сум дека од неговата раскошна мисла допрва ќе очекуваме нови вредности со кои, без сомнение, ќе продолжи си го гради и да си надградува својот профил.
            Овојпат ќе ја поздравиме, но и ќе ја препорачаме да стигне до децата околу нас и во нас, во училиштето и семејството, со порака, ајде, „Заедно да растеме“ како што и посакува авторот во своето обраќање на нејзиниот почеток.


            март, 2018 г.                                             Горјан Петревски







Извадок од рецензијата на проф. д-р сц. Васил Тоциновски, критичар, книжевен историчар и преведувач



Новата стихозбирка Во градината има само љубов на младиот Филип Димкоски (1995,Прилеп) е радост за читателите и за книжевната критика од две причини. Првата ги потврдува тематските кругови како автохтоност на авторот што нѐ води и до второто поголемо и значајно задоволство од големиот исчекор и естетски резултат во новите стихови. А тие сами по себе претставуваат творечка легитимација за впишување во традицијата и континутетот на современата македонска книжевност.
Посебно внимание е посветено на структурата на книгата.
Одбрани стихови како болдирани целини навестуваат седум циклуси, чиј број, меѓу другото, и ги одредува чудесноста или поточно магијата на природата и поетоскта опсесија со нејзиниот свет. Поделеноста е условна. Таа создава одредена динамика  на сликите, состојбите и расположенијата и децидно го одредува предметот на восхитување.
Поетската четкичка на Димкоски со леснотија и во еден потег создава чудесни слики, пејзажи што одеднаш и неочекувано се овековечуваат со сите свои мириси, бои и вкусови. Токму низ една таква импресионистичка постапка создадени се антологиските песни Бакнежи од минливоста, Сонце на денот, Се спасивме. Во нив и ја гледаме иднината на нивниот автор.
Природата е Божји дар, затоа таа се раздава и се дарува, за среќа, и опоменува Филип Димкоски да ѝ возвратиме со иста мера, да ја сакаме и да ја чуваме, да ја браниме и да ја одбраниме од превртените и нарушени вредности на човекот и на животот.
За таков миг на среќа и на задоволство ја препорачуваме за прочит стихозбирката Во градината има само љубов.



Извадок од рецензијата на проф. м-р Снежана Алексиќ-Станојловиќ, писател и книжевен критичар од Србија




Поетската книга „Во градината има само љубов“ изградена е од мал број песни, но од голема љубов. Структурално нѐ уверува во старото спознание дека не треба да му се дава приоритет на квантитетот и дека суштината се наоѓа токму во сегментите. Секоја честичка од која сме создадени ние и целиот универзум околу нас заслужува почит затоа што во себе го носи битот на градацијата.
Необичната структура на оваа книга, секако, ја прави единствена. На секој циклус му претходи песна исткаена од најсилните стихови од песните во циклусот што следува. На самиот крај се наоѓа песна што може да се толкува и како поговор, но и како идејна суштина на книгата, еден вид ода, благодарница, заклучок, поука...
Авторот си дозволува себеси да биде она што е – на момент дете, на момент стар мудрец. Дозволува Природата да го води и да го учи. Ја нагласува чувствителноста како битна димензија на човековата личност...
За млад автор како што е Филип Димкоски, очекувано е да ја опее младешката љубов кон личност од спротивниот пол, но Филип Димкоски ширината на своето срце ја шири и подалеку од очекуваното. Неговото доживување на Љубовта е насочено кон целокупната жива и нежива природа и е реципрочно со размер од космичка димензија. Со восхит и воодушевување навлегува во секој цвет, ги впива мирисите на земните плодови, ги ослушнува капките дожд или пораката на брановите...
Не е лесно да бидеш различен, особено кога си млад. Посебноста секогаш има своја цена. Тој ја плаќа со насмевка, со благодарност што му е дадена можност да живее и да се радува на сѐ што е живо.
Магијата и чудовитоста на поетот во секој момент одново зачудуваат и тој веќе виденото секојпат го доживува од почеток, како да е првпат. На читателот директно му порачува дека во Природата сѐ е неповторливо, без разлика колку пати се повторува, дека сѐ е оригинално и совршено на свој (не)совршен начин. Истакнува дека секој, па и најмалиот дел од Природата, е богатство и приказна за себе.
Сѐ споменато укажува на фактот дека Филип Димкоски остава личен препознатлив поетски белег. Расцветува на свој начин во својата стиховна градина.



Рецензија на проф. д-р Гордана Попсимонова, универзитетски професор и колумнист



Човекот  почнал да пријателствува со растенијата пред околу десет илјади години. Всушност, велат дека тоа била жената. Таа ги прибирала драгоцените семчиња околу своето огниште, таа ги набљудувала растенијата како се кршат на ветерот учејќи што сакаат, а на што се противат.  Таа ги цедела животните сокови од плодовите во жедните устиња на своите деца, ги учела да живеат со градината и им ги предавала семчињата на таа љубов за следните генерации.
За жал, по сите овие години, многумина од нас заборавиле да љубат. Затворени во бетонските самувалишта, завртени грб со грб еден кон друг, втренчени во трепкавата пластика пред себе, чиниш сме станале граѓани на светот – полека ја убиваме љубовта во нас. Дури и онаа љубов што живее во градината. Се залажуваме дека, како и сѐ друго, и неа можеме да ја купиме од маркетите. На парче или на килограм.
Како мајка и како даскал, се обидувам да им ги приближам на своите деца моќта на природата, тајната на креацијата, чудото на создавањето, спокојот на градината. Неопходно ни е малку да подзапреме во овој метеж и да се осврнеме на вистинските вредности. Да ги зачуваме и да ги изнегуваме. За нас и за идните вљубеници во градината.
Филип Димкоски е мое дете. Не само што е вљубеник во градината, во тој рај од скротена природа, Филип е и познавач на градината. Уште повеќе, тој е препознавач на љубовта во неа. А во градината има и пот и тага, копнежи и разочарувања, смеа и солзи, падови и станувања. Зар не е тоа љубов?
Филип Димковски е поет. Иако никој не му покажал како да ги ниже зборовите, иако не добил параф дека фатил ука за песната, таа самата му се привива . И самиот ќе каже „...Како вода на извор што притиска камен, како што се издига огнен пламен, доаѓа песната...“ Зар не е тоа љубов?
Неговите песни ги носат топлината на плодната почва под босите нозе, радоста на првите ливчиња што ја уживаат сончевината, кревкоста на младиот расад, мирисот на влакненцата по доматот, бојата на цветот на калинката, блажениот вкус на белиот грозд, кадифениот допир на розата, свежината на зелениката по дождот. Зар не е тоа љубов?
Зар нема само љубов во градината?

Извадок од рецензијата на проф. Ина Креjн, професор по бугарски јазик и литература, писател и книжевен критичар од Бугарија




Новата поетска книга на талентираниот македонски поет Филип Димкоски, „Во градината има само љубов“, ги поставува универзалните општочовечки прашања за вечните вредности – Љубовта, Душата и Природата – на еден особено  возбудлив начин, кој се граничи со параболичното и библиското од една страна, но и со философското, мудрото, суштественото и секојдневното, од друга. Поезијата се претвора во вербален помост меѓу вечното, со корени во Библијата, и современото, кое може да биде видено, осетено и допрено во градината на секој дом и Душа.
Уште од првата страница на книгата започнува топлиот дијалог на поетот со себеси, но и со читателот – низ реторични прашања и восклици, израз на силните емоции и возбуди што тој ги чувствува. Авторот нема ниту секунда колебање, апсолутно сигурен е во она што го чувствува и тој емотивен виор го предава на другите. (Штом има љубов, има сѐ!)
Природата градина е извор на светлина и благодат. Таа е противотров, лек и спас од уништувањето што го носи сивото секојдневје – во градината има бои, а не сивило, мириси, а не отровни гасови, опивање и наслада, нирвана на Душата, а не за телото, просветление за умот и чувствата.
Вистината е искажана едноставно, мудроста е длабока и зашеметувачка, а стиховите како лековита вода ги мијат мислата и чувствата на читателот. Какво мајсторство и каква сила на Духот треба да има поетот за да стигне до овие увиди, да ги вплете во зборови и да ги сподели со другите!
Во градината на љубовта и природата Душата се ослободува од земните и општествените ограничувања – чувствата се вистински, душата е слободна и подготвена да полета – да се извиши Духот како птица, како што Божјиот дух се извишува – високо во небото – над несовршенството, болката и грозотијата во земниот свет – како спасение.
Спомените за она што било и што ќе биде, е сврзано со емоцијата и чувствата, извишувајќи го Духот, давајќи му да ја види земната убавина, но со прочистена и возвишена Душа.
Реторичните прашањаа и восклици,  растечката градација, апосиопезата, контрастот, анафората, наративноста и параболата танцуваат во поетичните строфи за време на прошетката низ Градината и средбата со нејзините живи, мислечки и чувствувачки жители.
Силната метафоричност, невиноста, епитетите и алегориите јасно се појавуваат во стиховите, без да пречат или да го отежнуваат разбирањето на нивната смисла. Персонификацијата на сите жители на Градината создава разумно чувствување на магичен реализам.
Поетскиот јазик изобилува со многу јазични и контекстни синоними, белег за исклучително богат речник. Секој поетски продукт е слика, насликана од мајстор уметник на зборот со прецизност, талент и љубов.
Признанието во љубов кон природата е благодарност, клетва, завештание и посвета. Љубовта кон природата може да осмисли еден човечки живот, за го вдахнови со творештво, да му помогне да си ја најде душата и да ја спаси од гадотијата на сивото секојдневје со мирисот, убавината и светлината. Болката на поетот е поради тоа што современиот човек е толку блиску до живата вода на природните вистини, а доброволно останува жеден, толку блиску до мудроста и слободата, но сам избрал да биде славеј во кафез или петунија во саксија.

Интересно е подредувањето на песните – започнува со прогледувањето на детето, со изучувањето на светот околу него, потоа се појавува младичот со своите бурни копнежи, на крајот се истураат ураганите емоции и мудроста на пораснатиот заљубен маж. Но општото за сите човечки возрасти е неизмерната љубов кон Мајката Природа, спасението за човечката Душа и нејзиниот природен дом.
Новата стихозбирка на македонскиот поет Филип Димкоски е поетска Библија, полна со љубов и мудрост, светлина и убавина – пат на надежта за спасение на човечката Душа, која само треба да стане дел од Градината на Природата и својот пулс да го слее со нејзиниот.

Monday, June 4, 2018

Промоција на „Во градината има само љубов“-нова поетска книга од Филип Димкоски


Во вторник, 5 јуни во 20.00 часот во Домот на културата „Кочо Рацин“-Скопје (Дом на градежниците) ќе се одржи промоција на четвртата поетска книга од поетот Филип Димкоски, насловена „Во градината има само љубов“.
Промоцијата на книгата како и сите претходни на овој автор замислена е како своевиден уметнички перформанс кој на малку поразличен начин ја донесува поезијата до читателите.
Промотор на книгата е проф. д-р Васил Тоциновски, стихови ќе чита авторот. Музички гостин е кант-авторот Џина Папас Џокси.

Инаку, станува збор за поетска збирка создавана четири години, песни поделени во неколку циклуси со заеднички мотив- љубов во повеќе облици, но сврзан со оној основниот и неопходниот-љубов кон нашата создателка -природата.

Филип, не само што е вљубеник во градината, во тој рај од скротена природа, Филип е и познавач на градината. Уште повеќе тој е препознавач на љубовта во неа-пишува проф. Попсимонова во рецензијата

. Васил Тоциновски пак истакнува дека новата книга на Димкоски е уметнички и естетски исчекор на авторот.
Новата стихозбирка на Филип Димкоски е радост за читателите и за книжевната критика од две причини. Првата ги потврдува тематските кругови како автохтоност на авторот што не води и до второто поголемо и значајно задоволство од големиот исчекор и естетски резултат во новите стихови. А тие сами по себе претставуваат творечка легитимација за впишување во традицијата и континуитетот на современата македонска книжевност-се вели во рецензијата на Тоциновски.

Писателката и литературна критичарка Снежана Алексиќ Станојловиќ од Србија, во рецензијата забележува дека Димкоски остава личен препознатлив поетски белег, односно авторот расцветува на свој начин во својата духовна градина, а писателката и критичарка Ина Крејн од Бугарија книгата ја именува како „поетска Библија“.

Уредник на изданието е Александар Димкоски кој на почетокот има дадено опширен предговор насловен „Омеѓување“, а кон крајот на книгата поместени се текстови на рецензентите проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Гордана Попсимонова, проф. м-р Снежана Алексиќ-Станојловиќ (Србија) и проф.
Ина Крејн (Бугарија). Автор на корицата е Кристијан Јованоски Кетерник, а лектор Кристина Велевска.

Добредојдени се сите што ги љубат градините, убавините и стиховите!

Thursday, March 29, 2018

Премиера на „Помеѓу соништа и летови“-утревечер во МОБ


Утревечер на малата сцена на  МОБ, во 20.00 ќе се случи премиерата на камерната оперска  претстава „Помеѓу соништа и летови“ од Горан Начевски.

Премиерата е во рамките на  фестивалот „Денови на македонската музика“.
Санува збор за камерна опера во еден чин, која има поинаква приказна. Имено, се работи за приказна за моментот кога не сме сигурни што е сон, а што вистина, или за тоа, кој е реалниот, а кој замислениот свет. Приказна без почеток, но со среќен крај, како спротивност од трагичните завршетоци на најголемиот број дела од оперската литература

Музиката и либретото се на Горан Начевски, диригент е Иван Еминовиќ, режисер е Љупка Јакимовска, сценограф е Зоран Николовски, костимограф е Бранкица Јордановска, кореограф е Маја Каревски, светло дизајнер е  Нино Митевски, хор мајстор е Јасмина Ѓорѓеска а концерт мајстор Јане Бакевски.

Настапуваат Александра Лазаревска Василевски, Дејан Стоев, Невен Силјановски и Илин Силјановски.

Балетскиот пар го сочинуваат  Христина Ангеловска и Агим Бафтии, корепетитори се Елена Сиљаноска, Андреј Наунов и Јанинка Невчева, а инспициенти Љупчо Полизов, Драган Костадиновиќ и Марко Павлевски.

Суфлери се Светлана Георргиева, Павлина Зравкова и Невена Георгиева.
Настапуваат и хорот и оркестарот на МОб.

Monday, February 26, 2018

Идила


          Сон на секое дете е да има баба на село. Штом ќе дојде распустот најпопуларно е да се каже: Ќе одам на село.  Јас немам баба која живее во село. Неодамна едната баба ми почина, а другата живее во градот. Имам подалечни баби и роднини кои живеат на село кои почесто ги посетував кога бев мал.
А сега кога веќе имам 22 години, детето се уште е живо и постои во мене, па тоа дете имаше можност пак да оди на село кај една баба.
Јас си ја сакам мојата баба Лилјана, имам една поетска баба која се вика Мирјанка, ама оваа баба кај која отидов на гости е баш онаква баба како од приказните. Значи, оваа баба прави ајвар, меси пити, плети шалови и гети, раскажува и пишува песни и приказни, везе, црта и живее на село.
Таа баба се вика Наде. Еее...тоа е вашата позната и ценета професорка и писателка, Нада Зафировска Матиќ. Пензионерскиде денови сама ги врви во селото Кадино во близина на Скопје.
Патував долго со автобусот, да стигнам до Кадино после долго договарање со Наде, дека треба да ја поесетам и да уживам во селската идила.
Нашата средба во средината на јануари годинава, всушност беше продолжување на новогодишните и божиќните празници.
Слегов од автобусот, а баба Наде ме пречека со широка отворени раце што чекаат да добијат и да дадат прегратка.
Куќата на еден спрат, се наоѓа во близина на автобуската постојка, па по неколку чекори од постојката веднаш се најдовме во домот на баба Наде.
Еее...таква топлина на домот создава човек кој пред се мора да носи топлина во себе. Веднаш на влезот пред вратата ве пречекуваат неколку мачки кои се моткаат околу нозете на баба Нада и една кокошка, која насетила каде има вкусна храна па од некој друг селски двор, се преселила овде.
Во ходникот  низ кој се поминува за да се стигне до дневната соба, стојат наредени холандезите со свежо набрани јапонски јаболка, а во дневата соба....Во дневната соба плапотат дрвјата во каминот...
Зрачи топлината на домот. Масата во собата преполна со јадења и убаво сервирана. Од каде да почнам да набројувам? Пита со тиква, пита со месо, пита со праз, пита со јаболка...Месо во сос, домашно селско месо, па сренце, па кашкавал...па салата, па варен зеленчук и секако винце...

За почеток си наздравивме со свежо подготвен сок од овошје и ленено семе, па како клопче си се разврза нашиот муабет, кој никогаш не завршува и секогаш иако ние не памтиме, разговорот сам си памти каде застанал...па сам си потекува и си продолжува...тече, тече и пак останува недотечен и недоречен...
Бабо Наде Велам, јас не дојдов за да јадам олку, туку да те видам и да помуабетиме.
Ако, ако-вели, јас сакам да подготвам. Со мемрак готвев и месев. Твоето доаѓање ми е празник...
Па течат муабетите, со добра храна и со пијалак...Муабетиме за издаваштвото, за  книжевноста, за поетите и писателите, за литературата за деца...Оваа моја баба која готви, која плете, која храни мачки...е авторка уште од многу одамна. Уште како девојка соработувала со Детска радост, како соработник и автор на текстови...Токму таа Нада Матиќ,  е рецензентка  и ко-авторка  на  учебници по македонски јазик, авторка  на неколкку книги за деца, има напишано безброј песни за деца, пишува прекрасни и магични сказни, а пишува и поезија за возрасни и хаику сочиненија...Таа-заљубеничката во Отон Жупанчич, посветеничката на теоријата на книжевноста, верна читателка на творештвото на поетот Михаи Ренџов, и нунка на едно од најубавите и култни дела во македонската литература, романот на Видое Подгорец  „Белото циганче“. Замислете да ја немавме баба Наде, романот на Подгорец, ќе се викаше „Черга“.
Па нели е прекрасно да се биде нејзин  внук, макар и позајмен како што таа ме нарекува?
Мачките ми се постојано друштво-вели госпоѓа Нада Зафировска Матиќ, тие прават да не се чувствувам осамено...Сакам да ми дојде соседка а и јас да отидам. Гледам телевизија, читам и мнооогу пишувам...Ги прелистувам старите нотеси тешки од премногу писанија, и се чудам дали ќе успеам да објавам барем дел од нив. Ако не јас, можеби некој по мене, кога не ќе бидам жива...
И велам-да си здрава и жива и бабо Наде, да си вака витална и да теи трае творечката енергија и додека си жива да објавиш барем уште неколку книги.
Додека баба Наде ги изговара зборовите љубов, среќа и добрина, оревовото дрво пукнува во каминот и се раѓаат искри...
Си го привршуваме муабетот, си наздравуваме со црвено вино за новата година и новите книги што треба да ни се објават во 2018, и си посакуваме пак да ни се случи една ваква пријатна седенка со разговор помеѓу бабата и внукот.
Топлината на оваа моја баба ќе го најдете и во нејзините песни, раскази и сказни. Како во оние веќе објавените, така и во новите кои наскоро треба да бидат отпечатени...
По долго патување со автобусот број 63, еве ме пак во Скопје, полн со свежина и радост од поминати од ден кај баба на село.
                                                                                                                        Филип Димкоски

СИЛИНАТА НА ЗБОРОТ И НЕГОВАТА МОЌ ДА СЕ ВРЕЖЕ ВО ТРАЈНАТА МЕМОРИЈА И ДА ОСТАВИ ДЛАБОКА ТРАГА ВО СРЦЕТО У УМОТ НА МАЛИОТ ЧИТАТЕЛ



          Другар ми Кристијан, дојде кај мене на гости...Пиеме чај на застаклената тераса а надвор врене снег.  Седевме долго и муабетивме...
Дојде време да си оди. Облеков зимски чевли и решив да го испратам до автобуската постојка.  Кристијан ми вели: Осеќаш ли како крцка снегот под ѓонот од чевлите?
Да, му велам.
Е, ова крцкање секогаш ме потсетува на наставничката Сузана по македонски јазик од основно училиште.
Ааа...знам зошто-велам. Имавме еден текст со наслов Февруари во степата...Уф, не можам да се сетам кој беше авторот.  Некој на М. Можеби...Михо Атанасовски... Мммм...не знам. Ќе го барам текстот.
Го испратив Кристијан. Се вратив дома и почнав да пребарувам по интернет. Текстот не го најдов.
Се сетив да и се јавам на наставничката Сузана и да ја прашам.
Димкоски-ми вели. Се сеќавам на тој текст. Него го има во читанките за шесто одделение од кои учеа мал број на генерации. Вашата генерација можеби беше последна... Ќе го барам и штом  го најдам ќе ти направам копија па ќе ти се јавам да си ја земеш.
Поминаа неколку денови. Отидов во Прилеп, отидов во моето училиште и наставничката Сузана ми го даде текстот Февруари во степата. Авторот е Михаил Шолохов. Откако го зедов в рака листот на кој се наоѓаше текстот и раскажав зошто го барам.
Знаете ли колку се израдува?
Знаете ли што значи да сфатиш дека твоето предавање и твоето пренесување на наставниот материјал го памтат учениците кои итиот го учеле пред десетина години. Беше радосна, среќна и горда. Ја разбирам. Се израдував што беше така.  Откако се разделивме со наставничката Сузана, одејќи кон дома почнав да го читам текстот:

„Февруари е...
           Мразевите ја стегаат и стегаат земјата. Врз белата заснежана недоглед, се раѓа сонцето. Онаму каде што ветрот го излижал снегот, земјата ноќе во тресет пука. Нерамнините во степата изгледаат како презреани лубеници, избраздени со пукнатини во земја. Зад селото, покрај есенските угари, заслепувачки блескотат навевите од снег. Тополите над реката небаре се исковани од сребро. Наутро од оџаците како висока шума, се креваат првите портокалови стебла од чад.
           Во студените штали цела ноќ мукаат кравите. Пред зори нема да најдеш ниедно стебленце слама во јаслите. Јагнињата и јарињата кои оваа зима се ојагнија и се ојарија, повеќе не ги ги остават во трлата. Ноќе сонливите селанки, ги земаат од мајките, ги мотаат во скуталињата и ги носат во загушливо топлите куќи.
               Под ледената кора снегот е како крупна, кршлива, зрнеста сол. Полноќта е толку тивка, небото  е толку  мудро прошарано со трепетливи ѕвездички, па на  човека  лесно може да му се пристори дека се живо исчезнало од овој свет.
На завеаната степа чекори волк. На снегот не остануваат длапки на цели шепи, туку онаму каде што каџите кронат замрзнати парчиња од снежната кора, останува искричава гребаница-бисерен траг.
И ноќе, кога тивко ќе за ржи кобилата, под чиј стомак спие штотуку роденото ждребе, нежната мајчинска љубов ја преплавува целата степа.
Февруари е...
Модра тишина пред зазорување.
Бледнее осамениот Млечен Пат.
Низ темните прозорци на куќите, светкаат румените одблесоци на огнотво печките што горат без прекин.
Мразот на реката крцка...
Февруари е...“
Го исчитав неколку пати додека стигнав до дома. Се стресував при секое читање. Морници ме лазеа по телото. Ја имав истата возбуда како кога во шесто одделение седев на трета клупа и го слушав овој текст, читан од наставничката Сузана.
Каква радост!
Вечерта зедов лист хартија и го препишав текстот.  Напишав неколку зборови како посвета, листот го здиплив на две и текстот го ставив во плик.
Кога се видов со Кристијан. Му го дадов пликот. Го отворил дури кога си отишол дома.
Ми се јави целиот среќен со зборови на благодарност. Му раскажав како го пронајдов текстот и се присетвиме на деновите од основно.
По неколку години, занимавајќи се со литературата за деца и со литературата воопшто, до мене, којзнае како дојде и таа читанка. Читанката од шесто одделение од авторките Лилјана Ефтимова и Анастасија Стојанова во која го има текстот „Февуари во степата“ од Михаил Шолхов.
Читанката не ја давам никому, а текстот, вечерва од неа го препишав, за да го споделам со вас.
Сега, кога се навратив на емоциите што ги предизвикал во мене текстот и на силината на зборовите од наставничката што го прераскажувала и објаснувала овој текст, уште посериозно и посилно ја сфаќам важноста и одговорнсота која треба да се има кога нешто му се пренесува и претставува на малиот читател.


Филип Димкоски

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...