Monday, February 26, 2018

Идила


          Сон на секое дете е да има баба на село. Штом ќе дојде распустот најпопуларно е да се каже: Ќе одам на село.  Јас немам баба која живее во село. Неодамна едната баба ми почина, а другата живее во градот. Имам подалечни баби и роднини кои живеат на село кои почесто ги посетував кога бев мал.
А сега кога веќе имам 22 години, детето се уште е живо и постои во мене, па тоа дете имаше можност пак да оди на село кај една баба.
Јас си ја сакам мојата баба Лилјана, имам една поетска баба која се вика Мирјанка, ама оваа баба кај која отидов на гости е баш онаква баба како од приказните. Значи, оваа баба прави ајвар, меси пити, плети шалови и гети, раскажува и пишува песни и приказни, везе, црта и живее на село.
Таа баба се вика Наде. Еее...тоа е вашата позната и ценета професорка и писателка, Нада Зафировска Матиќ. Пензионерскиде денови сама ги врви во селото Кадино во близина на Скопје.
Патував долго со автобусот, да стигнам до Кадино после долго договарање со Наде, дека треба да ја поесетам и да уживам во селската идила.
Нашата средба во средината на јануари годинава, всушност беше продолжување на новогодишните и божиќните празници.
Слегов од автобусот, а баба Наде ме пречека со широка отворени раце што чекаат да добијат и да дадат прегратка.
Куќата на еден спрат, се наоѓа во близина на автобуската постојка, па по неколку чекори од постојката веднаш се најдовме во домот на баба Наде.
Еее...таква топлина на домот создава човек кој пред се мора да носи топлина во себе. Веднаш на влезот пред вратата ве пречекуваат неколку мачки кои се моткаат околу нозете на баба Нада и една кокошка, која насетила каде има вкусна храна па од некој друг селски двор, се преселила овде.
Во ходникот  низ кој се поминува за да се стигне до дневната соба, стојат наредени холандезите со свежо набрани јапонски јаболка, а во дневата соба....Во дневната соба плапотат дрвјата во каминот...
Зрачи топлината на домот. Масата во собата преполна со јадења и убаво сервирана. Од каде да почнам да набројувам? Пита со тиква, пита со месо, пита со праз, пита со јаболка...Месо во сос, домашно селско месо, па сренце, па кашкавал...па салата, па варен зеленчук и секако винце...

За почеток си наздравивме со свежо подготвен сок од овошје и ленено семе, па како клопче си се разврза нашиот муабет, кој никогаш не завршува и секогаш иако ние не памтиме, разговорот сам си памти каде застанал...па сам си потекува и си продолжува...тече, тече и пак останува недотечен и недоречен...
Бабо Наде Велам, јас не дојдов за да јадам олку, туку да те видам и да помуабетиме.
Ако, ако-вели, јас сакам да подготвам. Со мемрак готвев и месев. Твоето доаѓање ми е празник...
Па течат муабетите, со добра храна и со пијалак...Муабетиме за издаваштвото, за  книжевноста, за поетите и писателите, за литературата за деца...Оваа моја баба која готви, која плете, која храни мачки...е авторка уште од многу одамна. Уште како девојка соработувала со Детска радост, како соработник и автор на текстови...Токму таа Нада Матиќ,  е рецензентка  и ко-авторка  на  учебници по македонски јазик, авторка  на неколкку книги за деца, има напишано безброј песни за деца, пишува прекрасни и магични сказни, а пишува и поезија за возрасни и хаику сочиненија...Таа-заљубеничката во Отон Жупанчич, посветеничката на теоријата на книжевноста, верна читателка на творештвото на поетот Михаи Ренџов, и нунка на едно од најубавите и култни дела во македонската литература, романот на Видое Подгорец  „Белото циганче“. Замислете да ја немавме баба Наде, романот на Подгорец, ќе се викаше „Черга“.
Па нели е прекрасно да се биде нејзин  внук, макар и позајмен како што таа ме нарекува?
Мачките ми се постојано друштво-вели госпоѓа Нада Зафировска Матиќ, тие прават да не се чувствувам осамено...Сакам да ми дојде соседка а и јас да отидам. Гледам телевизија, читам и мнооогу пишувам...Ги прелистувам старите нотеси тешки од премногу писанија, и се чудам дали ќе успеам да објавам барем дел од нив. Ако не јас, можеби некој по мене, кога не ќе бидам жива...
И велам-да си здрава и жива и бабо Наде, да си вака витална и да теи трае творечката енергија и додека си жива да објавиш барем уште неколку книги.
Додека баба Наде ги изговара зборовите љубов, среќа и добрина, оревовото дрво пукнува во каминот и се раѓаат искри...
Си го привршуваме муабетот, си наздравуваме со црвено вино за новата година и новите книги што треба да ни се објават во 2018, и си посакуваме пак да ни се случи една ваква пријатна седенка со разговор помеѓу бабата и внукот.
Топлината на оваа моја баба ќе го најдете и во нејзините песни, раскази и сказни. Како во оние веќе објавените, така и во новите кои наскоро треба да бидат отпечатени...
По долго патување со автобусот број 63, еве ме пак во Скопје, полн со свежина и радост од поминати од ден кај баба на село.
                                                                                                                        Филип Димкоски

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...