Monday, February 26, 2018

СИЛИНАТА НА ЗБОРОТ И НЕГОВАТА МОЌ ДА СЕ ВРЕЖЕ ВО ТРАЈНАТА МЕМОРИЈА И ДА ОСТАВИ ДЛАБОКА ТРАГА ВО СРЦЕТО У УМОТ НА МАЛИОТ ЧИТАТЕЛ



          Другар ми Кристијан, дојде кај мене на гости...Пиеме чај на застаклената тераса а надвор врене снег.  Седевме долго и муабетивме...
Дојде време да си оди. Облеков зимски чевли и решив да го испратам до автобуската постојка.  Кристијан ми вели: Осеќаш ли како крцка снегот под ѓонот од чевлите?
Да, му велам.
Е, ова крцкање секогаш ме потсетува на наставничката Сузана по македонски јазик од основно училиште.
Ааа...знам зошто-велам. Имавме еден текст со наслов Февруари во степата...Уф, не можам да се сетам кој беше авторот.  Некој на М. Можеби...Михо Атанасовски... Мммм...не знам. Ќе го барам текстот.
Го испратив Кристијан. Се вратив дома и почнав да пребарувам по интернет. Текстот не го најдов.
Се сетив да и се јавам на наставничката Сузана и да ја прашам.
Димкоски-ми вели. Се сеќавам на тој текст. Него го има во читанките за шесто одделение од кои учеа мал број на генерации. Вашата генерација можеби беше последна... Ќе го барам и штом  го најдам ќе ти направам копија па ќе ти се јавам да си ја земеш.
Поминаа неколку денови. Отидов во Прилеп, отидов во моето училиште и наставничката Сузана ми го даде текстот Февруари во степата. Авторот е Михаил Шолохов. Откако го зедов в рака листот на кој се наоѓаше текстот и раскажав зошто го барам.
Знаете ли колку се израдува?
Знаете ли што значи да сфатиш дека твоето предавање и твоето пренесување на наставниот материјал го памтат учениците кои итиот го учеле пред десетина години. Беше радосна, среќна и горда. Ја разбирам. Се израдував што беше така.  Откако се разделивме со наставничката Сузана, одејќи кон дома почнав да го читам текстот:

„Февруари е...
           Мразевите ја стегаат и стегаат земјата. Врз белата заснежана недоглед, се раѓа сонцето. Онаму каде што ветрот го излижал снегот, земјата ноќе во тресет пука. Нерамнините во степата изгледаат како презреани лубеници, избраздени со пукнатини во земја. Зад селото, покрај есенските угари, заслепувачки блескотат навевите од снег. Тополите над реката небаре се исковани од сребро. Наутро од оџаците како висока шума, се креваат првите портокалови стебла од чад.
           Во студените штали цела ноќ мукаат кравите. Пред зори нема да најдеш ниедно стебленце слама во јаслите. Јагнињата и јарињата кои оваа зима се ојагнија и се ојарија, повеќе не ги ги остават во трлата. Ноќе сонливите селанки, ги земаат од мајките, ги мотаат во скуталињата и ги носат во загушливо топлите куќи.
               Под ледената кора снегот е како крупна, кршлива, зрнеста сол. Полноќта е толку тивка, небото  е толку  мудро прошарано со трепетливи ѕвездички, па на  човека  лесно може да му се пристори дека се живо исчезнало од овој свет.
На завеаната степа чекори волк. На снегот не остануваат длапки на цели шепи, туку онаму каде што каџите кронат замрзнати парчиња од снежната кора, останува искричава гребаница-бисерен траг.
И ноќе, кога тивко ќе за ржи кобилата, под чиј стомак спие штотуку роденото ждребе, нежната мајчинска љубов ја преплавува целата степа.
Февруари е...
Модра тишина пред зазорување.
Бледнее осамениот Млечен Пат.
Низ темните прозорци на куќите, светкаат румените одблесоци на огнотво печките што горат без прекин.
Мразот на реката крцка...
Февруари е...“
Го исчитав неколку пати додека стигнав до дома. Се стресував при секое читање. Морници ме лазеа по телото. Ја имав истата возбуда како кога во шесто одделение седев на трета клупа и го слушав овој текст, читан од наставничката Сузана.
Каква радост!
Вечерта зедов лист хартија и го препишав текстот.  Напишав неколку зборови како посвета, листот го здиплив на две и текстот го ставив во плик.
Кога се видов со Кристијан. Му го дадов пликот. Го отворил дури кога си отишол дома.
Ми се јави целиот среќен со зборови на благодарност. Му раскажав како го пронајдов текстот и се присетвиме на деновите од основно.
По неколку години, занимавајќи се со литературата за деца и со литературата воопшто, до мене, којзнае како дојде и таа читанка. Читанката од шесто одделение од авторките Лилјана Ефтимова и Анастасија Стојанова во која го има текстот „Февуари во степата“ од Михаил Шолхов.
Читанката не ја давам никому, а текстот, вечерва од неа го препишав, за да го споделам со вас.
Сега, кога се навратив на емоциите што ги предизвикал во мене текстот и на силината на зборовите од наставничката што го прераскажувала и објаснувала овој текст, уште посериозно и посилно ја сфаќам важноста и одговорнсота која треба да се има кога нешто му се пренесува и претставува на малиот читател.


Филип Димкоски

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...