Tuesday, November 17, 2015

Си било еднаш едно дрво (четврт-последен дел)

Битоа сега повторно си беше онаа старата убава Битола. Елегантна и накинџурена како битолските моми.

Битола ги пречека уплаканите лица на Шами и Мара. Нивните деца не можеа до крај а да ја почувствуваат емоцијата што ги врзува нивните родители за овој град, но и тие плачеа. Нивната тага и носталгичност, допре и до нив.
Секој камен скориваше емоции и елегии во душите на Мара и Шами.
Болка и љубов и во воздухот се шеташе, како воздишка од двајцата вешти и храбри паталци, од двајцата напатени патници низ животот, кои со полна верба го живееја и затоа Бог им подари и среќа и убавина.

Сега во Битола мирисаше слободата.  Минато е се.
Мара клекна, повторно се расплака и се сети на военото време и нејзината партизанска активност.

Сум се борела за овој град и сега конечно ја чувствувам убавината од борбата. Ја осеќам слободата.

Направи еден поглед толку страшен и толку решителен што сите се зачудија од невообичаеноста на нејзиниот израз.

Со одважност дури и дрскост рече: Јас овде останувам. Овде ми е душата. Доста ми се сите маки и страдања. После се, после сите маки, успеав и да спечалам и потомство да оставам кое е здраво, право и способно, па белким сум заслужила да поживеам овде мирно и кротко во мојата Битола.

Шами прво се чудеше, но потоа како и тој да се согласи со тоа.  Од децата немаше одговор.  Но иако Мара беше решителна  тоа не се случи.

Тоа лето во Битола престојуваа еден месец заедно со децата. Потоа се вратија во Канада.
Следната година Мара и Шами ја омажија Егдоминда. По една година се ожени и Костадин.
Гнездото се раскрили. Љубовта ги даде плодовите.

Ама и кај Шами и кај Мара желбата за назад беше голема и си тлееше од година во година.
Имаше мигови кога Шами се потсетуваше на се што му се случило, имаше желба тоа да го каже, да го сподели, да знаат луѓето, да знае светот. Не сакаше да се жали, туку да укаже како не треба, да укаже на нечовечноста на маките и страдањата што Холокаустот ги донесе и збриша еден народ од еден предел, уби една душа.

И Егдоминда и Костадин имаа убави сопружници и имаа по едно дете. Шами и Мара инсистираа за уште по едно, но сепак младите не мислеа така.
Животот си течеше, годините минуваа, а желбата за назад тлееше, некогаш и се разгоруваше.
По десетина години откако беа во Македонија, Мара и Шами одлучија дека повторно ќе одат, ама со цел таму да живеат додека им е векот, со молба до децата секое лето да доаѓаат во Битола, за да им се радуваат ним и на внучињата.

Така и беше.  Во Битола, Мара и Шами купија двоспратна куќа. Не работеа веќе, зашто солидно се живееше од канадските пензии. На првиот кат од куќата просторот му го изнајмуваа на еден занаетчија.

Во Битола, сега ретко кој ги познаваше. Ама тоа не им пречеше на двајцата. Си живееа мирно.  Шами почна многу да чита. Сакаше да научи што повеќе зборови.
По неколку години живеење во Битола, почна да пишува белешки од својот живот. Сакаше да напише се. Да останат трајни белешки за животот, соживотот, но и маките и страдањата на Евреите во Македонија, но и во светот, а пак да каже оти нема Евереи, Македонци, Германци, муслимани, католици, јудејци и христијани. Да каже оти има само луѓе и не луѓе. Пишуваше со години.

Уживаа со Мара, имаа неколку пријатели, одвреме навреме шеткаа низ градот. Некои Битолчани се сетија на нив, па многу саакаа да седнат на кафе со локум и да разговараат за минатото. Децата од Канада заедно со своите семејства секоја година доаѓаа во Битола.

Ајде Маро-пазарен ден е денеска. Ќе одиме на пазар. Шами милозливо ја будеше Мара.
Маро бе!-отиде до неа и кревко ја заниша за рамото. Мара не реагираше. Се растрча растевожен Шами. Свика по комшиите, викнаа итна помош. Но што? Џабе! Констатирана беше смрт, како последица на мозочен удар.

Шами со уште поголема тага живееше. Бидејќи градот разбра за смртта на Мара и разбра која е таа Мара, постхумно беше одликувана за народен херој со орден за заслуги како партизанка.
Децата од Канада, го поканија својот татко да се врати таму за да живее, но тој не се согласи. Остана да живее во Битола и уште повеќе да пишува а со тоа да ги оттргне тажните мисли по изгубената Мара.

Написите за неговите патешествија и за евреите почна да ги објавува во еден локален весник. На стари години, уредникот на весникот му предложи написите да ги соберат и да објават книга чиј автор ќе биде Шами. Се согласи Шами, ама со услов да има и превод на англиски за што повеќе луѓе да можат да прочитаат и да ја дознаат вистината за Евреите.

Така и беше. Шами до последните години од животот а живееше осумдесет и две  години, ја ширеше вистината за Евреите. Се снимаа и емисии во кои тој зборуваше, книгата се промовираше насекаде. Пет години пред смртта отиде во Канада, но и таму веќе  некои медиуми дознале за него, па повторно зборуваше и ја промовираше својата книга.
Се врати во Битола и живееше пристојно како и претходно со Мара. Иако тагуваше по Мара, сепак беше исполнет што децата се здрави и среќни, и што успеа преку книга да пренесе една вистина за светот.

По боледување од неколку дена, Шами почина. Мирно, скромно и достоинствено беше испратен до вечното почивалиште последниот Евреин од Битола, Шами.


 КРАЈ

 ---------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е награден на конкурс  здружението Одлики од Битола со прва награда. Повод за конкурсот е одбележување на 70 години од Холокаустот и 20 години од меѓународната соработка  на државите Македонија и Израел/Текстот ќе биде преведен на хебрејски јазик и објавен во специјално издание. на македонски и на хебрејски јазик. Авторот пак, со уште две првонаградени авторки ќе патува во Израел како амбасадор на пријателството и мирот. Сето тоа под покровителство на амбасадорот на Израел во Македонија, г-дин Дан Оријан.

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...