Sunday, November 15, 2015

Си било еднаш едно дрво (втор дел)

А каде е нашето назад? Каде е нашата дома? И кој е тој што нас ќе не пречека?-се прашува со очај и тага Шами.

Само  љубовта наша ни е домот Шами. Само треба да ја посееме некаде. Кај што ќе ја посееме нашата љубов, таму ќе биде нашиот дом-вели Мара со искра надеж во гласот.
И за да се посее љубовта, треба тло, драга моја-зборува Шами.
Се договорија да се вратат во Скопје, па потоа да размислат што ќе прават, каде ќе продолжат да живеат, да створат дом и семејство, она што никогаш го немале.
Се вратија во Скопје со воз. Стигнаа рано наутро.

Сакаа да заминат во Битола и таму да живеат. Битола беше нивниот град кој двајцата многу го сакаа а на кој Мара, многу му помогна. Но, после се преживеано некако и таму им беше тесно. Повеќе тешко. Сакаа нов свет, кој нема да ги потсетува на маките, страдањата и траумите што им се случија.

Имаа можност повторно да отидат и двајцата да се вработат кај нивниот кум Браун. Но, не сакаа. Од една страна размислуваа дека вработувањето на Евреин може да му го усложни животот на нивниот кум, зашто сепак  во многумина се уште беше  вгнездена пајажина на омразата која ги имаше 
заробено човечките души и не им дозволушваше човечки и со срце да мислат.
Од друга страна Мара и Шами, сакаа се одново да почнат. Сакаа нов живот, без траги од минатото.

Се отселија во Канада. Пристигнаа во Торонто со брод. Немаа ништо. Веднаш почнаа да бараат работа. Шами се вработи во фабрика за пластика, а Мара работеше на одржувањето на една зграда. За работата, Мара не добиваше плата, туку добија еден еднособен стан во зградата која ја одржуваше. Пргавата Мара, претпладне ја чистеше зградата, а попладне почна да чува едно дете од соседи во зградата. Така почнаа да заработуваат подобро. Шами работеше по дванаесет часа дневно. Исцрпувачки.

Работеа напорно, навистина, ама почнаа побогато да живеат. Мара купи алишта и нов англиски разговорник за подобро да го учи англискиот јазик, а од паричната награда  што ја  беше добил Шами како добар работник, си купија телевизор. Таму телевизорите веќе беа во мода.

Се разубавија и двајцата уште повеќе. Подобро се хранеа.
Во Канада, никој не те прашува ни од каде си, ни како си-еден ден рече Шами.
Секој својата работа си ја гледа-продолжи да зборува.
А што молчиш ти?-ја праша Мара која средуваше низ малечкиот стан.
Си размислувам Шами, оти нашата љубов е убава и голема.
Зар треба збор за тоа?-праша малку на повисок тон Шами.

Не-рече Мара, ама таа љубов треба да се круниса. Треба плод да се зачне. Детето е круна на љубовта. Тогаш само кога  човек ќе има дете, ќе знае зошто дошол на овој свет. Белки тоа наше дете не ќе ги мине маките што ние ги видовме. Не ќе расте разбркувано по железнички станици, вагони, перони, логори....

Секако дека е така Маро, само уште малку да поработиме, да спечалиме повеќе за поубаво да го изгледаме детето.
Да ама, зарем во оваа туѓа земја да си го гледам детето? Зарем овдека да го родам и да го  пораснам?Еве  Израел е веќе нова држава. Барем со право да може детето да рече дека растело во својата татковина.

продолжение ќе можете да прочитате утре (понеделник, 16 ноември 2015)


No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...