Wednesday, November 18, 2015

Та, што е поразот? Миг само! А идеалот – вечност.

На денешен ден во 1874 година во Постол, Егејска Македонија, е роден Крсте Петков Мисирков

 Тој е македонски филолог,  кодификатор на македонскиот литературен јазик   и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Тој е и автор на првата и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петерсбург ,Одеса и Софија, раководител на ТМОК и личност на македонскиот 20 век.
Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието ,,Вардар"  и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.

,,Jазикот iет средство, со коiе ниiе познааме, шчо мислит, шчо осек'ат и шчо сакат нашиiот собеседник. Во iазикот се имаат оддел'ни гласовни знакои или зборои за сите мисли, осек'аiн'а и сакаiн'а на iеден чоек, затоа iазикот на iеден народ iет негоо дуовно богатство и наследство, во коiе се закл'учуваат, отпечатениво гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осек'аiн'а и сакаiн'а, со коiи имат живено и живит iеден народ и коiи се предаваат, као нешчо свето от iедно поколеiн'е на друго. Да сочуат некоi своiот народен iазик и да го бранит као светиiн'а, значит, да останит он верен на дуот на своiите предедовци и да уважаат се, шчо имаат они напраено за своiето потомство Да се откажит чоек от своiо народен iазик значит, да се откажит он и од народниiот дух Со тоа само се обiаснуат сакаiн'ето и усилиiата на покорителите, да напраат покорените, да се откажат от своiот iазик и да изучат на негоо место нивниiот; исто така со тоа се обiаснуат упортството на покорените народи да сочуваат сето своiе духовно народно наследство, а особито iазикот.
Таква милост кон нашиiо народен iазик требит да имаме и ниiе, ако сакаме да останиме верни на дуот на нашите предедовци. Милоста кон народниiо iазик iет наш долг и наше прао. Ниiе сме должни да милуаме нашиiот iазик, зашчо тоi iет наш, исто така, као шчо ни iет наша таткоината ни. Првите гласои шчо и имаме чуено, сет гласоите на нашите татковци и маiки, гласоите и збороите на нивниiот народен iазик. "
(Извадок од ,,Неколку зборои за македонцкиот јазик" од ,,За македонцките работи"-Крсте. П. Мисирков

Крсте Мисирков по 1903-та

Знам, ќе ме ломат, и ќе ме сломат!
Силните секога се и прави и груби –
Туку најгрдото поглавје од мојот роман
ќе носи наслов: од свои убиен!

Ко сеништа ќе облетуваат крај мене,
ќе колват ко мршојади, кобно ќе грачат,
грижливо ќе ми сплетат трнов венец
и ковчег скапоцен приживе ќе ми порачаат!

Еј, век, испошаран со лути рани!
штом се судираат зборот и мечот нема дилеми –
Устата пепел наполни ја, камен стани,
јади го срцето полека и гледај вземи.

Ножот е нож, штом ти се готви нема шега,
функција тој е на доброто, но интимен со злото –
Ех, болка дива в срцето молска, стега,
кога на правдата се зарие до дното.

Сал еден потег доста е да е закана.
Галабу бел на моите македонски мисли, летни!
Железо ѕвецка, им светка метален сјај в рака
На неколкумина безочни и неприветни.

Оган ја вжарил мислата, таа е крик што јачи:
жив си $ нужен на татковината, гробови има доста!
Бидејќи за да значиш подолго треба да зрачиш
и трајна трага да оставиш!

И знај, до целта патишта има многу,
по еден или друг, до неа секако ќе втасаш,
затоа, со идеалите никога не се збогувај,
тие и поразените ги красат!

Та, што е поразот? Миг само! А идеалот – вечност.
Високо челото! Високо знамето на своите визии!
Вистината се провира низ противречности
за да се облагодари низ ризик!

Гане Тодоровски



No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...