Saturday, November 14, 2015

Си било еднаш едно дрво (прв дел)

Прв дел од првонаградениот расказ на Филип Димкоски на конкурсот за продолжување на расказот ,,Еврејчето Шами" од  битолскиот автор Владимир Костов.

(прв дел)


Ете така е во животот. Животољубците се одликуваат со чесност, а таа чесност и искреност со која живеат им овозможува се да пребродат и пак да живеат. Од пепелта во Треблинка никнааа цветови и дрвја. На тие дрвја застанаа две гугутки. Токму онакви, сиви со црно под вратот. Баш онака забележително, како што е истетовирано на рацете на Мара и Шами. Сите дрвја и цветови во Треблинка беа бујни и убави. Чудо, ете. 

Од пепелта таква убавина да изникне. Чиниш, душата човечка и човечката енергија во дрвјата и цветовите се вселила. А дрвото на кое кирилично стоеше напишано, името на кучето Арпад е најубаво. Можеби и не е. Ама за Мара и за Шами, тоа е најубавото дрво. Тоа не е само дрво. Споменик е тоа. Споменик  за храброто и верно куче Арпад што ги бодреше да истраат и Мара и Шами, а спаси и човечки живот. Од смрт го спаси германецот Вернер Браун.
Стоеја пред дрвото Мара и Шами. Мара ги подаваше рацете кон гугутките што си гугуткаа во крошната од дрвото.  

Шами стоеше, така, замислен, простум. Мара го сврти погледот кон Шами. В очи се погледнаа. Очите на двајцата им беа полни со солзи. Плачеа. Плачеа долго. Липаа и дури потскокнуваа. Очите им поцрвенеа како крв. Крвта им удри во главата. Им црвенеа и ликовите. Низ плачот се си кажаа. Ја исплакаа сета своја болка што животот им ја зададе уште од раѓање. Немаше зборови, немаше разговор. Туку само плач, солзи, збревтано дишење. Тоа кажуваше се.

По долгото плачење во кое преку солзите зборуваа и си кажаа се, сите свои маки, двајцата млади убави и вљубени се смирија. Издишаа мирно. Повторно не зборуваа. Толку врева стори нивниот живот што изгледаше како да се заситиле од зборување. Се милуваа со погледите што меѓусебно си ги испраќаа.
Се гушнаа и долго, долго стоеја така, под дрвото во градината на Треблинка.
-Време е да тргнеме-вели Шами.

-Така е. Долг пат не чека за назад- се согласи Мара.

продолжение ќе можете да прочитате утре (недела, 15 ноември 2015)


No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...