Sunday, April 24, 2016

Душа розова

Некогаш јас сум само душа,
која распослана насекаде минува,
и низ неа минува сè
сокровиште è
на мирис и звук, на трепет и цвет.
Душава моја посегнува по една крошна
која прави облак од цветови
и еден цвет откинува,
во себе го вселува.
на цветот замирисува,
од сите рани се исцелува.
Тој мирис на вишните цветни, пролетни
тој секогаш е во мене,
а некогаш не го мирисам...
До мене доаѓа сал како воздух затоплен,
но не го чувствувам во ноздрите
оти со други мириси е потопен.
Тие мириси нему, место не му даваат
Го загаснуваат.
А тој е нежен...
Тој е таков...мек, галежен.
Ех...тој мирис на цветовите вишнови.
А бојата...Еее бојата.
Кога розево-белите цветови
ги гледам и ги милувам,
јас нив сосе боја, сосе мирис ги откинувам
и ви реков:
В душа цветовите ги вденувам
розевината в очи ми се вгнездува,
низ розевина го гледам животот,
мирисам, допирам, галам, гледам..
Животот е розов.
Вишните во овоштарникот
најубавите крајолици ги прават
наутро со свежец-роса се будат
на зајдисонце-сјаат.
Тоа се слики мигновни за очите,
но мене в душа ми траат.
Вишните гранките ги нишаат
и знаат,
дека ги сакам
им ги бакнувам пупките
ги мирисам и секој ден ги гледам
ги топлам пупките со усниве,
ги топлам цветовите со здивов
и од љубов тие венуваат
и од цветовите исушени
зелени плодови се јавуваат
и растат.
Секој ден осветлени од сонцето
се наголемуваат
ден по ден
па зацрвенуваат
и од тогаш-чекање...
нетрпеливо пекање,
по вкусот, по кислината,
по пукотот на кожичката,
по сокот што се процедува низ забите...
Ах, вишните, ветките,
вишните, белоцветните.
Од пупка до плод,
уште едено дадено дознаење
за магичноста на раѓањето
за чудноста на постоењето
за убавината на живеењето.
Додека последните пролетни денови да дојдат,
кога грст вишни в уста ќе ставам
и сокот пурпурно-црвен в грло ќе ми протече
во мене енергија нова ќе дотече,
јас со пролетни мириси
од вишновите цветови
душава ќе ја замирисувам,
ќе ја кадам,
восклици од радоста на денот ќе крадам.
Автор: Филип Димкоски

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...