Sunday, April 14, 2019

Божјиот глас




Лисјето од ветер поддувнати шумолат,
гранките се виткаат – крцкаат,
дождот удира врз лисјето тие плускаат,
штурците се огласуваат – свират,
секоја тревка знае кога да шушне
секоја птица знае кога да пее,
а кога другата птица да ја слушне.

Звуците слеани
во олимпска симфонија
печат се семоќен
на космичката хармонија.

И сите тие милиони звуци,
и сите тие творци на звукот,
знаат во кој миг да здивнат,
сосема да се угасат,  да стивнат,
да ја остават во немост дивината,
да ја слушнат најмоќната – тишината.


Се знае:
кога тишина, кога звук.
Потоа тие се испреплетуваат
и двата сојузника
создаваат музика.

Научувам:
Колку треба да молчам
пред уста да отворам,
колку треба да слушам,
пред да пејам и проговорам.

Ќе научам:
Да фатам ритам со природата,
да сум созвучје со акордите на одата,
да знам кога сум гласче,
кога – глас, кога – гласиште
во праизворната полифонија,
јас само да ја надополнам
божествената мелодија.



 Филип Димкоски


No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...