Sunday, April 14, 2019

Повик




И ако под земjи пропаднеш,
има еден ритам
што ја разорува тишината
и те крева до вишнината.

Од тој ритам на срцето
во градите му е тесно,
станува врело, пламено и бесно.

Распослано е тоа тогаш,
од долини до планини,
вришти и чука
во седум осмини.

Во грлото кога
песната од чукундедо ја слушаш,
илјада кавали свират,
тропаат в душа,
дајриња и тапани
ги будат сетилата заспани.

Слушаш ќемане – срце да ти застане,
тарабука и тамбура – во тебе  бура,
глас на зурла – возбудено урлаш,
па двојанката, па удот, па шупелката
па украсот – на гајдата писокот,
а од тебе на постоењето врисокот.



Во гласот на пејачот,
во чие грло сто славеи пеат,
го сеќаваш духот на минатото,
со предците разговараш,
умираш и пак се раѓаш.

Пулсираат низ тебе
и саклетите и касметите,
и благословите и клетвите,
и виденијата и сочиненијата.

Кандила ти се палат во очите,
снагата ти се наежува,
морници од ритамот те лазат,
ти дожежува.

Немоќен си да доискажеш
што ти се случува,
од тој ритам  што те возбудува
и ти намнисува
дека:
Само она што в срце го носиш,
само тоа си ти,
тоа сум и јас,
и од мене, и од тебе дел  е
тој исконски глас.

Филип Димкоски

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...