Wednesday, October 12, 2016

СРЦУЛКИ -Борче Панов

Од поетската книга „Поетски тишини“

СРЦУЛКИ

Најголемата лубеница од бостанот, дедо ќе ја донесеше, и на половина - во две тепсии ќе ја исечеше - едната за децата, другата за возрасните, и ќе ни речеше - кркајте од срцето на летото.

Среде бостанот, плашилото облечено во облеката на прадедо стоеше. Баба ќе ги собереше семките на крајот и со нив џебовите на прадедо Тодор ги полнеше, велејќи дека сите убави нешта доаѓаат од небото.

И денес се сеќавам на имињата што на семките им ги даваше: црнилки како ирис, ѕвездочелки, оти си ги лепевме над веѓите - за да гледаме и ноќе, ѕрнѕурки - да не бидеме сиромашни, злапки - за млечните заби да ни ги заменат здрави заби, зјајки - да бидеме ко цвет отворен за сонцето, ил жолто клунче од јавриите на ластовичките, ѕуници - за да бидеме црвени во образите како шумски јаготки , чакарески - за да не се родиме со шарени очи и срцулки - за да имаме срца со кои сите ќе не сакаат како семки начичкани околу срцето на лубеницата .

Внимавајте, најубавите лубеници, пред изгрејсонце - од млечното видело на зорнината, се откинуваат. Тогаш, од ноќта, со сите ѕвезди на небото, се раѓа денот во кој за секого ќе има место околу трпезата на сонцето. Еден ден и мене ќе ме подигнете над бостанот со сите семки со кои ќе се раѓате и живеете - ни велеше дедо, вадејќи ги засушените семки од џебовите на прадедо...
Борче Панов


No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...