Tuesday, October 4, 2016

Српската писателка Алексиќ-Станојловиќ, гостува во Прилеп

Стихозбирките „Ода за Орфеј“ и „Ораница“ од српската писателка Снежана Алексиќ-Станојловиќ ќе бидат промовирани в сабота на 10 октомври, со почеток од 19.00 часот, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.

„Ода за Орфеј“ е книга што доживеа дваесетина промоции во Србија, Македонија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, а минатата година ја доби високата награда „Стојан Христов“ што ја доделува Агенцијата за иселеништво во рамките на Струшките вечери на поезијата. Издавач е ИК Феникс од Скопје, а рецензенти на книгата се Перо Зубац, Васил Тоциновски, Станислава Бакиќ Јоканиќ и Вера Андон. „Ода за Орфеј“ е двојазично издание на македонски и српски јазик.

Деновиве од печат излезе поетската книга „Ораница“ во издание на Банатскиот културен центар и првпат ќе биде промовирана токму во Прилеп. Претствавува прво издание каде рамноправно се застапени македонскиот, унгарскиот и српскиот јазик. Рецензенти на  книгата се Перо Зубац, Васил Тоциновски и Станислава Бакиќ Јоканиќ и Мариа Хабрам.
Перо Зубац смета дека книгата заслужува читателско и критичарско внимание, заради тоа што е јасна во пораките, со мек лирски набој и молитвеност. Мариа Хабрам во освртот пишува дека „Ораница“ е легура на излиени чувства во која авторката ги поврзува љубовта и чувствата во еден безграничен пејзаж.

Васил Тоциновски за „Ораница“ пишува дека таа претставува човечки тестамент кој се пресоздал во поетски манифест.

Станислава Бакиќ-Јоканиќ, пак, во обраќањето кон поетесата, истакнува: Повикуваната моќ на приближување на далечината именувана е со Вардар и Дунав и тоа се две поднебја, Македонија и Војводина, поврзани во песната како во твојот живот.


На промоцијата авторката и книгите ќе ги претстави Филип Димкоски, поезија ќе рецитираат Стефанија Стефаноска, Филип Димкоски и авторката, а во музичкиот дел ќе настапат членовите на КУД „Пере Тошев“. Предвиден е и настап на младиот гитарист Марко Цветаноски.  Настанот е од отворен тип, а гостите ќе имаат необична можност во една вечер да слушнат поезија на македонски, српски и унгарски јазик.



No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...