Thursday, February 25, 2016

Флерт со музиката

Според објавиве блогов ќе ми прерасне во специјализиран блог за впечатоци од музички настапи и концерти. Ама ако. Сите изведувачи што деновиве ги слушам ми оставија толку силен впечаток што побуди желба кај мене да напишам по некој збор за нив.

Ноќва во Факултетот за драмски уметности ги слушав Чалгија Саунд Систем. И пак ежење.

Вокалистката Добрила, малечка во однос на физичкиот изглед, а со гласиштеее бреее!!! Кој може да ја надпее?
Можеби може некој. Можеби може да ја надпее. 

Ама..Таа не пее. Таа води љубов со дајрето и со микрофонот. Како да ви речам дека не чувствувам, кога до реална болка во градите и стомакот ја чувствувам нејзината заљубеност, занесеност, изгубеност, преместеност во некаква друга форма, друга боја, друг простор во чиј центар се наоѓа некоја друга суштина.

Флертува Добрила. Но, не со публиката...таа преку гласот и изразот на лицето, благите насмевки и смрштувања флертува со звуците...

А јас? Јас се растопувам како незамешана страна во тоа умилкување. Да ти е мерак да ги гледаш...како се довикуваат, како се галат и се љубат..Добрила и музиката. И тука. Музиката се вика Добрила, а Добрила се вика Музика. Едно се. Впрочем сите изведувачи и вокалистката и инструменталистите се едно. Со ништо не се купува тој нивен занесен поглед, тоа нивно музицирање. Толку се внесени што станувам дел од нив, дел од она што го пеат. Мислам дека и јас пеам и свирам.

Мене душата ми се распостила, ми се раскинува на безброј делчиња. Јас по настапот на групата Чалгија Саунд Систем секогаш се составувам...Ама секој дел што се раскинал ми се враќа некако поубав, усреќен. И така се комплетирам. Ама за тоа ми треба време.

При настапот а и по крајот, секогаш си го кажувам она: Не ми е страв, да умрам од убавина!

Б Л А Г О Д А Р А М  ДОБРИЛА ГРАШЕСКА, АЛЕКСАНДРА КУЗМАН, БОШКО МАНГАРОВСКИ, ДОРИАН ЈОВАНОВИЌ, ФИЛИП КРСТЕВСКИ.

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...