Tuesday, February 9, 2016

Сара Атанасоска наградена на фестивал во Мостар

 По повод годишнината од смртта на големиот поет Алекса Шантиќ, српското друштво за просвета и култура „Просвета“ од Мостар неодамна го организира третиот интернационален Шантиќев фестивал за деца-поети во овој град.


Од вкупно 860 пристигнати творби од регионот, беа избрани 15 на ученици од Велење, Загреб, Подгорица, Котор, Нови Сад, Белград, Нови Пазар, Тузла... Меѓу нив беше и литературното дело „Нашиот ангел“ што го напиша Сара Атанасоска, ученичка во ОУУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп.

Сара и нејзината менторка, наставничката по македонски јазик Сузана Николоска, како единствени претставници на Македонија, по покана од директорот на фестивалот Горан Косаниќ, отпатуваа во Мостар да ја примат наградата.

- Овој фестивал е една голема, организациски и програмски добро осмислена манифестација, поддржана од Министерството за образование, како и од многу културни и научни институции од Босна и Херцеговина. Воодушевена сум од гостопримството и од професионалноста на директорот на оваа манифестација, г. Косаниќ, но и од целокупната содржина, која понуди и едукативни часови посветени на Шантиќ, како и простор за изразување на креативноста и уметноста - вели наставничката Сузана Николоска.

На младата авторка Сара, која со неизмерна радост ни кажуваше за наградата, за впечатоците од прошетката и од дружбата во Мостар, најголем впечаток ѝ оставил моментот кога секој учесник-поет чита своја лична творба и заедно со цвет ја полагаат на вечниот дом од поетот Алекса Шантиќ.

- Задоволни сме и среќни поради наградата за најдобра носталгична песна. Немаше бариера помеѓу нас и жири-комисијата. Членовите цело време беа со нас, разговаравме и нѐ поттикнуваа да ги откриеме нашите имагинарни светови - раскажува Сара.

Како што поезијата на Шантиќ ги надминува традиционалното и регионалното и пренесува универзални пораки, така и директорот, кој цело време бил во дружба со учениците и менторите, во тој правец го развива фестивалот, сакајќи да изгради мостови од поезија меѓу децата од различни територијални и јазични подрачја.

Сара и нејзината менторка Сузана деновиве се вратија во Прилеп, полни со импресии и еден куп спомени што ќе им ги раскажат на своите блиски. И двете сметаат дека фестивалот во Мостар заслужува да добие уште поголема регионална популарност поради оригиналноста со која се одликува.      

Ф.Д. (објавено во Колибри во Нова Македонија на 9.2.2016)          

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...