Thursday, November 24, 2016

ЧОВЕКОТ И ПРИРОДАТА

Човекот и природата или природата со човекот се совршена хармонија на егзистенцијата. Тие заедно се една неделива целина. Постојат и се движат рака под рака од памтивека. Тоа подразбира обострано разбирање и почит, љубов и доверба, толеранција и соработка. Годините минуваат, времињата се менуваат, па не ретко и нивните релации доживуваат нови трансформации и вредности. Технологијата и глобализацијата заитани пред сопственото време многу нешта превртеле, обезвредниле и секако пеплосале/уништиле. И човекот и природата имаат срце и душа. Тоа ќе рече оти и тие се чувствителни и ранливи. Ги почитуваат и одржуваат своите права и должности. Тие се нивна филозофија и уште повеќе религија на просперитет и зечекореност кон иднината. Интересно е да се види како тој свет го доживува и пресоздава во поезија осуменаесет годишниот Филип Димкоски во Божилак на исконот, стихозбирка што годинава го имаше и своето издание на српски јазик. Во краткиот вовед децидна е пораката: Постојат нешта на овој свет, кои не можат ниту да се допрат, ниту да се опишат, ниту да се насликаат, ниту да се опеат. Тие нешта постојат само за да се почувствуваат, да остават печат на душата и тука да останат. Тие нешта се создадени само за да се ужива во нив и со нив. Безимениот народен мудрец меѓу другото, од сопственото многустолетно постоење често ќе забележи оти некои нешта како да не се за ова сегашно време. Чистотата и чедноста на Димкоски е еден таков исклучителен пример на позитивна енергија кој е во разминување со заитаноста и превртеноста на светот и животот. Но, тој е тука, меѓу нас и активно дејствува и се остварува во својата мисија.

    Субјектот – поет и објектот – природа во своите ред и хармонија се рамноправни соговорници и секогаш притоа нивните позиции се изедначуваат. И едниот и другиот пример ја добиваат истата улога и функција. На тоа упатува и првата песна Сликарот – волшебник. Пред него се сите пејзажи кои ги опфаќа окото и восхитувајќи им се како нешто најмило ни одзема, ни додава, единствена состојба е уживањето. Ѕуницата ги спојува планините, реките и долините. Го полни срцето, ја скротува душата. Тој волшебник/сликар е природата. Секој нов ден од животот е нов предизвик. Со единството на мислата и акцијата поетот се самоидентификува и се вградува во природата со самопризнанието оти ја носиш светлината и топлината, / ни ја подаруваш радоста и убавината. Сам по себе подвиг е новиот ден како можност за осознавање на постоењето. Блескотот на светлината е надеж и спас, но и копнеж, мотив и страст (Изгреј). Поетиката на Димкоски надоградена и проширена со модерниот/современ творечки сензибилитет луцидно го употребува јазикот и певливоста на македонската песнопојна традиција. Како илустрација ја наведуваме третата строфа од песната Небесниот играорец. Потоа пишти, фучи, растура, / потем се смирува, снегот се напластува / Па пак продолжува, в прегратка / им се фрла на гранките / и нив ги витка додека не ги искрши, / и потоа од досада или замор, / ќе стивне и немирот негов ќе заврши. Душата исполнета со нежност се прелеала во Мирисот на пролетта и тие загосподариле со просторот. Доба на нови раѓања, нов живот исполнет со копнежи и очекувања. А животот катадневно се обновува, се шири и разгранува како желба која како таква од семката се пробива низ тврдата земја за да се престори во зелена трева и да ја придобие светлината на денот (Живо бескрај). Навидум за една мала, безначајна тема, за незабележливата трева авторот запишал/напишал химна: Жива е? / Лежи, сува напластена / во меките откоси сено / во старата селска плевна / и мирисите нејзини / иако безживотен сок / повторно сите ги пленат.

     Окото гледа и душата чувствува и од тие и такви манифестации потекуваат стиховите за трендафилот, кралот на цвеќињата што расцветал и седнал на тронот (Пак ќе процветам јас) или кога и годинава старото и големо дрво со бели цветови се накитило до врвот (Непоминливата младост на староста). Според возраста на авторот неочекувани се изненадувањата како читателско задоволство со мудри и префинети компарации и манифестации. Во гордото, стасито и жилаво старо дрво се пресоздава човекот кој вишнее, го љуби небото и непоколебливо стои на земја, се сеќава на минатото, се радува на секоја нова рожба (лист и цвет), опкружен со внуци и правнуци. Има весел и исполнет живот, а знае оти ништо не е вечно, но остава да ужива во магијата на еднаш дадениот живот, толку додека трае. Димкоски сопствениот став за функцијата или поточно општествената одговорност на поетот и песната го изразува во Срцевина и Се уште. Едноставно кога не говори за природата душата му ја исполнува тага. Нејзината сила за него е воздух, вода и леб. А јас, пеам за мајката / што животот ми го подари / за природата во моите песни пеам / за мајката што со постоењето говори. Или во втората песна изразувајќи ја безмерната среќа што сеуште е дел од природата, па одејќи исправено и гордо точно знае да го одмери/премери зборот. Спокојството и совршеноста се вековити и лековити води. И тогаш кога е покрај изворот, седнат на брегот од езерото со размисла/дилема каков мир владее во неговите длабочини. Завршната строфа ги разгласува родољубието и поврзаноста со традицијата и континуитетот на македонското колективно историско меморирање. Гледам во езерото, / со убавина е исполнета мојата душа, / како миладиновиот, прличевиот здив да го мирисам, / како нивниот дух да го слушам. // Езеро восхит ми носиш, / љубовта кон творењето расне, / поезијата во мојата душа е ѕвезда, / што ќе свети на небото и никогаш / нема да згасне.

     Земјата е најмоќниот градител и нејзе рамен и нема. Димкоски е човек на сцената и не случајно посебно внимание посветува на артистиката на песната. Стилот е свечен и повишен, како што веќе забележавме химничен. Крикот Те сакам како црковни ѕвона разгласува: Оти природата се со љубов создава / и ние од љубов сме создадени / од љубов постоиме / и само со љубов ќе опстоиме. Таквата намера создава подолги поетски целини создадени од строфи со различен број од стихови. Се користи белиот стих во кој се инсистира за ритам и рима кои ја формираат песната, но тоа понекогаш знае да биде и на ризик за естетската стојност. Сите работи имаат и лице и опачина, па станува збор би рекле, за принцип кој точно го идентификува творечкиот профил на младиот автор. Неговата поезија е систем од чувства. Затоа пее за каменот кој има душа и оти и тој говори и чувствува (И каменот има душа) или се вслушува во Планината (што) шепоти од овчари со стада и кавал. Станува збор за човек и автор кој се залага за активен однос во животот. Ни миг не треба да се остави животот туку така да мине во чекање, зашто она што искрено се посакува и без фамозното чекање ќе дојде (Чекање). Филозофијата извлечена од Витезот на глутницата инсистира за слободен и среќен човек, самостојна личност, достоинствен и чесен субјект. Го напуштил чопорот и сега волкот самјак сам лови и се брани нападнат од сите страни. Потомците ги учи на храброст и сила, за тоа дека слободата е прескапа, но не и недостижна. И во последната, завршна песна Плачат посветена на човекот, опоменува човекот малку да застане. Не смее да бега од мајката што го создала, од природата што му го дарувала животот. Само таа ја создава смислата на неговото време, ја изгуби ли, се изгубил самиот себе. Всушност Божилак од исконот е враќање кон трајните вредности во човекот, времето и просторот и актуелизација да се биде и опстојува како човек во превртената реалност и обезвреднетите стојности на егзистенцијата. Животот е еден и нема друга можност за корекции на недоразбирањата, недоумиците, грешките и гревовите.

Проф. д-р. сц. Васил Тоциновски

No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...