Saturday, December 12, 2015

Боемијата

(Кон настанот ,,Поезија и вино" во чест на Гане Тодоровски)


И така, во четвртокот,  големата поетова душа, не собра на едно место. На едно место  каде дишат спомените, од дружбите, од стиховите, од ласкањата, од пцовките, каде дише битисувањето во една поинкава, пожива димензија.

Го чествувавме Гане Тодоровски, на настанот наречен ,,Поезија и вино" во рамките на манифестацијата ,,Ганеви денови"




Покрај сите мрачности на денешницава, душата на Гане, која е вечна, собра писатели, универзитетски професори, актери, новинари, ликовни уметници, пејачи како и неговото семејство. Тој беше мотив да се опуштат мислите и да се плови низ емоциите, да патува душата по други светови, срцето да копнее, да го грицка сладок немир и да се даваат знаци дека жив е животот.

Ред стихови од Гане Тодоровски, па ред стихови од неговите присутни колеги  од повеќе генрации изрецитирани во негова чест, па музика...

Ете тој е тој здив на боемија, што имав можност да го осетам, зашто денеска тоа е реткост, особено за мојата генерација.

Боемското живеење, тоа е една цела култура, цела наука, цела приказна... Таа учи да си сладострасник, да знаеш да се препуштиш на страста кон виното, кон жените, кон храната, кон луѓето, кон животот...зашто без страста-нема поезија.

Присуствуваа толку пријатни луѓе, ечеа толку жуборливи гласови, бликаа толку природни насмевки, толку убави упатени зборови во пријатни разговори...Ах, таква и толкава енергија на едно место....Тоа, драѓи луѓе, ви е бомба. Кога ќе ве тресне, таа бомбата...не можете да се составите себе си. Се јавува еден осет...дека телото е распарчено до најситни честички, а душата слободно си шета, насекаде.

Не запали оганот Гане, не разурна ураганот Гане.

Има многу за досикажување, ама има моменти и има зборови, и има чувства, кои не се даваат. Самите тие не даваат да излезат од тебе...И тие си ги чуваш внатре, во себе. Така и јас, овој пат. Само ќе речам: Слава му! Благорани сме му! Со своите зборосокривалишта, наречени песни, си изгради паметник, и си обезбеди бесмртност-тоа веројатно е најголемиот дострел и плод, од уметноста на стихотворењето.



















No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...