Thursday, December 3, 2015

Белград го сакам, кога се буди


Неколку денови пред да тргнам на патување ја слушав песната ,,Серенада за Белград" од Боба Стефановиќ, која започнува со стиховите: ,,Белград го сакам кога се разденува".
И јас го засакав од тој момент зашто Белград во муграта ме пречека.
Околу 6.30 часот, ме пречека мојот пријател и колега, новинарот Драган Радојчин, а веќе во 7.30 бевме на литургија по повод празникот Огнена Марија (Св. велика маченичка Марина).
Типично христијански и православно започна мојот престој во Белград.



По камените коцкички на улицата Балканска стигнавме до Кнез Михајлова. Таму: луѓе, кафулиња, слики, сувенирим допадливи градби, улични свирачи...
Сето тоа го збогатува впечатокот од прошетката по Кнез Михајлова која не одведе до Калемегдан.



Со саканата школска другарка од основно училиште, Анастасија, се сретнавме и шетавме по Калемегдан, придружувани од нејзината братучедка Тијана и мојот пријател Драган.
Двајца прилепчани во Белград, во ист миг, на исто место, заедно. Убав момент. Бесценето чувство.



Со ,,бакине колаче" не послужи сопственичката на ,,Хостел М" каде што бев сместен, а денот го заокруживме со ќебапи во гостилницата ,,Наше море".

Следниот ден следеа Ботаничката градина ,,Јевремовац", прошетка, туфагии и пита од јаболка во ,,Шешир мој" на боемската Скадарлија.

Ушќе, Белградската тврдина, Теразије, спомениците на гаврило Принцип  и нобеловецот Иво Андриќ, Владата, Собранието, Музејот на железничката станица, проетката по Балканска, плоштадот Никола Пашиќ, хотел Москва...


Сите овие места носат поесебен и автентичен момент кој треба да се доживее, а секако деќа тоа ќе се втисне во срцето и во главата. Но факт е дека, секој што ќе отиде во Белград има потенцијална можност да ги види местата што ги видов јас и повеќе од тоа.

Ама, благодарение на пријателот Драган Радојчин имав ретка можност да запознаам една во секој поглед голема и значајна личност.




Се запознав и се дружев со Раководителот на службата за припремање и реализација на седниците на претседателството на СФРЈ, господинот (во вистинска смисла на зборот господин) Будимир Станковиќ.

Човекот има 89 години, а изгледа како да е 2о години помлад. Не прими во неговиот убаво уреден стан.

Меѓу другото, во пријатниот и весел разговор рече:
,,Сакале или не ние (народите од СФРЈ) сме едно семејство. Ние сме органски поврзани и едни без други не можеме".

Господинот Будимир е семеен човек со успешна ќерка и внуци, а во најубав спомен ја има својата почината сопруга Зора.

Планинар е, сака да се дружи, аскитвен член е на неколку здруженија, пишува поезија и проза, а доказ за тоа колку е млад и жив, помлад и пожив од многумина во години помлади од него е фактот што минатата година на 88 годишна возраст ја објави својата прва збирка поезија и проза, насловена ,,Будење за долговечност".

Книгата ја добив од него со посвета, што ми причинува голема радост и сега.


На крајот од вториот ден од  мојот престој во Белград требаше да тргнам за мојата следна дестинација-Нови Сад.
Покрај пријатните разговори, вкусните оброци и напитоци од пријателот Драган и неговата мајка, на подарок добив света вода, сливовица и ЦД со книга од мојот омилен Балашевиќ.

Ми остана само да се поздравам и со убавите впечатоци и подароците да се упатам кон Војводина.

Желбата за повторна средба со драгите луѓе, Ада Циганлија, Авала и Куќата на цвеќињата ќе бидат мотив за повторно да отидам во Белград.



No comments:

Post a Comment

Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот

    ООУ „Круме Кепески“- Кисела Вода, по повод патрониот празник на училиштето, распишува литературен конкурс на тема:     „Делото н...